Му пропаднало боледувањето затоа што се разболел

01.12.2016 01:27
Му пропаднало боледувањето затоа што се разболел

Скопје, 1 декември 2016

Горан Јанковски, државен службеник од Скопје, доживеал вистински пех бидејќи се разболел токму за време на долго планираното боледување, дознаваат Пара вести.

Поради тоа, тој морал да ги откаже сите планови и комплетното боледување да го помине лекувајќи се дома.

„Имав големи планови за ова боледување, но сè пропадна поради стомачниот вирус кој го добив уште првиот ден“, раскажува разочараниот Горан.

„Веќе бев договорил средби и дружење со пријателите, со девојката сакав да посетиме некои нам драги места, а потоа се разболев во најнезгодно време. Колку бев темелен во подготовките зборува и тоа што автомобилот го однесов на мајстор за да ја отстранам и најмалата можност да се расипе. Водев сметка и за временската прогноза која беше идеална за ова време од годината. Сè изгледаше совршено додека не ме фатија температура и тегоби со стомакот. Веќе со денови седам дома, пијам чаеви и лекови и се нервирам поради глупавата ситуација во која се најдов. Ова е дефинитивно најлошото боледување во мојот живот“, не го крие бесот овој младич.

Матичниот лекар на Горан ја отфрла можноста за проблемите во кои се нашол неговиот пациент и порачува дека својот дел од работата го одработил професионално и одговорно.

„Се чув со Горан и го разбирам неговото разочарување, но одговорно тврдам дека во овој случај нема моја вина. Вирусот кој ги предизвикал здравствените проблеми веројатно се наоѓал во период на инкубација, па симптомите на болеста не биле видливи. Без детални прегледи тешко е да се открие вистинската дијагноза и затоа им порачувам на сите да одат на редовни контроли и да не земаат боледување ако не се сигурни дека се сосема здрави“, порачува лекарот.

Извор: www.njuz.net