Политика на слушање

03.12.2016 19:53
Политика на слушање

Просто е неверојатно со колкав демократски комуникациски дефицит се соочува нашето општество и тоа во очи на можеби најважните избори во историјата на Македонија. Во контекст на политичка криза предизвикана од скандалот со прислушување, ние сè уште не успеваме да изградиме етика на слушање. Треба да признаеме дека сме вистинско политичко дно во кое прислушувањето ефектира со резултати пограндиозни отколку слушањето. Уште пострашно е тоа што на сите нас тоа не ни пречи. Последниве месеци, а особено недели, искусуваме политичка дебата во која сите зборуваат, а никој не слуша. Веројатно не треба посебно да се објаснува ефектот од оваа таканаречена дебата. Всушност може само да ја дефинираме како „тропање канти“ кое никогаш, ниту случајно, нема да продуцира вредности и ставови натопени во идејата за колективно добро, еманципација, зголемување на квалитетот на живот, правда и грижа за послабите. Ова лудило на гласови може само да нè измори и конечно повторно да нè фрли во очај. Политичката будност која ја живеевме последниве години мора да ја позиционираме некаде помеѓу двете крајности: молкот и арогантното бамборење од високо. Ниедна од овие крајности не е карактеристика на демократско општество. Ниедна не е подобра од другата. Обете позиции се смртна закана за вредностите врз кои мора да се темели едно барем пристојно општество.

Слушањето и прислушувањето се два сосема различни концепта. Односите на моќ се сосема различно поставени во двете ситуации. Прислушувањето ја одржува хиерархијата на моќта во која прислушкувачот е на врвот, а прислушуваниот на дното од овој однос. Целта на прислушувачот не е да собере информации кои ќе му помогнат да носи стратешки одлуки за доброто на сите, туку за да го држи во подредена позиција оној кој го слуша и да си ја бетонира својата позиција на мал Бог во оваа тажна средина. Секако, прислушуваните се исто одбрани од страна на прислушувачот како важни луѓе, луѓе кои уживаат одредена моќ, но не доволна за да можат да ѕиркаат слободно во туѓите животи кога ќе им текне. Колку и да делува бизарно, не ме зачудува навреденоста на дел од „неприслушуваните“ што не се нашле во ова важно друштво. Бизарно е, ама живееме во едно бизарно време.

Слушањето е релација која воспоставува баланс на моќта. Носителите на одлуки, политичарите, интелектуалците, активистите мора конечно да научат да слушаат. Додека слушаат тие го уважуваат гласот на говорникот, прават обид да разберат, да сочувствуваат, да дознаат и сфатат. Не може да креирате политики, јавно застапувате ставови или носите одлуки ако не ги слушате оние кои се најдиректно засегнати од вашите постапки и реторики. Политиката на неслушање и прислушување е вмровска политика. Таа треба да се победи. Таа мора да се победи. На нивни терен, ама со понуда на други вредности. Партиските гласови ги чувме, ама колку тие нè слушнаа нас. Тоа е неминовното прашање кое на крај ќе си го постават гласачите. Можеби не денес, можеби не утре, ама секако ќе дојде време кога ќе го сторат тоа.

Да се слушнат луѓето, да се слушне народот е императив за партиите. Научете се да го слушате народот, и тоа оние најранливите, не зашто се најпаметни, туку зашто од вашите канцеларии не можете да знаете какво е калливото секојдневие. Празните реторики за проекти на 500 страни, нивните отчети, голи фрази и изборни слогани едноставно не значат ништо. Веќе не ни личат на луѓе туку на партиски машини. Кога професорите им зборуваат дека образованието ни тоне, тие редат бројки за отворени факултети. Кога им објаснуваат дека квалитетот на образование не се мери со број на згради, тие цитираат број на изградени училишта. Кога им објаснуваат дека достапност на образование не е урбанистички концепт, тие рецитираат број на преведени книги. Кога професорите ви објаснуваат дека книгите кои ужасно лошо ги преведуваат не допринесуваат кон квалитет, тие го мантраат митот за „најпаметниот Македонец кој успева на сите престижни странски универзитети“. Кога ќе побарате доказ или аргумент за тоа тврдење, тие почнуваат да верглаат одново за број на новоотворени универзитети. Извинете, ама тоа не е политичка дебата, тоа е разговор на глуви.

Градењето на политика на слушање, за жал не може никогаш да биде вмровски проект. Тој никогаш нема да го најдете во нивните „реални“ програми. Тие попрво се спремни да инсталираат циркузи во стилот на „сподели идеја“ или „предложи проект“ низ цела држава, да впрегнат партиски војници да чучат на штандови со единствена цел - разговорот на глуви или тропањето на кантите да изгледа како разговор меѓу рамноправни. Власта има поинаква идеја за тоа како треба слушањето да се одвива и која е неговата цел. Тие поарно ич да не нè слушаат. Градењето на политика на слушање е процес кој ќе мора да го започенеме од нас и меѓу нас.

Тој процес очекувано е да излезе од критичката јавност и широката опозиција. Времето за оваа демократска вежба веќе ни истекува.

Да ги отвориме ушите, за да не се глупираме кога ги отвораме устите затоа што ако нешто научивме досега, тоа е дека најубавите и најпаметните уствари врска немаат.

 

Извор: Плусинфо
Слики: Странски служби


Сроден прилог:
Дупнати (д)уши

ОкоБоли главаВицФото