За двојазичноста и федерализацијата

29.11.2016 12:52
За двојазичноста и за федерализацијата

Првиот ден по референдумското изгласување на раскинувањето на Велика Британија со Европската Унија, најбаран податок на интернет од страна на граѓаните на Велика Британија бил: што е ЕУ (https://www.washingtonpost.com/news/the-switch/wp/2016/06/24/the-british-are-frantically-googling-what-the-eu-is-hours-after-voting-to-leave-it/, http://www.telegraph.co.uk/technology/2016/06/27/were-brits-really-googling-what-is-the-eu-after-voting-to-leave/, http://fortune.com/2016/06/24/brexit-google-trends/, …).

Ова само покажува колку е лесно да изманипулираш голем број луѓе, кои ќе изгласаат решение кое е директно спротивно на нивните интереси.

Треба само да употребиш одреден број зборови и фрази кои поттикнуваат на револт, да бидеш спремен безочно да лажеш до ниво на потполно отсуство и на траги од вистина, да играш на картата на неукост и глупост на голем број луѓе и да го прогласиш за непријател секој оној кој ќе проба да се спротивстави или да проба да го анализира кажаното.

Токму ова се случува моментално и во Македонија. Пред наши очи. Луѓето се манипулираат и се наведуваат да гласаат против себе и против сопствените интереси. Луѓето се тераат сами да си стават јамка околу вратот и сами да се поткачат на столчето и сами да го бутнат од под сопствените нозе.

Јас така го разбирам атакот на моќната пропагандна машинерија на ДПМНЕ која почна да се пенави над идеите на мултикултурноста и локалната самоуправа.

Во бесното лаење, мултикултурноста се претвора во баукот – двојазичност, а локалната самоуправа станува баба рога која зад грб го крие ножот со кој ќе ја распори државата и сето тоа под плаштот на редефинирање на државата:

Груевски со факти го разобличи Заев околу ставовите за двојазичност и федерализација

 

 

За што зборува Заев кога вели редефинирање на државата?: Двојазичност – федерализација – отцепување

Како некој кој во 1995 година бранел докторат со кој ја промовирал мултикултурноста и го промовирал граѓанскиот наспроти етничкиот модел, чувствувам обврска да застанам во одбрана на идеите на СДСМ.

Јас лично мислам дека ова што денес го промовира Заев како програма на СДСМ претставува показател на зрелоста на партијата на која ѝ требаше многу време да се ослободи од прангите на етноцентризмот и да навлезе во просторот на граѓанското моделирање на државата кое подразбира поставување на индивидуата и нејзините потреби и интереси во центарот на делувањето на државата.

Она што во моментов го имаме е држава во која постојат два паралелни света. Луѓе кои од најмала возраст живеат во издвоени заедници, одат во различни градинки, одат во различни училишта, во различни кафеани, на различни места на собирање. Држава во која луѓето од различните етнички заедници растат без да имаат можност да се запознаат, да се засакаат, да се здружат, да ги препознаат истоветностите и различностите.

Во моментов имаме поделена држава која не е добра за никого. Имаме држава во која во највисокото законодавно тело се зборува на два јазика, во која службениот весник се печати на два јазика, во која документите во министерствата се изработуваат на два јазика, меѓутоа во која граѓаните не можат на шалтерите во целата држава да поднесат барање и на својот јазик, ниту пак можат да ги прочитаат упатствата на производите на сопствениот јазик, ниту да ги добијат информациите поврзани со обврските кон државата на сопствениот јазик, ниту пак да очекуваат дека докторот или медицинската сестра во некоја болница надвор од местото на нивното живеење зборува и на нивниот јазик.

Јас лично мислам дека парламентарците во Собранието мораат да зборуваат на еден јазик затоа што тие ги претставуваат интересите на сите граѓани и на нив е пренесен суверенитетот на сите граѓани. И мислам дека службениот весник мора да биде на еден јазик. И мислам дека секој висок функционер во власта мора да го зборува многу добро јазикот на мнозинството.

Меѓутоа, мислам дека државата треба да промовира најразлични начини кои ќе им овозможат на граѓаните да можат да ги добијат секојдневните информации на сопствниот јазик. Да стимулира лекарите и наставниците и администраторите и сите во услужните дејности да зборуваат колку што е можно повеќе јазици на етничките заедници кои живеат во Македонија. И тоа да биде предност при вработување, нешто што носи поени.

И мислам дека децата треба да се поттикнуваат да ги учат јазиците на етничките заедници кои живеат во Македонија. Од најмала возраст. И да бидат заедно. Од најмала возраст. И да се мешаат. Од најмала возраст.

И мислам дека локалната самоуправа треба да има многу поголеми ингеренции од овие кои ги има. Луѓето да можат да ги задоволат своите потреби и интереси на локално ниво.

Многу е мал опсегот на работи кои бараат унифицирано постапување и учество на централната власт. Тоа се рамки на делување, генерални правци на развој, најопшти вредности кои го детерминираат политичкиот систем. Сè друго е задача на локалната власт.

И полицијата треба да има своја само локална димензија, и социјалата и образованието, и животната средина, и комуналиите, и … Впрочем и самиот закон тоа го предвидува и стимулира.

Секое мешање на централната власт во работите на локалната власт, кое ги надминува потребите на генералното постапување поврзано со промоцијата и заштитата на општите вредности, е неовластено и штетно.

Силната локална самоуправа не создава почва за федерализација.

Почва за федерализација создава моќната централна власт која на највисоко ниво ја дели државата на сфери на влијание, која го дели колачот меѓу етницитетите и која ги сместува граѓаните во нефлексибилни групи оградени со ѕидови.

Силната локална самоуправа создава можност за задоволување на потребите и интересите на индивидуите, за нивна флексибилност и мобилност и за чувството дека цела држава е моја држава.

Во моментов Македонија е неформално федерална држава во која е направена многу јасна поделба меѓу две мафијашки семејства кои ја контролираат целокупната територија. Во моментов има предели од Македонија во кои не се чуствувам како да сум дома и во кои не би отишла без некоја посебна причина.

Секое разбивање на оваа поделба значи загрозување на мафијашките кланови и нивните кревки договори испишани во крв.

Затоа јас го поддржувам новиот пристап на СДСМ, за кој мислам дека предолго созреваше, и остави простор за дивеење на етномафиите во Македонија. Сега е оној последен момент во кој може државата да ја вратиме на граѓаните.

Заради ова, секој напад на идеите поврзани со мултикултурноста и со локалната самоуправа го разбирам само како обид најубавите, најпрогресивни и најкорисни идеи кои можат да го подобрат животот на голем број граѓани да се извитоперат до ниво на непрепознатливост и да им се сервираат на граѓаните како застрашувачки можности кои мораат да бидат отфрлени со цел да се создаде облак од какафонично блаботење, кое овозможува прикривање на интересите на двете етномафии.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња