Граѓански собир: Мој термин за чист воздух!

03.12.2016 12:23
Граѓански собир: Мој термин за чист воздух!

Граѓаните на Скопје се здружија за да го изразат својот револт против енормното загадување на Скопје. Настанот е закажан за понеделник, 5 декември, во 5 часот попладне, пред Град Скопје (Градски Парк).

Сакаме да го искажеме нашето незадоволство од релаксираноста и незаинтересираноста на надлежните институции, а од Град Скопје и општините да побараме итни мерки како и долгорочен план за решавање на оваа еколошка и здравствена катастрофа. Сите досегашни мерки и стратегии понудени од институциите и Град Скопје не вродија со плод. Потфрлија и нивните ветувања дека ќе се дознаат загадувачите, ќе се најдат причините, ќе се преземат сите неопходни законски мерки и дека граѓаните на Скопје ќе бидат поштедени од натамошно труење.

Најавите за следната година, според буџетот на Град Скопје, нè уверија дека ниту следната година не е планирано справување со оваа катастрофа и решавање на овој проблем. Напротив! Скопје и понатаму неконтролирано се урбанизира, се промовира автоцентричниот пристап – автомобилите имаат првенство пред јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Се затвораат очите на надлежните институции пред аерозагадувањето од индустриските објекти, дивите депонии, како и домаќинствата кои во време на економска криза и ниска свест, користат крајно сомнителни суровини за загревање.

Заради сето ова:

1. Имаме најголемо аерозагадување од канцерогени PM2.5 честички во Европа (39.4 mg/m3 годишен просек), според Светска Банка.

2. Четворица Mакедонци умираат во просек дневно заради загадениот воздух (1350 годишно), според Светска Банка.

3. Во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми според Институт за јавно здравје.

4. Загадениот воздух има ризици врз репродуктивниот систем кај жените: дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер, според Светската здравствена организација.

5. Кај повозрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти, според Универзитетот во Бостон.

Алармот е вклучен! Бараме итни мерки и сериознa долгорочна стратегија! Не прифаќаме изговори!

Здружените граѓански иницијативи:

Скопје Смог Аларм
Скопје бара чист воздух
Let's do it Macedonia - Ајде Македонија
Сакаме Аеродром да дише
No Pasaran!
Во одбрана на Дебар Маало

КОПИИ ОД СООПШТЕНИЕТО ЗА ЈАВНОСТ ИСПРАТЕНИ ДО: Град Скопје; Министерство за животна средина и просторно планирање; Делегација на ЕУ во Македонија; Амбасади на САД, Германија, Велика Британија, Франција и Холандија; Канцеларија на Обединетите Нации во Македонија.

ОкоБоли главаВицФото