Трамп и Ѓорге Иванов си намигнаа

09.11.2016 14:15
Трамп и Ѓорге Иванов си намигнаа

Скопје/Вашингтон, 9 ноември 2016

Веднаш по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, македонскиот претседател ги испрати своите честитки до Трамп преку намигнување, а новиот американски претседател возвратно му намигна, како знак дека се зацврстува стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД.

„Доналд Трамп си е Доналд Трамп. Американски претседател си е американски претседател. Победа на популист си е победа на популист. Говор на омраза си е говор на омраза. Градење ѕид против мигранти си е градење ѕид против мигранти“, изјави македонскиот претседател Иванов по повод победата на Трамп.

Според резултатите до кои дошол Ѓорге Иванов по обемните политички анализи и истражувања, победата на Трамп не значи дека нешто ќе се смени во односот на САД кон Хунзите.

„Му намигнав на Доналд Трамп како знак дека односите кон Македонија и САД ќе продолжат да се развиваат на едно високо пријателско ниво. Заедничката соработка помеѓу нашите две земји е од големо значење. Знаете, САД имаат територија речиси колку Пакистан, кој има поголема територија од Европа, која пак има население колку Џибути. Или така некако“, поентираше Иванов.

Македонскиот претседател уште сега испрати покана до Доналд Трамп, кој треба да биде почесен гостин на празијадата, пастрмајлијадата, Деновите на оризот, берењето калинки и пеливанските борби во Р. Македонија во 2017 година.

„Очекувам господинот Трамп да ја прифати поканата, а според првичните контакти, на добар пат сме Македонија повторно да ја направиме голема и да отвориме МекДоналдс во неа“, заклучи Иванов.

Слики: Свирачиња