Диме и 40(+1) А(Л)јдуци

01.11.2016 06:03
Диме и 40(+1) А(Л)јдуци

По објавувањето на веста дека дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Сасов, по направените сообраќајни незгоди со службен автомобил побегнал од местото на настанот во јавноста нестрпливо се очекуваа реакциите на ДПМНЕ и на него лично, во смисла на оргиналноста на оправданието за тие постапки. И не требаше да се биде многу интелигентен да се претпостави дека во целата приказна ќе се појави елементот на загрозеност на неговиот живот поради „бескомпромисните политики“ што ДПМНЕ ги води и кои предизвикуваат удар врз корупцијата и криминалот во државата, секако, олицетворени во двете црни лица или архинепријатели на сè што е позитивно и добро во Македонија: СДСМ и албанските гангстери, шовинисти, националисти и... додајте по своја волја некој друг негативен атрибут. Сепак, колку и да изгледаат невешти оправдувањата во соопштенијата напишани од перото на некој помалку талентиран член на одборот за вистини и информирање на јавноста, по својата суштина воопшто не отстапуваат од познатата политика на ДПМНЕ за производство на стравови и митови за која пишував во статијата на овој портал во септември 2016. Имено, ДПМНЕ секогаш кога останува без одговор на реалните случувања во државата, без оглед дали станува збор за погрешни и промашени политики, дали за постапки на неспособните или корумпираните извршители на тие политики секогаш во своја одбрана (секогаш, ама секогаш првата реакција е одбрана, дури подоцна од проценката на реакцијата на јавноста следува некоја благо покајничка изјава и тоа најчесто проследена со додавката дека тие и кога грешат се поправаат, за разлика од другите) го внесуваат моментот на загрозеност на државата од албанскиот елемент кој, секако, во содејство со СДСМ (или под нејзино водство!!!) работи на дестабилизација и разнебитување на карактерот на државата. Иако, овој пат не сум сигурен дали соопштението ќе биде прифатено од страна на членството и поддржувачите на ДПМНЕ или сепак постои граница до која и најубедениот приврзаник е спремен да стави црта под која нечие однесување не може да се објасни никако поинаку освен како обично „аздисување“ на т.н. врхушка која сè помалку се бави со водење на политика за добробит на другите на сметка на политика на свои лични задоволства.

Овој начин на однесување сам по себе го наметнува и прашањето на односот на општеството кон инсталирањето на категоријата на луѓе кои сè уште не си ги поминале сите фази на оформување на личноста за високи државни функции. На пример, во стара Персија аристократските деца од најрана младост се воспитувале да владеат со стекнување на следниве три вештини: јавање на коњ, стрелање со лак и стрела и зборување на вистината. Во нашиот случај ако коњот го замениме со умеењето на возење на автомобил (без да се биде под дејство на алкохол), стрелата ја замениме со вештината за ставање на сопствените квалитети во служба на општото добро, а не лажењето како основна категорија на интегритетот на една личност, Диме и нему сличните не би привириле на ниедно место во државната управа и би биле дел од круговите во општеството кои се интересни за одредени категории на лекари и филмски работници заинтересирани за темите кои ги покрива т.н. филм „ноар“.

Ако се вратиме во нашата реалност, овие игрички може да предизвикат сериозни последици, ако имаме предвид дека партијата/партиите на власт во одбрана дури и на едно обично „брљавење“ на свој висок член (да се разбереме, во нормална држава тој уште во саботата наутро ќе беше бивш член на влада) не се водржува да ги внесе потенцијално високоризичните елементи за дестабилизација на државата, сè со цел на зачувување на имиџот на бранител на „Македонија каква што ние ја замислуваме“ и опстанок на власт.

Со промените кои очекуваме да настанат по 11 декември мораме да воспоставиме јасни критериуми кој може да биде вршител на највисоките државни функции, при што моралниот интегритет, свесноста за ставањето во служба на другите и професионалните квалитети пропратени со доволно стекнато искуство ќе бидат пресудни во изборот на соодветните личности. Само тогаш и во такво изградено општество сите оние кои згрешиле пред законот и се осудени со полноправни судски одлуки без оглед на нивната национална, верска, партиска или каква било друга припадност ќе се наоѓаат на отслужување на својата казна, сите оние кои навалуваат на кој било начин на високи државни функции веднаш ќе бидат земени на одговорност, а сите оние кои од разни причини ќе направат сообраќаен прекршок ќе бидат соодветно санкционирани од сообраќајната полиција. И да, ако возат пијани ќе дадат оставка, а ако се забавуваат со други партнерки од своите брачни, па, тука ако бидат фатени ќе следат некакви поинакви и од други спроведени санкции.

 

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.

 

Слики: Странски служби