Убод во отровната медуза на ВМРО

28.10.2016 12:35
Убод во отровната медуза на ВМРО

Песимистот, обземен од депресивната безизлезност на неговата перцепција на реалноста, во очај му се обраќа на оптимистот: „Ситуацијата е толку безнадежно лоша, што полоша не може да биде!“ А, оптимистот му одговара со својот ведар тон: „Може, може, уште како може!“ Оваа анегдотска дефиниција на инженерскиот оптимизам во кој ведро отворените очи го согледуваат полошиот исход, совршено ја осветлува суштината на распространетото неразбирање на песимистичкиот и оптимистичкиот пристап во гледањето на нештата. Имено, проширеното неразбирање и злоупотреба на зборовите, за песимизам го смета секое објективизирано, инженерско согледување на реалноста што сурово ги вади на виделина сите нејзини мрачни факти, додека истата заблуда оптимистичкиот поглед на работите го сведува на ведра и победничка психологија што ги минимизира, маргинализира или воопшто не ги прифаќа лошите аспекти на стварноста. Вистинскиот оптимизам, меѓутоа, како оној од вицов, треба да биде способен да го задржи ведриот дух и проактивниот пристап кон решавањето на проблемот и во услови кога јасно ја согледува ситуацијата како многу полоша и побезнадежна од песимистот. Што значи дека кај вистинскиот оптимист витализмот на неговиот ведар поглед кон иднината се реализира токму во неговата поголема подготвеност за борба со злите сили на несаканата стварност.

Е, сега, знаејќи ги разликите помеѓу инженерскиот и верскиот оптимизам, да си го поставиме и прашањето: со кој од нив да се „вооружиме“ во пресрет на декемвриските избори? Прашањето е, се разбира, реторичко – како патерица за мојава тегобна мисла – зашто песимизмот и оптимизмот од каков било вид се суштински вградени во менталната оптика со којашто луѓето ја согледуваат стварноста. Така што, дали е некој песимист или оптимист и дали му припаѓа на верскиот или на инженерскиот тип на овие погледи на светот, е работа што на секој возрасен човек му е веќе даденост, бидејќи оваа оптика не е (лесно) променлива - како диоптријата на очилата - туку таа е дел од самата личност, па човекот низ неа ги поима и ги обликува и сопствените мисли. Но, сепак, ако мора да се одредиме, јас сум за суровиот инженерски пристап, без оглед на приговорите дека објективните сознанија за стварноста – а особено увидот во чудовишните димензии на фашистичкото зло на ВМРО - им ги потсекуваат нозете на луѓето, убивајќи им ја „храброста“ и ентузијазмот. Мислам дека само безмилосно реалистичкиот увид во одвратната стварност што ја генерира тоталитарниот режим на Груевски и неговата ВМРО, може да ги изнедри луѓето што се подготвени да ги употребат вистинските средства во борбата со ова Зло, а тоа, се разбира, се истите оние што воедно се подготвени да излезат решително од својата нормалност, од питомата пристојност, и од покорното и самопотчинувачко почитување на окупираните институции и на злосторничките закони што овие ги генерираат.

Елем, со каков оптимизам да ги гледаме оние сцени од некни, кога обвинителките од СЈО се обидоа да влезат – со нежен чекор на милосрдни сестри – во најтемните и најзлосторничките одаи на Македоња Вечна, во приватното партиско Министерство за заштита на народот и државата на ВМРО (при што мора да напомнам дека во тавтолошкиот назив на министерството се подразбира дека народот, државата и ВМРО се едно исто тело)? Видовме, значи, како дамите од СЈО - единствената легитимна институција во државава што се бори на страната на правдата и вистината – влегоа во Органот за одржување на тоталитарната контрола, мавтајќи шармантно со едно ливче со судска наредба, додека Органот на ВМРО-Вечна врисна, се возбуди и почна да се грчи, како во организмот да му влегло остро туѓо тело. И, видовме уште, како огромното тело на мафијашкиот Орган почна да се засипнува во хистаминска реакција, да отекува и се нафрла со плускавици и да ги исфрла во одбрана своите ботови и покемони, со своите тела да ѝ се испречат на ужасната агресија на застрашувачките дами. Ја видовме понатаму и најистакнатата тројка одбранбени отоци од Органот за заштита на ВМРО, тројца дибеци, што тешко дишејќи, со набрчкани чела и глупи погледи со атропинско раширени црнки, бладаат пред камерите за неверојатната закана што дамите од СЈО ѝ ја нанесуваат на безбедноста на државата. Со стегнати грла и солзи во очите слушавме како овие храбри машки деца морале да отечат, да се надујат и со својата телесна течност и глупа биолошка маса да ја попречат пенетрацијата на слепата правда, ризикувајќи го дури и сопственото распрснување за да ја спасат Вечната Вмровска Македоња од уништување. Драма!

Е, сега, дали сцената од оваа патетична вмровска драмолетка може оптимистички да се набљудува како јасен знак за урушувањето на злосторничкото здружување на Груевски или, пак, како доказ дека институциите на македонската држава всушност не се само под политичко влијание на мафијашкиот шеф и неговата фамилија, туку дека се до распрснување наполнети со малоумна партиска биолошка маса, дека се фактички престорени во ткива и органели на еден мафијашки организам, едно големо отровно тело на зла медуза што ги распослала своите краци и пипалки насекаде? И, дека секое движење на обвинителките од СЈО го боде ова одвратно слузаво, насекаде распослано криминално тело и, предизвикувајќи ги неговите конвулзии, го прави уште повидливо за светот. Суштинската разлика помеѓу инженерскиот и верскиот оптимизам, всушност и не е во самата слика за реалноста што обата ја генерираат во свеста, туку во нивните перформативни капацитети, во решителноста и подготвеноста да ѝ се спротивставиме на зловестата ситуација, па нека е тоа и виртуелно најлошиот исход на нештата. Сметам дека подготвеноста на решителна акција против злото повеќе ја генерира инженерискиот приод кон проблемот, зашто тој секогаш го калкулира и најлошиот исход (заедно со најдобриот), во рамките на реалните услови што ја детерминираат веројатноста тој да се случи.

Што испаѓа ако овој пристап го примениме на декемвриските избори? Да се исполнеа суштинските одредби на Пржинскиот договор, изборите ќе се одвиваа со делегитимираната ВМРО и со судски процесираните криминалци од нејзините редови што ја окупираа македонската држава и што го корумпираа и криминализираа целото општество. Бидејќи овие суштински реформи на тешко корумпираниот општествено-политички систем на земјава не се случија, практично во ниту еден сегмент – и државните органи и судството и медиумите останаа во тоталитарно мафијашка спрега – изборите не може ниту теоретски да бидат слободни, фер и демократски. Не може да бидат ниту регуларни, ниту кредибилни. Како што веќе пишував, најмногу што тие може да бидат се „организирани и мирни“ избори, како и во сите тоталитарни општества. Следи заклучокот дека декемвриските избори се веќе сега нелегални и однапред лажирани од тоталитарниот режим, но нивниот исход може да биде легитимен, доколку победат слободарските и демократските сили. Овој оптимизам однапред подразбира монолитна решителност на сите антифашисти и слободари дека евентуалната лажирана победа на ВМРО – а секоја победа на ВМРО е лажирана! - нема да биде признаена и, секако, подготвеност во таквиот лош исход да се излезе во решителна битка до истребување на злото и возобновување на уставниот поредок. Смрт на фашизмот – слобода на народот!

Извор: Слободен печат
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото