Инвалид

01.12.2016 14:59
Инвалид

Долго време се ужаснував кога ќе го слушнев зборот „инвалид“. Се обидував честопати да се поистоветам со таа именка, поставував равенства, меѓутоа никако не успевав да се изедначам со неа. Тоа беше така заради нејзината експлицитна јасност на значењето. Безвредно, немоќно, дефектно човечко битие. Боже, зарем јас сум тоа? Зарем сето мое четиридецениско постоење е содржано во овој опис? Зарем е овој поим целата моја идентификациона проекција? Да, ужасната хронична болест што ми се случи пред 20 години (на)прави пустош во/со мојот физикус со силни онеспособувачки консеквенци од моторичка природа, сепак, не ме (на)прави инвалид! Барем не се чувствувам така. Ме (на)прави и хипер-сензибилна, ама и мошне мисловна. Па, моето рацио жестоко негодува и трага по објаснувања околу оваа навидум само минорна, но секојдневно присутна лингвистичка агресија.

Оттаму, дали е ова ин-валидно именување на лицата со физичка попреченост исклучиво прашање на политичка коректност, патронизирање и/или семантика? Секако дека не е. И покрај напорите на неколку граѓански здруженија за менување и ажурирање на изразот, „инвалид“ е, за жал, сè уште комфорно ситуиран супстантив во менталниот сет на мнозинството од нашиот народ; а со тоа е и етаблиран дел од колоквијалниот, но и од официјалниот речник. И од вербалниот и писмениот, и од интелектуалниот и ординарниот. Додека во прогресивниот цивилизиран свет оваа дескрипција одамна е дел од историјата, луѓето овде и понатаму на големо ја користат, некои од немање свест, некои од недостиг на совест; не размислувајќи дека меѓу другото со тоа силно ги рефлектираат депласираните сфаќања, притоа влијаејќи и не оставајќи простор за современите.

Зошто е прецизната и актуелна терминологија исклучително важна? Затоа што зборовите се нашите социјални маркери. Одгласи на нашето егзистирање. И затоа што, освен гестикулациите на телото, тие се практично сè што имаме. Наредени во низа, преку нив ги артикулираме сите интерни содржини и екстерни информации кои сакаме да бидат пренесени. Заради тоа, јазикот е моќна, (и инхерентно политичка, ако сакате) алатка преку која всушност единствено можеме да ги изразиме своите емоции, конкретни или апстрактни одрази на стварноста, идеи, становишта, перцепции. И како таков, ги обликува јавните гледишта, ги развива мненијата, ги руши стереотипите, ги формира ставовите, а со тоа влијае на предметот на дискусија. Менувањето на термините – дури и ако го поседуваат приближно истото значење – суптилно ги поправа конотациите и нијансите на говорот, и следствено, испорачува поинаков контекст.

Живееме во насилно доба на норми и мускули. Преживуваме во субстандардна средина на медиокритети водени од суровата логика „прво за здравите и правите, потоа за другите“, наместо обратно. И тоа е, чинам, најбестијалниот парадокс на ова општество. А, (о)ние „другите“, патем, 10 – 15 % од популацијата сакати, неми, глуви, вакви, такви, онакви – се снаоѓаме како само ние си знаеме. Иако, нема ништо комплицирано во разбирањето на физичката мана. Не е неопходно да се разбирате во постмодерна филозофија и ренесансна уметност за да сфатите дека на оној што не може да оди или гледа или зборува, секојдневието му е ужасно сложено. Без амбиција (или уште помалку илузија) да изнудам некаква емпатија и симпатија, сакам, во пресрет на Денот на лицата со хендикеп, да ве потсетам дека сè што на оваа опресирана група ѝ е потребно е рамноправен третман во сите сегменти на реалноста во која вие суштествувате. Не ми/ни треба ексклузивитет по ниеден основ, туку обични нешта кои значат постоење.

Товарот на хендикепот е оловен. Затоа бара темелно реистражување, па и редефинирање на своето себство. Изискува болно прифаќање и мачно прилагодување на тековните состојби. Тоа се драматични и долги процеси во кои е неопходна поддршка од целото опкружување, како за ублажување на личната траума, така и за рехабилитирање т.е. продолжување на животот достоинствено, исполнето и квалитетно. Поимањето и доживувањето на новото индивидуално „јас“ преку колективното станува неминовност. Затоа, искрено ви посакувам овој прв декемвриски ден да го запамтите по тоа што ќе се отарасите од една ништожна експресија од вашиот вокабулар. Со тоа ќе направите простор за едно поинакво восприемање на стварноста во вашиот ум. И за уште една добрина во вашето срце.

Фотографии: Рајан Скот Милер, го фотографира својот 9-годишен син со физичка попреченост во костими на неговите омилени јунаци