Колку треба да си глуп за да бидеш глупав?

05.12.2016 13:13
Колку треба да си глуп за да бидеш глупав?

Во досега единственото соочување – што се сведе на неколку водителски прашања и две-три разменети реплики – меѓу носителите на листи на СДСМ и на ДПМНЕ, она на Стево Пендаровски и на Никола Попоски на Алсат-М, имавме прилика да се увериме колку сме свевишно благословени што лидершипот на ДПМНЕ, генерално, има голем страв од директно соочување со своите политички противници, па бега од дебати како Илче од Халкидики. Бидејќи, кога ќе им ги чуете дебатните тези, се прашувате дали се сите природно тупави, или имаат такви инструкции од партијата за да шират некаква ла-ла-ла-нирвана кај публиката!?

Како поинаку да се објасни клучната теза на Попоски, која ја одразува актуелната позиција на ДПМНЕ, по повод прислушувањето: нема веќе „жолти комбиња“ и странски служби (за што, патем, апсеа, затвораа и судеа и 600 денови ни ги потекоа препоните!), туку сега најновата теорија е дека – внимавајте: – илјадниците прислушувања навистина се вршени во и од УБК, но од мрежа на луѓе на СДСМ внатре во службата, за сметка на злосторничките и предавничките намери на Заев и опозицијата! И така тоа со години и години, повеќе од дваесет илјади телефонски броеви! Клучен доказ за супер-глупер теоријава понудена од Попоски: мора да е така, бидејќи опозицијата не објавила ниту еден непријатен телефонски разговор за себе!

А потоа во студиото на Алсат-М се делеше шеќер и вода (и тоалет хартија, по потреба) за сите присутни гости и за техничкиот персонал, за да се смират од урнебесното смеење предизвикано од дебатното самоубиство на прерано политички починатиот функционер на владејачката мафија.

ГОЛЕМА НУЖДА

Треба да си во некаква голема нужда за да прифатиш волку јавно да изигруваш будала. За Никола Попоски, претходно, додуша, и не можевме да формираме одреден дефинитивен став околу неговата природна интелигенција, бидејќи позицијата на „прв дипломат“ вешто ја користеше за да не покаже дека е паметен. Неговите настапи најчесто биле репетитивни вртелешки на тресење празна политичка и вредносна слама, но и во приликите кога јавно поексплицитно се глупираше, тоа му се отпишуваше на неговите „дипломатски вештини“ и негуваните „салонски манири“ – со други зборови, толку е вешт и искусен, што мора да изгледа како „празно место“.

Но, настапите на овој репрезентативен кицош на мафијата и не би биле толку значајни, за на него да се потрошат олку редови текст, да не се работи за човек кој себеси веќе се гледа, а така неофицијално и самиот се промовира, како „идниот премиер на Македонија“.

Попоски недвосмислено го симболизира она што најдобро може да ја опише политичката потреба на Македонија по изборите во варијантата на изборни резултати без „јасен“ победник. Во таквата калакурница, во која секој со секого ќе се бакнува и прегрнува на еден одвратен начин што е примерен само во политиката, колку си „попразен“, толку ти се поголеми шансите за добивање позиција. Низ скопските кафеани и кафулиња на долго и широко се расправа распоредот на државните функции што ќе се разделат како плен меѓу гусари во формирањето на една таква „широко-коалициска влада“, едно квазимодо-сочинение кое, не е исклучено, да биде предводено и од такви морално-политички аналфабети за каков што се претставува Никола Попоски.

Тоа ќе бил неизбежниот резултат на поразот на ДПМНЕ во Единица, на губењето на СДСМ во Тројка или Четворка, на неизвесноста за Двојка, Петка и Шестка, на слабеењето на ДУИ, на растот на БЕСА, на неодреденото количество албански гласови за македонската опозиција и на македонски гласови за јунаците од серијалот „Војна на ѕвездите“, на непредвидливиот дострел на Третиот блок и на тоа колку ќе успее Љубчо да одработи за Грујо. Оти, нацијата да ти била во конфузија, стотици илјади гласачи не се тука, власта ќе купува гласови за милионски суми, а опозицијата завршила голема работа, ама не доволно за да се отрезни и провинцијата, па и овие избори треба да се гледаат како на преодна фаза од кризата, па следувале локалните напролет, но и дека странците бла-бла-бла-бла...

И така ми ти било тоа и останати дрн-дрн-јариња!

НАЗАД КОН ИДНИНАТА

Занимливо, во речиси сите овие варијанти, никаде не се спомнува името на Големиот Водач на Фамилијата, на македонскиот политички полубог кого Господ во изминатата деценија ни го испрати на земјата за, со нозете обратно насадени на телото, да нѐ води во светлата иднина со сигурен чекор наназад! Негови блиски сопартијци велат дека, иако по предизборните митинзи сега „глуми дон Корлеоне“, тој ќе си се согласел со сите варијанти што ќе му биле предложени по изборите, во замена за зачувување на сегашниот статус што, де факто, го нема никаде во сериозните обвиненија на СЈО, а дека ако така ќе останело, ќе си се изгласаат и сите неопходни закони за продолжување и зацврстување на работата на СЈО. Тој, велат, ја преживеал „бурата“, мирно ќе препушти толку власт во својата партија по изборите колку што од него ќе се побара, што значи може и целата, па затоа го храбри актуелниот министер за надворешни работи да се надева за премиерско место во монтираната сечено-лепена влада по изборите, а со најблиските соработници од мафијашките потфати и авантури веќе топло ги подзаладиле односите, со аберот дека сите ќе ја добијат безрезервната материјална поддршка од него за да се бранат на суд за делата во кои ги имплицира СЈО. И дека на поблиските „будали кои се спремни да гинат за идеали“ дискретно им препорачал да одат на спогодба со СЈО, наместо на инаетење.

Откако вака се разјасниле, Гордана заминала на Алјаска, Миле на Маркови Кули, Протуѓер продолжил по клиники, Ставре чека нова виза за Америка, а шефот на мафијата и Главниот Братучед (тоа е иста функција, се однесува на еден човек, се знае кој!), рекол дека сите одамна му се „преку такво“ и дека тој демонстративно се повлекува од политика за да продолжи со бизнисите во Чешка (иако не заборавил да додаде дека жиро-сметките за уплатата на рекетите, провизиите, процентите, ратите и каматите остануваат исти, а роковите да си се почитуваат!). Останало само да се договорат дали во куферите ќе го прошверцувал и Орце Камчев со себе; или ќе го оставел во Скопје да продолжи да го одржува ноќниот полуживот на престолнината.

Ова ви го раскажувам само за да ја разберете улогата на „празното место“ Попоски во ново-стариот поредок на работите во македонската политичка крчма. А вистинска штета е што во македонскиот јазик нема падежи, па да можам прецизно да ви ја образложам и смислата на гостувањето кај мафијата на неговиот австриски колега Курц. Но, да се надеваме дека, во даден момент, ќе испливаат и тие финансиски податоци на површина, за подобро да се разбере улогата на Австријците (Курц, Хан) во долгото траење на македонскиот политички кошмар.

НИ ТРЕБА ДИСКОНТИНУИТЕТ!

Токму поради ваквите околности, тукушто го објавивме новото издание на Форум Аналитика (www.forum.org.mk) чија главна порака е дека на Македонија ѝ треба дисконтинуитет! Разни повикани автори кажуваат разни мислења за таа потреба, но нашата теза е дека, како општество, откако ќе се ослободиме од сегашната мафија на власт, мораме да го редефинираме нашиот однос кон политиката: политиката мора да престане да биде во центарот на нашите животи, од будење до заспивање! Таа мора да ја испразниме од сегашната моќ со која се има разлеано во сите сфери на општеството, од архитектурата и уметноста, до планирањето на диетите и годишните одмори. Овде мора да престане практиката според која и парите и кариерите се прават единствено низ политиката, во која здравјето се чува или се губи заради политиката, каде што спортските резултати ги одредува политиката, воспитувањето на децата ни зависи од политиката, како и репертоарот на театрите, возниот ред на автобусите, менито во рестораните, со кој пестицид ќе прскаме, во кој маркет ќе купуваме и на која слава, кај кого нема да одиме.

Политиката, значи, мораме да ја вратиме назад во обновените институции, да ја оградиме со бодликав тел, да пуштиме струја низ жицата и да поставиме табли на кои ќе пишува: „Забрането ранење на суетите на животните!“

Но, патот до тој дисконтинуитет, патот назад кон нашата нормалност води преку промената на власта на изборите идниот викенд. Нека не ве мрзи да гласате, да се замешате во одредувањето на сопствената иднина. Инаку таков некој, како овој несреќник од Никола Попоски, навистина ќе добие шанса да продолжи да ни го имитира животот во Македонија.


Слики: Били Даркарт (врз фотки од филмот The Untouchables, 1987)
Извор: Слободен печат