Овој пат одлучуваат „неопределените“

06.12.2016 12:22
Овој пат одлучуваат „неопределените“

Она што го знаеме на 5 дена до најважните избори е дека овојпат со сигурност одлучуваат „неопределените“, „не се замарам со политика“, „и онака ништо не може да се смени“ луѓе. Тие ни се потребните сојузници овојпат. Мора веднаш да престанеме на нив да гледаме како на наши непријатели, туку како на наши потенцијални сојузници. Заедно со нив можеме да ја бутнеме Фамилијата. Баш заради тоа, од денес, па до изборите:

1. Сите дебати за Левица и СДСМ ги прекинувам до 12 декември. Целата енергија ќе ја насочам на луѓето од мојот круг (роднини, пријатели, соседи) кои сè уште се мислат дали воопшто ќе гласаат или дали да поништат ливче. Имам аргументи зошто овојпат мора да се гласа и несебично ќе ги делам по инобкс, на телефон, на кафе, на пазар. Морам да ги убедам дека овојпат имаме неповторлива шанса нешто да смениме, и секој од нас е важен. Дека се луѓе за кои навистина се грижам и дека сакам со нив да живеам во поубава и похумана Македонија.

2. Последната анкета на Телма е исклучително поволна за нас кои сме против режимот. Таа ни кажува дека: има шанси, и тие не се мали. Ширењето дефетизам непосредно пред избори е пукање во нога. До 11 декември таа анкета е моја рамка и ќе ја користам да им објаснам на оние кои мислат дека не можат ништо да сменат дека истражувањата покажуваат дека заедно можеме. Повторувам- анкетата на Телма ни оди во прилог. Ширењето дефетизам НЕ.

3. Иако не сум партиски активист, овојпат немам проблем да одам од човек до човек и да аргументирам дека овие избори се единствена шанса за СЈО да продолжи до крај со откривање на криминалот кој метастазирал во нашата држава. СЈО е клучна поента во реториката, оти и оние кои мразат политика, мразат партии и слично, го сакааат СЈО и имаат доверба во оваа институција. СЈО и судството се вистинската закана за Фамилијата, а за нив е потребно друго парламентарно мнозинство составено од партиските опоненти на ВМРО-ДПМНЕ. За СЈО да може непречено да работи потребна е промена на власта и кршење на судството. Тоа е наш заеднички идеал. Тоа е точката на спојување меѓу мене и сите неопределени.

4. Разочараните партиски симпатизери од СДСМ и ВМРО се исто таргет, бидејќи тие во своето разочарување често се решаваат да дигнат раце од избори. Овие луѓе ни под разно не би гласале за овие опции. Разочараните од СДСМ (Бранковисти и слично) ни под разно нема да гласаат за СДСМ, но ни за ВМРО. Разочараните од ВМРО (не добиле ветено работно место, партијата почнала да фаворизира друг, не им се допаѓа што станало од старото добро ВМРО) ни под разно нема да гласаат за ВМРО, но дел ни за СДСМ (поистоветување на старото со ново СДСМ, товарот од транзицијата и приватизацијата итн.). На тие мои пријатели ќе им ги понудам другите опции: Левица (особено во ИЕ 1) и ВМРО за Македонија (особено во ИЕ 3).

5. Уште еднаш - неопределените и оние кои не излегуваат на избори се мои пријатели и потенцијални сојузници. Тие не се мотивираат со уцени, закани, префрлање на вина од типот - заради вас десет години ние трпиме и слично. НИКОЈ, НИКОЈ ОСВЕН ВМРО И ДУИ НЕ Е ВИНОВЕН. Некој 20 години работел да ни докаже дека политиката е валкана и дека не треба да се бавиме со неа. Јас ќе се обидам да им објаснам дека не e така. Нема политика без народ. Политика без граѓани е диктатура. Нема да ги обвинувам, нема да ги етикетирам како неутралки и со тоа навредувам. На тој начин само ќе им дозволат да си ја потврдат својата одлука за неизлегување на избори како правилна. Не, не и не. На тоа се надеваат вмровците. Не им го давам тоа. Битката не е изгубена. Напротив, битката тукушто почнавме да ја добиваме. Да запнеме уште овие 5 дена. Абе 10 да убедам и тоа е нешто. Секој од нас ако убеди барем 10 на коњ сме.

Секој коментар кој ќе го прекрши она што сум зарекла дека ќе го правам до недела ќе го избришам. Не затоа што не ве сакам или не се согласувам со вас, туку затоа што сметам дека е неполезно да се дебатира тогаш кога треба да се запне и да се бутка криминална банда од власт. Ќе запамтам што сте рекле, па од 12 декември ќе седнеме (виртуелно или во кафана) и ќе се изнамуабетиме. Дотогаш, луѓе, имаме режим за буткање.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби