Доста ја толкувавме Македонија. Време е да ја промениме.

06.12.2016 17:29
Доста ја толкувавме Македонија. Време е да ја промениме.

Ова е последна колумна во окупирана Македонија. Следната сабота ќе нè фати цинизмот на изборниот молк: откако ќе ни го исушат мозокот и главата ќе ни ја наполнат со пелети, ќе нè остават да размислиме за кого да гласаме. Веќе во бројот од 17 декември, се надевам, всушност, сигурен сум, ќе се читаме во една поинаква Македонија или барем во Македонија што ќе го исполни најважниот услов да биде поинаква. Тоа значи да биде правна и праведна, перспективна, институционализирана, демократска, инклузивна, европска, односно да биде ослободена од ВМРО-ДПМНЕ.

Маркс би рекол: доста ја толкувавме Македонија, време е да ја промениме!

Што уште треба да направиме до историскиот 11 декември?

Еве неколку услови што според моето скромно мислење треба да ги исполниме за да бидеме сигурни во поволниот исход:

Да обезбедиме висок одзив затоа што само преку висок одзив можеме да ја релативизираме гласачката машина на злосторничкото здружување на власта што функционира како платеничка војска.

Тоа значи дека мора да се покрене огромната групација на неопределените или незаинтересираните.

Тоа може да се постигне на два начина: прво, така што опозицијата и демократската јавност ќе најдат начин да им објаснат дека нивниот статус, кој во некои покомотни времиња, во некоја посредена Македонија, може да биде само еден социокултурен феномен, денеска е невозможен во својот неутралитет зашто неутралноста ќе ја капитализира победникот на изборите, при што за опстанокот на Македонија е клучно тоа да не биде ВМРО ДПМНЕ; второ, така што најголемата опозициска партија односно СДСМ и нивниот лидер ќе се обидат во последната предизборна недела да ги анимираат со одредени шокирачки материјали што ќе ги натераат да излезат од дома и да појдат да гласаат.

Мора да се направат последните обиди да се врати на сцена епиката на судирот, епиката на историскиот момент, моментот што вели дека за да можеме да се занимаваме со платите, пензиите и другите човечки потреби и принадлежности, првин мораме да останеме луѓе, а за тоа е неопходно да ги тргнеме злосторниците од кормилото на државата.

Така што ќе ја разобличиме нивната понуда. Завчера постирав три статуси, кои ми се чинат згодни во таа смисла. Едниот одеше вака: Ќе ви дадат шеесет евра, ќе ви ги земат сите пари, ќе ви дадат брашно, ќе ви го земат лебот, ќе ви дадат работа, ќе ви ја земат личноста, ќе ви дадат канализација, ќе ве претворат во говно, ќе ви дадат споменик и ќе ве избришат од иднината.

Не мора да гласате за ВМРО-ДПМНЕ за да ја разберeте оваа вистина за нивната понуда. Таа, имено, ги обликува вашите животи цели десет години. Погледнете околу себе, помирисајте и ќе забележите дека тоа што ви е топло доаѓа од говното што власта го исра врз вас и вашата фамилија!

А вториот одеше вака: Македонците се шетале низ историјата без некоја идеја и цел, така, што се вели, без везе се шлаеле ваму-таму, кога едно време налетале на смртта. Се исплашиле и фатиле да бегаат. Бегале така бегале и таман кога помислиле дека се спасиле во својата држава и во својата нација, налетале на ВМРО и настрадале на лице место.

Еве го и третиот: Ние сме мртовци на условна слобода. Флертот со ВМРО ќе нè врати под земја. Такви се правилата на кои бевме предупредени пред седумдесетина години кога нè пуштија да излеземе на чист воздух.

Јас знам дека многумина што не го поднесуваат режимот на Груевски и имаат свест за катастрофата што тој ја предизвикува, не се спремни својот глас да му го дадат на СДСМ. Социјалдемократите, се разбира, се далеку од тоа да бидат идеална опција, но во овој момент мораме да бидеме свесни дека слабостите и шуплините на СДСМ се блага настинка спрема малигноста на вмровскиот тумор. За да има смисла дебатата за СДСМ и воопшто политичкото ниво на гледање на работите и политичкото конфронтирање, мораме првин да се ослободиме. Сите ја имаме одговорноста. Во оваа битка нема да има невини ниту на индивидуален план ниту на колективен.

Ако победи СДСМ, тоа ќе се случи благодарејќи им на граѓаните што ќе се кренат во одбрана на основните принципи на нашата нација, кои ќе ја разберат големината на влоговите во овие избори и нема да дозволат да ги зашеметат скандалите и медиумската бучава на власта. Овие граѓани ќе заслужат почитување затоа што ќе направат сè да ја спасат нашата нација од урушување на институциите. Многумина се однесуваа срамно, но стотици илјади гласачи ќе ја сочуваат својата верба во идеалите што Македонија ја прават вредна за одбрана.

Американците односно нивниот систем не го послушаа нобеловецот што тука го комплицирам и адаптирам, веројатно не сосема коректно; тоа беше повод по изборите Пол Кругман, за кого овде станува збор, да изјави: Мислев дека Американците нема да гласаат за кандидатот кој е толку очигледно неквалификуван за високата позиција, толку темпераментно нездрав, толку застрашувачки апсурден... Катастрофата за Америка и за светот има толку различни аспекти што економските последици се многу ниско на мојата листа на работите од кои стравувам... Не знам како ќе продолжиме... Дали е Америка пропадната држава и општество... Се чини навистина е можно дека е така... Ова беше ноќ на стравични откровенија и мислам дека не е погрешно да се чувствува очај.

Се разбира, никој тука не мисли дека во Македонија се натпреваруваат макар и локални изданија на Трамп и Клинтон, но јас наоѓам дека обраќањето на Кругман пред изборите е сосема соодветно на нашата ситуација. Не го цитирам за да ја анализирам американската ситуација, туку за да ги испратам тие зборови како апел и манифест до граѓаните на Македонија. Тие ќе мораат да го задржат здравиот разум и бистрата свест, макар што е тоа исклучително тешко, и да ги оценат вистинските влогови на овие избори, тие ќе треба да решат дали вреди да се спасуваат тешко оштетените основни начела на нашата нација или е време Македонија да ја заврши својата историска приказна и да скокне од брзиот воз на историјата, препуштајќи ги своите остатоци на „застрашувачки апсурдните, нездравите и неквалификуваните“. А што се однесува до неговата постизборна изјава, мислам дека нема потреба да ги чекаме резултатите од изборите, ние сме денеска, и тоа е сосема очигледно, пропадната држава и пропаднато општество; на овие избори ќе се бориме за сеќавањата на основните вредности на нашата нација и за шансата врз основа на нив да ги рехабилитираме и реконституираме државата и пропаднатото општество.

Оптимизмот ми го крена Владимир Глигоров со еден текст на сајтот на „Пешчаник“. На застрашувачкиот бран на авторитаризам и националистички популизам, тој има ваков одговор:

„Во некој момент, етничката хомогеност (или која било друга идеолошка хомогеност) ќе се раслои и авторитаризмот ќе се претвори во владеење на малцинството кое ќе се соочи со криза на легитимитетот. Обновувањето на легитимноста потоа ќе бара враќање на парламентаризмот, односно на демократијата.“

Се разбира, неговиот поглед ја опфаќа глобалната ситуација. Но, мене ми се чини дека ние сме во тој временски простор на смена на циклусите. Јас велам дека авторитаризмот во Македонија веќе се соочува со криза на легитимноста, односно дека ја има целосно потрошено и дека веќе на 11 декември граѓаните ќе се изјаснат за враќање на демократијата.

ВМРО-ДПМНЕ може да победи само како резултат на грабеж, корупција, медиумска, социјална и физичка тортура, што значи дека не само што нема да бидат во состојба да ја обноват легитимноста, туку ќе ги потрошат и последните остатоци од кредитот што го имаа. Со други зборови: ним им нема спас, а нашата надеж ја поткрепува историската закономерност против која уште никој не се изборил. Таа закономерност ја дефинира демократијата како излезно решение.

Слики: Били Даркарт (врз слики од Френсис Бејкон)
Извор: Слободен печат