Совршено куси раскази

08.06.2010 10:02
Совршено куси раскази

Не сакам да звучам како да си ја имам мувата на капата, но веднаш морам да разјаснам една работа: овие раскази не се пишувани под непосредно влијание на Хармс! Ова го велам од едноставна причина што секојпат кога некој ќе помисли да напише многу мали куси раскази, веројатно, сама по себе, кај читателите се раѓа мислата дека, ете, се соочуваме со уште еден ученик (во најдобар случај) или плагијатор (во најлош случај) на Хармс.

Значи, воопшто не сакам, ниту имам потреба да се бранам, но само ќе објаснам како настанаа овие раскази. Сè започна летото 1988 година, кога во едно популарно тинејџерско списание (Господ знае како се провлекло!) сретнав еден текст за финскиот писател Вере Гагонен. Тогаш, за првпат во мојот живот видов дека постојат толку мали раскази и веднаш се воодушевив од самата идеја дека за да се каже НЕШТО (паметно, тажно, смешно итн.) воопшто не мора да се напишат петстотини страници, туку тоа може да се направи во неколку реда.

Неколку месеци подоцна, за време на војничките денови, никнаа моите први раскази. Истовремено, некако сам по себе, изрони и насловот на (идната) збирка. Потоа, работите си течеа лесно како поточе: додека ја напуштив армијата, веќе имав дваесетина раскази, а за време на студентските денови, збирката порасна значително. Е, дури тогаш го открив Хармс и, се разбира, паднав во несвест од неговата генијалност.

Не знам дали поради Хармс или од други причини, но од средината на 1990-те пишувањето почна да ми оди многу бавно и во следните петнасет години напишав само дваесетина раскази. Ете, толку.


ВОЗДИШКА

Од македонските села останаа само купишта камења, сенките на умрените и по некоја пригушена болка во градите. Само толку и ништо повеќе.


СОВРШЕНСТВО

Човекот може само да си се залажува дека е совршен во однос на мртвата природа. Предметите, како на пример каменот или воздухот, никогаш не умираат. Всушност, мртвите нешта не можат да умрат.


НАСМЕВКА

При секој погреб, во солзите на присутните може да се прочита олеснување, па дури и скриена радост заради сознанието дека, ете, уште еднаш успеале да ја измамат смртта, колку и тоа да е само привремено.

 

МАЈКА

Беше сабота кога умре комшијата Благоја. Неговото мртво тело го положија по средината на собата и околу него се насобраа сите оние што чувствуваа тага или барем потреба да искажат тага.
Додека го набљудував сето тоа, веднаш ми падна в очи дека тагата на мајка му е сосема различна од тагата на другите и дека само нејзината тага е онаа вистинската, најдлабока тага.

Засрамен, ја напуштив собата.

 

САМ ВО ГРАДОТ

Еден ден, кога така, без врска го убивав времето низ градот, забележав дека на ридот, на местото каде што порано спокојно се испреплетуваа куќите, стари и нови, сега веќе нема ништо. Дури, колку повеќе се загледував, ми се чинеше дека и ридот е некако помал, како вовлечен во себе или можеби потонат во езерото. Горе, на врвот, веќе немаше никаква тврдина.
Тогаш, со ужас заклучив дека ова воопшто не е градот што го знам, ниту пак околу мене можам да ги забележам луѓето кои што, кога и да било, нешто ми значеле.

pod pladnevniot dopir,vreme

pod pladnevniot dopir,vreme koe izminalo ili isteklo pod dnoto..
 

Sjajni raskazi se ova, gi

Sjajni raskazi se ova, gi imam doma, i da, nemaat voopshto Harmsovska boja, naprotiv, nekako se sirovo lirichni...
 
Mi se dopagjaat mnogu.

ОкоБоли главаВицФото