Скопјанец со нов рекорд: дишел без прекин 96 секунди!

23.11.2016 11:27
Скопјанец со нов рекорд: дишел без прекин 96 секунди!

Скопје, 23 ноември

Ведран Коцевски, 23-годишно момче од Скопје, е новиот македонски херој кој ги запали социјалните мрежи во земјава и регионот, а за него пишуваат и неколку угледни светски медиуми!

Во текот на вчерашниот ден, овој млад Скопјанец, по повеќегодишни подготовки, конечно успеа да постигне нов рекорд во континуирано дишење во Скопје, од дури 96 секунди!

„Чувството е неописливо, пресреќен сум, се чувствувам како да сум се искачил на Монт Еверест. Им го посветувам успехот на Топлификација, Макстил, возачите на дизел-автомобили и чичко Милан што се грее на автомобилски гуми“, изјави Ведран за Пара вести.

Новиот рекордер ги започнал подготовките пред четири години, а најинтензивните тренинзи ги имал во зимскиот период, кога воздухот во Скопје е најзагаден. Во почетокот, тој не можел да дише во континуитет повеќе од 30 секунди, се закашлувал и морал да го запре здивот за да направи мала пауза од внесувањето загаден воздух. Но, како што ги интензивирал тренинзите, времетраењето на непрекинатото дишење се зголемувало, сè до славните 96 секунди од вчера.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, ќе го награди рекордерот Ведран со печка на пелети и гас маска, со надеж дека овој херој ќе продолжи да се усовршува во оваа дисциплина и во иднина ќе дише уште подолго.

Досегашниот рекордер, Белодроб Плуќарев, почина пред три години на возраст од 34 години, од рак на белите дробови.

Во меѓувреме, Град Скопје уште еднаш ги повтори препораките од минатата година: граѓаните да дишат само кога е неопходно и да не се предишуваат.

Слика: Александар Дојранлиев