Колку глобализација ни е потребнa

08.11.2016 03:03
Колку глобализација ни е потребно

Актуелните дебати за CETA (Comprehensive Economic and Trade Agreement), трговски договор помеѓу Канада и Европската унија, речиси исклучиво се фокусирани на две прашања. Тие прашања се значајни, но не се најважни. Во овој текст прво ќе ги разгледам тие две прашања, а потоа ќе се насочам кон едно поважно: колку глобализација навистина ни е потребно?

Првото прашање во средиштето на дебатата за CETA се однесува на ускладување на националните прописи за животната средина, безбедноста и здравјето. За да се овозможи трговијата во светот во кој трговските партнери применуваат различни правила за заштита на животната средина, здравјето и безбедноста, потребни се процедури со кои тие правила ќе се направат двострано прифатливи. На пример, ако две земји сакаат да тргуваат со пилешко месо, прво мораат да се согласат што е здраво пиле. Многу противници на CETA во Европа сметаат дека европските прописи се подобри од прописите во Канада (или во Америка, во контекст на TTIP - Transatlantic Trade and Investment Partnership), зашто канадските и американските пилиња се сомнителни, ако не и отровни. Тоа би требало да значи дека европските влади повеќе се грижат за здравјето и безбедноста на своите граѓани отколку владите во Америка и Канада.

Таквиот пристап го отежнува водењето на трговските преговори. Освен тоа, не е изграден на факти. Нема причина да веруваме дека европските прописи од областа на заштитата на здравјето, безбедноста и животната средина се подобри од северноамериканските. Ако е точно, тогаш европските регулаторни органи одамна ќе ја откриеја и спречеа недозволената емисија на штетни гасови од европските дизел автомобили. Но, тоа не го направија тие, туку американските власти.

Второто важно прашање во преговорите за CETA се однесуваше на законските процедури за решавање на споровите помеѓу странските инвеститори и државите. Трговскиот договор CETA, како и многу други, предвидува странските инвеститори кои веруваат дека новите прописи за заштита на животната средина, здравјето и безбедноста ги загрозуваат нивните инвестиции можат да бараат постапка за арбитража. Тоа е проблем. Би било подобро во таквите спорови да се прифаќа надлежноста на националните судови, наместо на меѓународните инвеститори да им се дозволува да ангажираат специјални арбитражни судови. Треба да се прифати распространетото чувство дека тоа е неприфатлива дискриминација која им оди во прилог на мултинационалните корпорации. За решавање на споровите подобро е да се потрпеме на националното правосудство. Сепак, имам впечаток дека противниците на CETA (и TTIP) го преувеличуваат значењето на тој проблем кога тврдат дека ратификацијата на трговските договори ги загрозила темелите на нашата демократија.

Поважното прашање што се отвора тука, а не е адекватно разгледано во дискусиите за CETA, е колку глобализација впрочем ни е потребно?

Во својата академска кариера секогаш се залагав за слободна трговија. Слободната трговија беше темел на материјалниот просперитет што го остваривме во повоена Европа. Таа исто така овозможи стотици милиони луѓе, особено во Азија, да се извлечат од екстремната беда и да си овозможат пристоен живот.

Но, се чини дека глобализацијата денес ги достигна своите крајни граници. За тоа постојат две причини. Прво, соочени сме со ограничувањата што ни ги наметнува животната средина. Глобализацијата создаде мошне изразени облици на специјализација. Се разбира, нема ништо лошо во самата специјализација. Таа создаде услови за производство на повеќе материјални добра. Но, специјализацијата подразбира дека стоката патува долго за да стигне до купувачите. Продолжувањето на ланецот вредности што ги овозможуваме со укинување на трговските тарифи значи дека истата стока може да поминува низ многу земји пред да стигне до потрошувачите. Превозот има висока еколошка цена (на пример, емисијата на јаглерод диоксид) која не е вклучена во цената на финалните производи. Затоа нивната цена е прениска, премногу се произведуваат и премногу се трошат. Со други зборови, глобализацијата ги направи пазарите послободни, но тие сè уште не фукнционираат правилно, зашто пружаат поттик за производството што ја загрозува животната средина.

Заговорниците на CETA (и TTIP) се во право кога тврдат дека договорите ќе обезбедат повисок БДП, но забораваат дека растот ќе биде остварен по висока цена за животната средина. Кога таа цена ќе ја одземеме од остварената добивка, прашање е дали балансот ќе биде позитивен.

Второто ограничување се однесува на изразено нееднаквата распределба на добивките и загубите од процесот на глобализација. Слободната трговија создава добитници и губитници. Како што веќе реков, глобализацијата создаде мноштво добитници ширум светот. Најважните меѓу нив се стотиците милиони луѓе кои живееле во екстремна сиромаштија. Добитници има и во индустриските земји. На пример, тоа се оние што работат или се акционери во извозни компании. Но, постои и голем број губитници. Губитниците се милионите работници, главно во индустријализираните земји, кои останале без работа или им биле намалени платите. Тоа се луѓето кои треба да се уверат дека глобализацијата во крајна инстанца ќе биде добра за нив и нивните деца. Тоа не е едноставна задача. Но, ако не успееме да ги увериме, општествениот консензус во корист на слободната трговија и глобализацијата кој некогаш се подразбирал во индустријализираниот свет ќе продолжи да се руши.

Најефикасниот начин за губитниците во индустрискиот свет да се уверат во тоа е зајакнувањето на редистрибутивните политики, односно политиките со кои се врши трансфер на приходите и богатството од добитниците на губитниците. Но, полесно е тоа да се каже отколку да се направи. Добитниците имаат мноштво начини да влијаат на политичкиот процес и да спречат усвојување на таквите политики. Впрочем, од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога глобализацијата се интензивираше, повеќето индустриски земји го започнаа процесот за демонтриање на редистрибутивните политики. Тоа е остварено на два начини. Прво, намалени се стапките за највисоки добивки во системот на даноци на приходите на граѓаните. Второ, ослабен е системот за социјална заштита со намалување на надоместоците за невработените, минималните надници и сигурноста при вработувањето. Сето тоа е направено во име на структурните реформи на кои инсистираа претставниците на европските власти.

И така, додека глобализацијата со полна пареа грабаше напред, индустриските земји ги укинуваа механизмите за редистрибуција и заштита кои беа утврдени во минатото за да им се помогне на оние кои се најдоа на удар на негативните пазарни сили. Не треба да нè зачудува тоа што реакционерните политики создадоа мноштво непријатели на глобализацијата кои сега се креваат против елитите што ги иницираа споменатите политики.

Се враќам на прашањето од почетокот: Колку глобализација ни е потребно? Мојот одговор е дека додека не ја ставиме под контрола еколошката цена на договорите за слободна трговија и додека не ги заштитиме губитниците во процесот на глобализација и престанеме да ги казнуваме затоа што се нашле на губитничката страна – треба да се прогласи мораториум за нови трговски договори. Тоа не е аргумент во прилог на враќање кон протекционизмот. Тоа е аргумент за запирање на процесот за либерализација на трговијата, додека не го решиме проблемот на еколошките загуби и редистрибутивните ефекти на слободната трговија. Тоа подразбира воведување на поефикасни контроли на емисијата на јаглероден диоксид, зголемување на даночните стапки за највисоките приходи и јакнење на системот за социјална заштита во индустријализираните земји.

Извор: Social Europe, 03.11.2016.