Погрешна канцеларка

30.11.2016 10:59
Погрешна канцеларка

Ангела Меркел сака уште еден мандат. Оваа вест израдува многу луѓе, зашто им се чини дека води кон исполнување на нејзиното неодамнешно ветување „Германија да биде Германија што ја сакаме“. Но, тоа не е можно. За време на нејзините три мандати Германија и Европа радикално се изменија. Европските интеграции се рушевини, а важните принципи на германската повоена политика веќе не важат. Ангела Меркел е канцеларка на континуитет, а не на промени. Во таа смисла таа и германските граѓани се во постојано недоразбирање. Нејзината последна предизборна кампања може да се сведе на тврдењето: „Вие ме познавате“, но ние всушност не ја познаваме. Таа настапува како тивок водач, но, всушност, од нас се бара да бидеме тивки.

Докторката Меркел има ординација за анестезирање на германското општество. Се оперира дури кога пациентот ќе биде успиен, а нејзини пациенти сме сите ние. Германската социјална држава, европското обединување, односот кон Русија, партискиот систем, сè се промени откако таа дојде на власт. Ако промените се неизбежни, како да се гласа за Ангела Меркел која ветува континуитет. Таа можеби не предизвика промени, но потешко е да се поверува дека ќе може да управува со нив. Како и да е, таа и после 11 години на власт останува голема непознаница. „Секој го гледа она што му го претставуваш, но малкумина забележуваат кој си ти навистина“. Тоа е двојното книговодство на политичката филозофија според препораката на Макијавели. Политикологот Херфилд Минклер во едно интервју нè потсетува дека масата секогаш го следи привидот, а добриот политичар го користи тоа.

Ангела Меркел е канцеларка на привидот. Звучи парадоксално, особено во споредба со Доналд Трамп кој и покрај опипливите факти стана американски претседател. Но, нашата канцеларка не заостанува зад него во измамувањето на јавноста. Во прашање е некаков вид надмена скромност. Својот копнеж за власта го наметнува со идејата за одговорноста. Süddeutsche Zeitung пишува колку ѝ било тешко пред да ја донесе одлуката повторно да се кандидира. Како и во хагиографиите на светците: таа е сама, опкружена само со најблиските и подготвена да се откаже. Тоа е нејзиното искушение, желбата да направи нешто што не му успеало никому – сама да си замине од власта. А, потоа, нејзиниот маж ја предупредува дека не смее да му подлегне на искушението и да се стави себеси на прво место. Најпосле, по внатрешната борба, победува одговорноста. Полека, речиси болно, канцеларката станува и се враќа во битката. Потресно.

Доналд Трамп е господар на лагите, а Ангела Меркел е господарка на скромноста. Двајцата се господари на измамата. Заради нејзиното занемарување на Европа и сè поголемиот социјален јаз во Германија, како и отфрлањето на Русија, веќе плативме висока цена. Но, најлошата последица од нејзините одлуки е колапсот на политичката култура. Со Алтернативата за Германија добивме токму онаква партија чија појава лидерите на нејзината Христијанско-демократска унија сакаа да ја спречат. Политиката од центарот би можела да нè чини скапо, зашто наместо разговор добивме омраза. Значи, таа се кандидира уште еднаш, за да ги реши проблемите кои во голем дел самата ги создаде. Таа најавува дека во таа борба себеси ќе се остави настрана. Фала, но сепак, не.

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото