Промоција на поетската збирка „Љубавина“ од Ѓоко Здравески

09.11.2016 03:58
Промоција на поетската збирка „Љубавина“ од Ѓоко Здравески

На 9 ноември (среда) со почеток во 20 часот во Менада ќе се одржи концертна промоција на поетската книга „Љубавина“ од Ѓоко Здравески, која излезе во издание на Антолог. 

Настапуваат:

Натали Рогожарова - глас
Слободан Танасковски - флејта
Виктор Танасковски - гитара
Ѓоко Здравески - глас

Во продолжение, пренесуваме две песни од книгата:

 

бездомни

се најдовме во еден друг град
по многу години талкање.

и ти ми рече:
јас ќе одам, ти остани.

и јас ти реков:
ти оди, јас ќе останам.

и после со години
идевме и доаѓавме.

и после се појавија
некои други луѓе
и седнаа на слободните места.

 

 

аşk

живееш насреде распетието.
во четвртата од седумте куќи.
во таа бојадисана зелено.
во таа најчовечката, помеѓу
богот и ѕверот во мене. таму,
меѓу лотосите, си најсигурна.
ноќе ашик-дервиши ти идат
на гости. и почнуваме
да се вртиме во круг. во круг
до осамнување. до исчезнување
еден во друг.