Бомбите на Слободан Богоевски

27.10.2016 13:27
Бомбите на Слободан Богоевски

Интервјуто кое Слободан Богоевски вчера го даде за Телма предизвика големо внимание и ја разбранува политичката сцена кај нас. Богоевски во интервјуто, меѓу другото, кажа и дека Јордан Мијалков работел за српската тајна служба, дека бизнисменот Кондаминас го држел Никола Груевски во џеб и дека Сашо Мијаков бил приведуван за трговија со дрога.

Пренесуваме неколку реакции по интервјуто.

 

Сашо Орданоски
Тоа што го кажа Богоевски е спектакуларно за македонската јавност

-Поранешниот директор на УБК, Слободан Богоевски, кажува работи кои некои од нас ги знаеме, но не може да ги кажеме бидејќи тој ги има доказите за тоа, познато е со што се занимава семејството Мијалкови, и таткото и синот, но убаво е да гo чуете тоа од човек кој има документи за тие работи.

- Богоевски тоа што го кажа е спектакуларно за македонската јавност, упатените знаат и многу повеќе детали од тие што вчера беа кажани. Има уште многу да се каже за тоа кои се Мијалкови и кој е Груевски, и сите тие информации се скандалозни. Меѓутоа, поради тоа што многу од тие работи нема каде да се објават и не можат да се докажат без сведоци и соговорници тешко е да се изнесат на начин на кој тоа го направи Богоевски. Ова во секој случај беше едно историско интервју, за тие што сакаат да сфатат за што станува збор, многу работи се кажаа.

Павле Богоевски
Слободан Богоевски вчера направи нешто што требаше одамна да се направи

Зошто мислам дека вчерашната Топ Тема е едно од најдобрите парчиња телевизиска програма што сме го гледале последните години?

Бидејќи Слободан Богоевски вчера направи нешто што требаше одамна да се направи. Целата наша „политичка криза“ и владеењето на фамилијата го претстави како што е - како кривично правно и криминално, а не како политичко прашање.

Како до сега не ни е јасно? Овие криминалци, овие, буквално, мафијаши - немаат место ниту на политичката сцена, ниту во политичкиот дискурс во нашата држава. Нивите имиња не припаѓаат во историските учебници или на избирачките листи, тие припаѓаат во судските записици и казнените евиденции.

Каков патриот е Груевски, кога станал премиер бидејќи бил во џебот на Кондаминас? Кога со криминалци се договара за нашето име?

Каков шеф на тајната безбедност е Мијалков, кога единствено претходно искуство со полициските служби му било кога се обидувал да ги избегне при вршењето кривични дела? „Кога шефот е таков, правилата не важат за ниеден надолу. Се криминализира институцијата“.

Каква партија била ДПМНЕ, штом „нашата влада е целата обвинета како злосторничко здружение... тоа е фамилијарен клан на криминална организација“?

И за крај, мојот омилен дел: „Доколку овие луѓе што поскоро не ги снема, јас се сомневам дека македонскиот народ и држава ќе опстанат. Ние сме на бездната на постоењето поради вакви криминални банди“.

Бранко Тричковски
Богоевски

Им препорачувам на луѓето од Бихаќка да ги фрлат патетичните, ултрадемагошки тралалајки од планови за чист воздух, до планови за плати плус, човекови права, шестметарски јахти за секој човек постар од шест години, демек, за убав живот и да го земат излагањето на Слободан Богоевски на Телма како основа на својата политичка битка за спас на Македонија воопшто, во таканареченото предизборие, посебно!

Ако битката им е за спас, ако не, тогаш-ништо!

Ида Протугер Вељковиќ
Груевски го нема потпишано договорот за ОКТА

Сега дури го изгледав интервјуто со Богоевски. Ги одра од што ги соголе :) Но има еден факт што е погрешен. Груевски го нема потпишано договорот за ОКТА. Не чувам главно ништо од тоа што сум пишувала, освен последниве години, но Договорот за ОКТА е еден од ретките што ги чувам затоа што многу пишував за тоа и го симнав од веб страната на Владата на Груевски во 2006, кога ги објавија и Договорот за ОКТА и оној за ЕСМ, но потоа кога го дадоа аеродромот под концесија, ги симнаа сите договори и својот, се разбира, го сокрија од јавноста, допрва ќе се дознае и за тоа. Е сега, за ОКТА. Богоевски има право дека Груевски како министер за трговија им направи неверојатно добра услуга на грчки Хеленик, поточно ЕЛПЕТ Балканика кои ја купија рафинеријата, но не со потписот врз купопродажниот договор. Кога ЕЛПЕТ Балканика ја купи рафинеријата, Македонија како држава имаше веќе договор за екслузивен снабдувач за потребите на државата да биде компанијата на Мамидакис, Мамидоил - Џетоил. Откако Хеленик ја купи ОКТА, за нив беше непрофитабилно да имаат рафинерија во Грција, а да купуваат нафта од Мамидакис и наместо Хеленик да ја крши спогодбата, Груевски во име на Македонија потпиша дека од сега, ОКТА ќе може да си купува и препродава нафта од својата мајка компанија во Грција. Освен неверојатен профит за Хеленик, Груевски ја оштети државата за 13,5 милиони евра, колку што меѓународниот суд во Париз пресуди дека писмото со негов потпис го оштетило Мамидакис и се разбира, штетата ја плати Македонија, а со тоа писмо пред камери мафташе Стевчо Јакимовски, министер за економија во тогашната влада на СДСМ кога беше објавена пресудата. Сега Стевчо веројатно го крие документот :)

Инаку, Договорот за купопродажба на ОКТА што не можам да го постирам бидејќи е во PDF, е потпишан од Борис Стојменов како министер за финансии и Марјан Ѓорчев како директор на Агенцијата за приватизација и натаму анексите се потпишани од истиот Стојменов и наследничката на Ѓорчев, Слободанка Ристовска, поранешна директорка на Агенцијата за приватизација.

 

Слики: Александар Дојранлиев