Скопје олимписки град во 2022 година!

05.12.2016 14:20
Скопје олимписки град во 2022 година!

Скопје беше олимписки град во 1972 година, зошто да не биде повторно? Е сега, добрите познавачи на спортската историја на градот на солидарноста, веројатно погодуваат дека тогаш градот што сè уште ги лекуваше страшните рани од катастрофалниот земјотрес, широко ги отвори своите врати за најдобрите светски шахистки и шахисти, беше незаборавен домаќин на делегации од 63 земји. Во историјата на шаховската игра е забележано дека тука во нашето Скопје за првпат играа заедно и мажите и жените, на гости ни беа дури 35 велемајстори! Овој знак за чудење не треба да ве збунува, таа титула тогаш беше реткост, сега дури ние имаме велемајстори по број дури една четвртина од таа бројка! Да, добро сметате, во 2022 година ќе се навршат 50 години од Скопската шаховска олимпијада, зошто во чест на тој јубилеј повторно да не ги поканиме најдобрите шахистки и шахистки од целиот свет да ни дојдат на гости?

Никој ништо на овој бел свет не подарува, секој мора сам да се избори во претворање на својата добра идеја во стварност. Ги броиме последните денови на олимписката 2016 година, беше и шаховска, идната 2017 година за шаховските работници од Македонија треба навистина да биде максимално работна. Две причини за додатно ангажирање – поминаа 50 години од најсилниот шаховски турнир во рамките на „Средбите на солидарноста“ на кои триумфираше светскиот првак, Американецот Боби Фишер, и исто толку години од конгресот на ФИДЕ во Лугано на кој Скопје, главниот град на Социјалистичка Република Македонија, ја доби организацијата на тогаш јубилејната 20-та шаховска олимпијада. Тие денови на светската шаховска карта името на Скопје беше испишано со впечатливи бои, пред сè благодарение на големиот број вљубеници во древната игра кои, организирајќи суперквалитетни турнири на солидарноста, едногласно го добија домаќинството на 20-та шаховска олимпијада на Конгресот одржан 2017 година во Лугано! Се разбира, претходно требаше да се аплицира за организацијата на шаховската олимпијада во 1972 година. Скопје, големото светско солидарно градилиште, во следните пет години од ден на ден го менуваше својот лик, со помош на југословенската федерација и на меѓународната шаховска организација (ФИДЕ), беше изградено, реновирано и адаптирано сè она што требаше да биде ставено во функција на големиот светски шаховски собир. Никогаш не треба да се заборави дека изградбата на Скопското сајмиште, хотелот „Континентал“ и преубавото панорамско олимписко село се изградени и со шаховски пари, тоа е таа голема придобивка што Скопје ја доби во наследство од црно-белите полиња. Во олимпиското село „Панорама“ престојуваа и советските велемајстори Тигран Петросјан, Василиј Смислов, Виктор Корчној, Михаил Таљ, Владимир Савон и најмладиот меѓу нив, идниот светски првак Анатолиј Карпов. Многумина од нив не се меѓу живите. Но, ако случајно патот го донесе Карпов кај нас и ако сака да преспие во нашето Скопје, ќе побара сигурно да биде сместен во олимпиското село „Панорама“. Веројатно да се присети на тие денови и на златниот олимписки медал, но и да фрли нов поглед кон убавата скопска панорама. Да, ќе се зачуди за „матираниот“ простор на некогашното Олимписко село, но тоа е сосема друга приказна.

Тогаш, пред 50 години, на табелата веднаш зад извонредните советски велемајстори застанаа Унгарците предводени од Лајош Портиш и од Ѓула Сакс, а југословените Светозар Глигориќ, Борислав Ивков, Љубомир Љубоевиќ, Алаксандар Матановиќ, Милан Матуловиќ и Јосип Рукавина го потврдија својот висок квалитет и го освоија бронзениот медал.

Скопје веќе пропушти една шанса повторно да изрази благодарност за хуманоста и солидарноста што му беше несебично пружена од Југославија, Европа и од светот. И на спортистите кои одиграа многу натпревари за помош на разурнатиот град. На 23 септември 1964 година во Белград се одигра хуманитарен натпревар помеѓу селекциите на Југославија и на Европа. Првите луѓе на ФИФА и на УЕФА Стенли Раус и Густав Видеркер меѓу првите ја поддржаа иницијативата, а Јашин, Вороњин, Еузебио, Уве Зелер, Шнелингер, Шандор и многу други познати европски фудбалери заедно со Шошкиќ, Васовиќ, Костиќ, Галиќ, Скоблар и други во едно дождливо попладне на стадионот „ЈНА“ ги прикажаа сите убавини на фудбалската игра. Победи Европа со 7:3, но тоа попладне вистински победник беше хуманоста и фудбалот! Помина нечујно таа значајна годишнина, потсетувањето на тој настан во порталот „Спортмедија“ (23 април 2014) предизвика повеќе интерес во другите југословенски региони, отколку во Скопје. Предлогот во чест на годишнината од тој настан да се одигра натпревар помеѓу избрана селекција на фудбалери од југословенските простори и од Европа предизвика низ порталите во Босна и Херцеговина дури и избор на тој силен фудбалски тим од Гевгелија до Триглав. Се споменуваа и Новески и Пандев, денеска тешко да имаме кандидати за еден ваков состав.

Шаховските работници, верувам, ќе го повлечат првиот потег кон сеќавањето и одбележувањето на 50-годишнината од конгресот на ФИДЕ во Лугано 1967, односно од добивањето на организацијата на јубилејната 20 шаховска олимпијада во 1972 година. Сеедно за кое отворање ќе се определат, за сицилијанка или за дамин гамбит, првиот потег мора да биде повлечен кон подготвување апликација до канцеларијата на ФИДЕ за организација на 45 шаховска олимпијада во 2022 година! Во преостанатите 5 години, до јубилејната 50-годишнина од одржувањето на големиот скопски шаховски собир, шахот во Скопје и во Македонија може да го добие сето она што му треба и недостасува, тргнувајќи од шаховски дом до воведување на шахот како предмет, сеедно во која форма, во училиштата.

Следната шаховска олимпијада ќе се одржи од 28 септември до 7 октомври 2018 во Батуми, Грузија. Велат, најсериозен кандидат за шаховските олимпијади во 2020 година е Русија, нашата апликација за 2022 година верувам плебиситарно ќе биде прифатена! Еве зошто. Скопската олимпијада во 1972 година за првпат ги собра на едно место шахистките и шахистите и според зборовите на главниот судија и воедно претседател на ФИДЕ, Макс Еве, тоа беше најдобро организираната олимпијада дотогаш! Низ шаховскиот свет сè уште има, па и кај нас (Љупчо Гајдов беше во делегацијата на ШСМ во Лугано пред 50 години) такви кои ќе бидат љубопитни да го проверат на лице место она што го забележала шаховската историја. Патем, и нашата понуда овој пат ќе биде побогата – квалитетно хотелското сместување веќе не е проблем, просторот во халите на скопското сајмиште е многу покомфорен, а пребогата ќе биде и културната, туристичката и спортската понуда. Во слободните денови автобуски карвани (за тоа деновиве сме велемајстори) може да тргнат со нашите гости кон Охрид, Струга, Преспа, Маврово, Попова Шапка… кој каде што сака. ФИДЕ има 188 членки, мал е бројот на земјите кои не учествуваат на олимпијадите, сите пресметки покажуваат дека организирањето на шаховската олимпијада 2022 година е исплатлив проект. Шаховската организација на Македонија, која со блокирана сметка и без соодветен простор успева да ги реализира речиси сите предвидени активности, со вградениот оптимизам на шаховските работници и со поддршка на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, кој ја има најдобрата европска клупска екипа за 2016 година, очекувано е да тргнат во реализација на овој „петгодишен план“. По 11 декември 2016 година, сеедно кој ќе биде прва табла, екипата на Владата на Република Македонија треба да биде еден од најголемите поддржувачи на овој предлог.

Пред сè – за наше, македонско, добро.

Извор: Слободен печат
Слики: Шаховска градина, XYZ Worshop

ОкоБоли главаВицФото