Жените се срамат од вас

26.10.2016 02:36
Жените се срамат од вас

Жени, трајте, сè ќе биде во ред. Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, според Курир, е една од најсилните женски организации во Република Македонија. Пред неколку дена тие нè почестија со панел дискусија на тема „Улогата на жената во општествениот и политичкиот живот“ на која говореа претставнички од партијата. Посебно место во моето срце го зазедоа двете најистакнати т.н. политичарки Даниела Рангелова и Валентина Божиновска. Нивните говори и осврти на посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ кон развој и подобрување на состојбата на жените во Македонија ме уверија дека место за грижа нема, нема ниту потреси, ниту промени. Жените во политиката се таму каде што беа децении претходно, во скутовите на нивните Лидери Мажи. И така удобно сместени во политички ограден простор, со навалени сонливи чела врз цврстата татковска тупаница на Боксерот и неговите машки роднини, нашите врвни женски политички модели беседеа многу за ВМРО, а помалку за жените. Оти не ѝ се тие потребни на партијата, партијата им е потребна ним. Потребна им е за да се вработат, да се лекуваат, да градат капитал, да напредуваат во образованието, да ги обезбедат своите деца... Токму затоа овие и ним сличните, се „таканаречени“ политичарки. Тие се политичарки додека Груевски не го рече спротивното.

Панелот почна со Даниела Рангелова. Малку политички коректна увертира и веднаш потоа од неа излезе клучното извинување. Ако помисливте дека им се извинила на жените во салата, тогаш грешите. Рангелова во првата минута од своето обраќање им се извини на сопрузите и семејствата на присутните жени во салата затоа што тие посветувале многу време во партијата и во напорите за подобрување на состојбата на жената во општествениот живот. Аман немојте. Како жена, ве молам, олабавете со посветувањето. Дерман немаме од вашите заложби. Откако ни се посадивте во законодавниот дом убаво нè почестивте со многу законски решенија. Повеќе од 500 закони во една година, најголем дел носени по скратена постапка, закони кои удрија врз џебот на жените, нивните тела и права. Конечно, извинете им се на сите жени кои вашите напори добро ги почувствуваа врз сопствениот грб. Извинете ѝ се на жената која со мртов фетус чекаше да си ги исполните идиотските обврски од законот за прекин на бременост. Извинете им се на жртвите на семејно насилство кои немаат пристап до засолништа затоа што шелтер-центрите ни се полни. Извинете им се на сите жени кои ги сведовте на машини за раѓање и професионални субвенционирани домаќинки додека вие си градевте кариера. Оставете ги нивните сопрузи и семејства на раат, и онака сами се справуваат со нив, и во добро и во лошо.

 

Но, добро, секој почеток на свечен чин каков што е панелот на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ има потреба од своја увертира или шлагворт кој ќе ја најави суштинската одредница на наративот. А таа суштинска одредница не моравме да ја чекаме долго. После извинувањето, дојде време за заблагодарување. Повторно, помисливте на жените во салата? Ама не. Ни во лудило бре луѓе. По извинувањето на сопрузите, Рангелова им се заблагодари на Груевски, нивниот Претседател без кој, според неа, не би можеле да зборуваат во свое име. О, Боже, таа сцена на егзалтиран аплауз, стоечки овации, Груевски во фокус, околу него восхитени жени. Само уште малку, уште еден аплауз, само уште едно присуство, само уште неколку луѓе на списоци и можеби ќе ме забележат во партијата, можеби. Рангелова продолжува гледајќи директно во Лидерот, „од вас ја црпиме целата енергија... вие сте ни пример како треба да се работи.“ Убав пример најдовте, сега ми се појасни и резултатите. Црпејќи енергија и угледувајќи се на Груевски, жените од ВМРО-ДПМНЕ и нивните послушнички во Собранието ни донесоа закон за минимална плата од кој ја исфрлија текстилната и кожарската индустрија. Цела источна Македонија, чија работна сила ја сочинуваат жените од текстилната индустрија, ја осакативте оставајќи ги во најмизерни услови, со работно време полошо од она на робовите, работни услови како кинеска фабрика за патики за конечно им ја ускратите и минималната плата. Донесоа закон за прекин на бременост со кој ја отежнаа постапката и ги примораа најмаргинализираните жени своите репродуктивни права да си ги заборават, а своите тела да ги подложат на различни нелегални касапници. Ни кажувавте чии деца ви се подраги, кои од нас се подобни за расплод, колку деца да имаме. Нè учевте да бидеме скромни, да не бараме премногу и да се посветиме на семејствата додека дрпавте безмилосни суми и градевте квази кариери во политичкава паланка. Ги штитевте криминалците во власта додека напаѓавте едни други жени кои се исправија како лицето на правдата во оваа пустелија. Полни ви се устите со разноразни стратегии, одлуки, декларации кои немаат допирна точка со нашите реални животи. Родово одговорно буџетирање. Абе ајде. Појдете, посетете ги текстилните работнички, невработените жени, оние кои печалат чистејќи и чувајќи деца на госпоѓи како вас. Поминете барем ден со нив, оставете ги канцелариите на UN Women. Таму ќе ја видите одговорноста на вашето трошење на буџетот. Таму ќе го видите ефектот од вашите политики, меѓу тие жени кои во 21 век немаат ниту матичен гинеколог.

Сепак, за целата атмосфера да може убаво да нè одлепи од реалноста и да нè однесе во светот на вмровските фантазмагории, потребен е драматичниот глас на Валентина Божиновска. Откако помина фази на двоумење кон кој Лидер на ДПМНЕ да се приклони, Божиновска ја избра победничката карта. Па, како добар пример за жена во политиката, после сериозни маневри од еден партиски клан во друг, доби функција на директорка на комисијата за односи со верските заедници. Со вака успешна политичка кариера, на панелот на Унијата на жени, достојно ја претставуваше партијата од нејзините почетоци до денес, осврнувајќи се на состојбата на жената во ВМРО-ДПМНЕ. Најпрво ги поздрави жените велејќи им дека сите тие се Лидија Македонката, ги поистовети со црква и отворена порта. Ќе сакав да ги коментирам нејзините изјави, дел од нејзиниот говор, нејзините поенти, ама верувајте, бесполезно е. Ќе го оставам само цитатот од нејзиниот говор за да посведочи до каде забегала работата. Со сериозна доза на патос, Божиновска ќе се наврати на нејзините почетоци во ВМРО и жените во партијата тогаш, па ќе рече: „Тогаш сè одеше некако есенцијално, одеше природно, не знаевме и немавме чувство дека тоа да бидете член на ВМРО или жена во ВМРО дека е некаков егзистенцијален проблем, во таа гладијаторска битка и тогаш и сега кога и во Европа и во Светот се поставува едно реално феминистичко прашање за кое јас лично не сум првирзаник и нашата партија, ние секогаш сме го чувствувале тоа природно, значи чувството одело како една есенција, како еден истиснат сок одвнатре, значи прво била идеологијата, чувството на националното битие, националниот идентитет.“ Алал вера, драги политичарки. Европските и светските политики за учество на жените на одлучувачки позиции ги исмеавте и ги заменивте со мантри за есенции и природни сокови. Политичката партија ја сведовте на секта, а женската и феминистичката борба за вклучување на жените во политиката на една голема грешка. Не сме ние Света Лидија Македонка. Ние сме лудаци, ние сме комплетни лудаци и лудачи што за уши не ве истргнавме од фотелјите и не ве напикавме онаму каде што заслуживте. Жените се срамат од вас.

Извор: Плусинфо, 18.10.2016

ОкоБоли главаВицФото