Кукавица

26.10.2016 13:14

Не можејќи да го заборави
својот убав брат,
убавата сестра се стори кукавица

 

Кукам со години,
кукам со векови
и никако не можам
да превтасам со кукање.

Само во кукањето
болката ми се одѕива.

Овде насекаде
ко порачано за кукање:
за живите нема место,
а за гробови и кукање
место колку сакаш.

Кукам за да не мислам
дека морам да кукам.

Кукам за моите,
кукам за твоите,
не знам колку браќа
имам за кукање.

Кукам за сите,
кукавичини јајца,
не смеам да заборавам
кај сум запрела со кукање.

Не прашајте зошто
за сите исто кукам,
не знам кој заслужил
повеќе за кукање.

Родот не си го знам,
породот не го познавам.

Кукам и се греам
на црните солзи,
на црното сонце.

Црна и јас таму
на сувите гранки.

Во водата се гледа
дрвото на кое стојам,
но не и моето кукање.

А нема поширока земја
од оваа за кукање,
одовде најдалеку
се слуша кукањето.

На куковден ќе заврши
моето кукање.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото