Фотографии кои ја создадоа феминистичката авангарда

27.10.2016 01:44
Фотографии кои ја создадоа феминистичката авангарда

1. Хана Вилке, S.O.S. Starification Object Series, One of 36 playing cards from mastication box, 1975

По повод изложбата „Феминистичката авангарда во седумдесетите години“ која се одржува од 7 октомври 2016 до 15-ти јануари 2017 година во лондонската галерија The Photographers, новинарката од порталот AnOther, Мага Емили Гослинг издвојува пет фотографии кои го одбележаа почетокот на феминистичката авангардна фотографија. Терминот „феминистичка авангарда“ го смисли Габриел Шор, кураторка на изложбата.

Гослинг постави многу интересно прашање за симболиката на одредени социјални движења. Хипиците кои се залагаа за нуклеарно разоружување имаа грубо нацртан симбол на мирот, додека жолтиот смешко е поврзан со рејв културата и нејзината непослушност. Иако феминизмот порано бил поврзуван со озлогласенoто спалување градници, современиот феминизам на хаштаг генерацијата со сигурност има нови визуелни елементи и симболи кои го отелотворуваат, и само прашање на време е кога тие ќе бидат пронајдени.

Сосема е логично да се свртиме кон делата настанати во текот на седумдесеттите години на минатиот век од страна на група радикални жени уметници кои создавале свои визуелни декларации за тоа како е да се биде жена и феминистка.

Овие уметници твореле во период на одржување на најжестоките протести и настанувањето на нови форми на изразување, чии главни општествени прашања биле еднаквоста, граѓанските права и сексуалната политика. Не зачудува тоа што уметничките дела посветени на пропагирање на тие прашања биле провокативни, но не смееме да заборавиме дека тие, исто така, биле и визуелно атрактивни и исклучително интелигентни.

1. Хана Вилке, S.O.S. Starification Object Series, One of 36 playing cards from mastication Box, 1975.

Вилке, со својата серија од педесет автопортрети наречена „starification“, во исто време реферира на гламурозниот свет на ѕвездите, но и на процесите на нанесување повреди и создавање лузни. На своите фотографии авторката ги сатиризира позите на фотомоделите, а притоа по себе има залепено искористени гуми за џвакање, како симболи на нечистотијата и ритуалите на создавање лузни. Апсурдната природа на нејзините реквизити (на оваа фотографија тоа се каубојскиот шешир и очилата), само нагласуваат колку е смешно нивото на објективизирање на женските тела на ѕвездите, додека гумите за џвакање ги покажуваат лузните кои таквата објективизација може да ги создаде.

За време на своите перформанси Ана ги лепела гумите за џвакање на посетителите, ја соблекувала кошулата, а потоа ги враќала назад гумите за џвакање кои ги обликувала во мали вагини.

2. Синди Шерман, Без наслов (Lucy), 1975/2001

Синди Шерман во светот на уметноста e позната како кралица нa костимографијата и автопортретите, а на оваа фотографија го отелотворува ликот на протагонистката од серијата I Love Lucy, Лусил Бол. Фотографијата е дел од серијата на Синди Шерман „Лусил Бол“, и е значајна затоа што тоа е нејзината прва филмска фотографија.

Костимирањето и глумењето фиктивни ликови отсекогаш биле нејзин начин на изразување. Во интервју за New York Times Синди вели дека облекувањето во други ликови уште за време на студиите за неа претставувало одреден вид терапија.


3. Вали Експорт, Tapp Und Tastkino,
1968

Tapp und Tastkino или Tap and Touch Cinema е проект започнат во шеесетитте години кој поимот кинематографија го проширил во интерактивно искуство, а на тој начин и во отворено феминистичка сфера. Откако наполнила 28 години, Валтруд Холингер го променила името во Вали Експорт (да, така се пишува!), и сето тоа за да се истакне во машкиот свет на виенските Акционисти, односно на сцената на уметничкиот перформанс.

Земајќи го презимето Експорт ги избегнала фалоцентричните конотации и наместо тоа испратила провокативна порака за популарниот бренд цигари. Како истапување против модерната технологија и потрошувачката култура, во склоп на Tapp und Taskin, уметницата го користела своето тело – на градите носела мало „кино“ и од припадниците/припадничките на јавноста барала низ малите завеси да го допрат нејзиното голо тело. Така ги принудила да ја доживеат како живо телесно битие, а не само како некоја дистанцирана женска фигура на сцена.

4. Мери Бет Еделсон, Some Living Amerikan Woman Artists/Last Supper, 1972

Овoj колаж е дел од серијата насловена „Death of the Patriarchy“, и се смета за едно од најважните феминистички уметнички дела. Нагласувајќи го фактот дека културата и религијата немилосрдно ја бришат жената од своите наративи, Еделсон ги залепила главите на уметниците како што се Ненси Грејвс и Џорџија О’Киф, на машките протагонисти од сликата „Последната вечера“ на Леонардо да Винчи.

5. Лин Хершман Лисон, Roberta Construction Chart#1, 1975

Уметницата често себеси се користела како платно на кое го истражувала идентитетот и идеите во женските улоги во општеството. Во серијата „Роберта Бритмор“, која ја создавала од 1974 до 1979 година, Лин ја преземала улогата на стереотипните „совршени“ американски жени. Ликот на Роберта не го создала само со носење на периката и нанесување на шминка, туку создала цел еден идентитет кој вклучувал кредитни картички, возачка дозвола, па дури и писма до психијатар. Ова уметничко дело е релевантно и денес во свет во кој идентитетите не се самоевидентни, туку дигитално се конструираат, и токму вакви преиспитувања на стварноста и автентичноста на сопствената личност се потребни повеќе од кога било.

Галерија The Photographers има изложено над 150 дела од виенската колекција Verbund, а меѓу нив ги претставува и делата на 48 меѓународни уметници. Освен големите имиња како Вали Експорт, Синди Шерман, Франческа Вудман и Марти Рослер, изложбата ги прикажува и делата на Каталин Ладик, Нил Јалтер, Бирџит Јургенсен и Сања Ивековиќ.

Извор:www.anothermag.com

Слични содржини

Фотографија / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Фотографија
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Gif / Теорија / Историја
Фотографија / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото