Леонард Коен (1934-2016) - Ние сме налог на стилот

11.11.2016 15:16
Леонард Коен (1934-2016) - Ние сме налог на стилот

***
Еве нè на прозорецот. Големи распуштени откоси дожд се тркалаат низ планината, паради од ветар и виори сребрена трева. Досега се обидував да смислам име за слободата, за денес мојата слобода да го загуби името, како студентска соба која јури кон утрото со сеуште запалено светло. Секој чин има сопствен стил на слобода, што и да значи тоа. Сега ми е заповедено да го контемплирам пирејот, да го обожавам јакиот пиреј што зелен и влажен избива низ ноќта додека белите нишки на корењата ги преземаат броевите на лозовите од виугите на мозочното блато, пропусната површина на светот. Дали знаете дека мозокот се развива од наборите во епидермот? Знаевте? Свилените нишки што паѓаат низ воздухот, подолги од реки, го затскриваат лицето на планината, системите од сплетени кабли и трева. Слободата го изгуби името во име на стилот со помош на кој сè се случува. Исправените стебла, калемите пиреј, подвижните велови од дожд лебдат над набраните планини ‒ а ние стоиме тука на прозорецот. Дали си сега спремна? Дали самиот себе се отпуштив? Смеам ли да повлечам од бокот? Браќа, секој од вас на својот прозорец, ние сме стилот на толкуте пасии, ние сме налог на стилот, ние сме чистиот стил повикан да ги смекне наборите на небото.

***
Една ноќ го запалив саканиот дом
Пламна како совршен прстен
Во кој наѕирам пиреј и камења
И по нив ‒ баш ништо.

Некои воздушести суштества
Од мракот престрашени
Се враќаат да го ѕирнат светот
И да исчезнат во ноќта.

Сега едрам од небо до небо
И сета црнина пее
Во пресрет на чамецот што го склопив
Од отсечените крилја.


***
Кога го платив сонцето да потрча
Потрча тоа, а јас седнав и удрив да плачам
Сонцето на кое ги потрошив парите
Наеднаш се вртеше во круг
Внатре во светот
Толку безначаен


***
Мојата тајна падна на јазикот
Можеше да падне како рѓа
на трактор
Можеше да падне како трип
како мáна
а падна како пијаница
во стапица за слонови
Некои од шилците шепотеа:
Тајните не крварат
Некои од шилците шепотеа:
Тајните кои не крварат
се себични.


***
Беше како куц
троног пес
и вриштеше додека јуришаше
низ магла

Ако си Оган
оган дај ми
пријателу

Избор и превод: П. В.
Цртежи: Леонард Коен
(Од стихозбирката „Паразити на рајот“, 1966)
Коен на Окно

ОкоБоли главаВицФото