Како Анонимусите, движењето Окупирај и Едвард Сноуден го создадоа Трамп

10.11.2016 10:50
Како Анонимусите, движењето Окупирај и Едвард Сноуден го создадоа Трамп

Врзете се, влетуваме директно во турбуленција, напиша неодамна коментаторот на лондонски Financial Times на крајот од темелната анализа на пазарите во предизборна Америка (САД).

Индикативно за овогодинешните американски избори, инаку мошне сериозната анализа ја вклучуваше и приказната на ирскиот обложувач кој уште минатата недела почна со исплата на оние што се обложиле на Хилари Клинтон, па во очај, откако ФБИ објави дека повторно отвора нова истрага против Хилари, ги затворил книгите и отворил нова рунда обложување каде три дена пред изборите повеќето облози биле за Доналд Трамп.

Истовремено, на другата страна од светот, во Кина, државно финансираниот, но националистички, тврдокорниот кинескиот дневен весник The Global Times објави статија зошто голем број Кинези го преферираат Трамп за американски претседател, и покрај неговата позната опседнатост со Кина како најпогубен конкурент на Америка на пазарите со кои треба да се води тврда политика. За Кина, Трамп е подобар и попосакуван непријател од Хилари, го коментираа кинескиот став големите финансиски медиуми, со својата несмасна политика на кинеската влада ќе ѝ даде одлично алиби за тврдите реформи.

И Саудиска Арабија загрижено ги чекаше овие избори. Моќта на најсилната арапска монархија во голема мера зависи од здравјето на нејзините односи со Америка. Политиката на Хилари Клинтон, иако во голем дел од муслиманскиот свет е изразено непопуларна, носи предвидлив континуитет, само Бог знае што би можело да се случи со Трамп. Токму затоа неговата победа ја исчекуваат тврдокорните фундаменталисти во Иран, кои договорот за нуклеарна енергија, постигнат со администрацијата на Барак Обама, барем привремено ги турна во сенка. Ајатолахот Али Хамнеи веќе најави дека со „Америка нема компромис“.

Да се загради територијата

Русија одамна на свој начин се изјасни за Трамп. Неговиот ексцентрично-енергичен стил и склоноста кон лукави преговори со можноста да се се воспостават некои поавторитарни верзии на водење од САД, се усогласени со рускиот обид за обнова на поделбата на светот од времето на студената војна. Кога ќе се загради територијата, полесно е заеднички да се преговара со останатите, кој и да се најде во таа група.

И покрај тектонските промени на глобалната политика, американските избори, сакале ние или не, и овојпат се најважниот политички настан во светот. Поважни дури и од Брегзитот. Зошто? Прво, затоа што САД сè уште е Америка, најголемата и најиновативната глобална економија и држава од чии трговски, економски и финанскиски интереси зависи рамнотежата на глобалната безбедност, а потоа и затоа што токму на овие американски избори јасно се покажа целата тензија на глобалниот систем кој е на работ на уништување.

Окупирај

Впрочем, предиграта за оваа американска изборна сезона почна уште 2011 година, во третата година од првиот мандат на Барак Обама, со анонимусот со стриповска маска, Гај Фаукс и движењето Окупирај во њујоршкиот парк Зукоти кога на почетокот мала група активисти успеа да иницира глобален бран отпор против финансиската индустрија. Паралелно Џулијан Асанж со Викиликс го уништуваше митот за недопирливоста на светот на високата дипломатија и праведноста на глобалните миротворци, што дополнително ја разбуди политичката алтернатива надвор од Америка, за на крајот привремено да го „успијат“ кога најави дека во јавноста ќе ги објави тајните договори на најголемите светски банки.

Токму тие, Окупирај, Асанж и потоа Сноуден со откривањето на американското прислушување на сите, на површина го исфрлија Доналд Трамп, како кандидат на оние на кои им е доста од денешниот политички естаблишмент, иако е многу веројатно дека токму тој, со својата најавена политика на трди раце, побрзо ќе посегне кон илегално прислушување. Во денешниот контекст на исплашената Америка единствениот што понуди алтернатива беше Берни Сандерс, социјалист од Вермонт, но неговата понуда истовремено беше и премногу лева и сосема неамерикански мека. Заспаниот Асанж се разбуди непосредно пред изборите, не за да го поддржи Трамп, туку за да ја запре Хилари.

Овогодинешните американски избори се првокласен политички настан и затоа што предупредуваат за незапирливата промена на граѓанската перцепција на власта, но и подеднакво опасната незапирлива промена на односот на власта кон граѓаните. Изморени од кризата, исплашени од заканата на тероризмот и под притисок на бранот емигранти, Америка и Европа денес од своите лидери бараат заштита и чувство на сигурност, пред сè. Не само од „надворешниот непријател“, туку и од сопствените, корумпирани елити со предолг живот за кои сметаат дека ги довеле на самиот раб на пропаст. И затоа тие теми станаа исклучително политички важни во сите системи на модерната демократија во она што го нарекуваме Запад.

Дури и службите за безбедност да успеат да ги неутрализираат свиркачите како Асанж и Сноуден и да ја уништат хакерската заедница, промените што тие ги започнаа тешко ќе може да се запрат без остар пресврт кон десно, што самото по себе е радикална промена на политиката.

Извор: http://www.jutarnji.hr