Здодевноста е добра за децата, но и за возрасните

28.10.2016 11:34
Здодевноста е добра за децата, но и за возрасните

Од книги, уметност и спорт, до Ајпaди и телевизија, многу родители прават сѐ што можат за да ги забавуваат и образуваат своите деца. Но, што ќе се случи ако децата се оставени да се досадуваат сами со себе одвреме-навреме? Како би влијаело тоа на нивниот развој?

Почнав да размислувам за здодевноста и децата, кога го истражував влијанието на телевизијата на способноста за раскажување на децата во 1990-тите. Изненадена од недостатокот на имагинација во многу од стотиците приказни кои ги прочитав, напишани од 12-годишни деца во пет различни училишта во Норфолк, се запрашав дали тоа е делумно ефект на гледањето на телевизија. Откритијата од претходно истражување покажуваа дека телевизијата навистина ги намалува имагинативните капацитети на децата.

На пример, големо истражување спроведено во Канада во 1980-тите, како што телевизијата постепено се проширувала низ државата, ги споредува децата во три градови – еден во која има четири ТВ канали, еден со само еден канал, и еден без телевизија. Истражувачите ги проучувале овие заедници во два наврати, токму пред еден од трите градови да добие телевизија за прв пат, и повторно после две години. Децата во градот кој на почетокот немал телевизија имале многу подобри резултати на тестот за поразлично размислување, што е мерка за имагинативност. Потоа, кога имале телевизија, нивните способности се намалиле на нивото на другите деца.

Очигледниот задушувачки ефект на гледањето телевизија врз имагинацијата е загрижувачки, бидејќи имагинацијата е важна. Не само што го збогатува личното искуство, туку е и потребно за емпатија – да се замислиме себеси во туѓите чевли – и е незаменлива за создавањето на промени. Важното кај здодевноста овде е што децата (а и возрасните) често прибегнуваат кон гледање телевизија или некаков дигитален уред, за да не им биде здодевно.

Неколку години по моето истражување, почнав да забележувам дека одредени луѓе кои се занимаваат со креативна професија, спомнуваат дека здодевноста била многу важна за нивната креативност, и во детството и сега. Една од нив е писателката и актерка Мира Сиал. Таа раскажува како се занимавала за време на училишните распусти, гледајќи низ прозорецот во руралниот пејзаж и правејќи разни нешта надвор од нејзината „вообичаена сфера“, како учење да прави торти со сосетката. Здодевноста ја натерала и да пишува роман, а тоа придонело за нејзината авторска кариера. „Многу е ослободувачко, да се биде креативен за ниту една друга причина освен тоа дека слободно управуваш и го пополнуваш своето време“, вели таа.

Слично, добропознатиот невронаучник Сузан Гринфилд вели дека имала многу малку што да прави како дете, и поминувала многу време цртајќи и пишувајќи приказни. Ова станало показател за нејзината подоцнежна работа – научно проучување на човечкото однесување. Таа сѐ уште избира хартија и молив, наместо лаптоп и патување со авион, и им се радува на времињата кога сѐ било поограничено.

Спортските, музичките и другите организирани активности дефинитивно можат да придонесат за физичкиот, когнитивниот, културниот и социјалниот развој на детето. Но, на децата исто така им треба време за себе – да се исклучат од бомбардирањето на надворешниот свет, да мечтаат, да ги негуваат своите мисли и преокупации и да ги откријат личните интереси и дарби.

Не треба да имаме особен креативен талент или интелект, за да имаме придобивка од здодевноста. Само да му дозволиш на умот да одлета одвреме-навреме е важно, се чини, за сечија ментална добросостојба и функционалност. Едно истражување покажува дека ако учествуваме во некоја активност која не бара многу внимание, умот кој ни скита има поголема шанса да смисли креативна идеја и решение на одреден проблем. Затоа, добро е за децата да добиваат помош при учењето за да уживаат во процесот, а не да пораснат со очекувањето дека треба да бидат постојано активни и да им е постојано забавно.

Како да се справите со дете на кое му е здодевно

Родителите често се чувствуваат виновни доколку децата им се жалат дека им е здодевно. Но, всушност е многу поконструктивно да се гледа на здодевноста како на можност, отколку како на дефицит. Наместо тоа, на децата им требаат возрасните околу нив за да сфатат дека за создавањето на нивното хоби или интерес треба простор, време и можност да се направи неред (со граници, и да биде подоцна исчистено од самото дете).

Ќе им требаат и материјали, но не мора да бидат софистицирани. Едноставните нешта се често повеќенаменски. Сите сме слушнале за дете кое го игнорирало скапиот подарок, а си играло со кутијата во која бил спакуван. За повозрасните деца лупа, штици од дрво, волна итн. можат да значат почеток на многу среќни и зафатени часови.

Но, за да се добие најголемата придобивка од потенцијалната здодевност, во животот воопшто, децата треба да имаат и внатрешни ресурси, како и материјални. Квалитетите како љубопитност, издржливост, игривост, интерес и самодоверба, им овозможуваат да истражуваат, да создаваат и да ги развиваат моќите на инвентивност, набљудување и концентрација. Им помагаат и да научат дека не треба да се разочараат доколку нешто не помине најдобро првиот пат, и да се обидат пак. Преку охрабрување на развојот на ваквите капацитети, родителите им нудат на децата нешто со трајна вредност.

Ако на детето му снема идеи, наоѓањето некој вид предизвик може да го поттикне да продолжи да се забавува себеси со својата имагинација.

Повеќето родители ќе се согласат дека сакаат да ги пораснат своите деца во независни инвидуи кои можат да преземаат иницијатива и да мислат за себеси. Но, доколку на тоа дете му се наполни времето, ќе се научи само на зависност екстерни стимуланси, без разлика дали се материјална сопственост или забава.

Всушност, овде има лекција за сите нас. Да се исклучиме, да не правиме ништо и да дозволиме мозокот да ни скита може да биде одлично и за возрасните, и треба да се обидуваме да го правиме тоа повеќе.

Извор: World Economic Forum / Радио МОФ
Фигури на сликите: Дерик Лин