За фасцинацијата од јакобинството и за крвопролевањето како неизбежна последица

07.12.2016 02:52
За фасцинацијата од јакобинството и за крвопролевањето како неизбежна последица

На почетокот, мало потсетување: Уште во 2010 година Фондацијата отворено општество — Македонија ја објави на македонски јазик книгата „TЕМНАТА СТРАНА НА РЕВОЛУЦИЈАТА“, поднаслов: 'Што е слободата без мудрост и без доблест? Таа е најголемото од сите можни зла', капитално дело од британскиот историчар Едмунд Берк. Мислам дека во ГЕМ има сè уште (бесплатни) примероци, за љубопитните.

За истата тема се напишани барем две капитални драмски дела, „СМРТТА НА ДАНТОН“ од Георг Бихнер и „ПРОГОНУВАЊЕТО И УБИСТВОТО НА ЖАН-ПОЛ МАРА КАКО ШТО ГО ПРИКАЖУВА АКТЕРСКАТА ДРУЖИНА ВО ЛУДНИЦАТА ВО ШАРАНТОН“ од Петер Вајс. Бихнер е сведок и учесник во нереализираната и сонувана германска револуција, а Вајс беше писател толериран од режимот на Источна Германија.

Да се вратам на јакобинството, Робеспјер и гилотината. Јакобинскиот терор однел неброени жртви, лево и десно од нив. Робеспјер за тоа го искористил Комитетот за јавен спас кој станал помоќен од Конвентот (парламентот). Дантон и дантонистите (Kамиј Демулен и др.) завршиле на гилотина, а набргу таму завршил и Робеспјер, по превратот извршен од послушниците кои претходно без поговор ги одобрувале смртните пресуди што ги диктирале Робеспјер и Сен Жист, запаметен како Ангелот на смртта.

Дантон бил херојот на револуцијата, Робеспјер бил нејзиниот гробар кој се криел зад митот за непоткупливост. Дантон бил на фронтот, Робеспјер во канцеларија.

Ако треба да се направи споредба со нашата историја, Дантон би бил Тодор Александров, Робеспјер би бил Ванчо Михајлов. Исто како Робеспјер, седнат во канцеларијата во Софија, и Ванчо Михајлов ги нарачувал убиствата најпрвин на левичарите, а потоа и на десничарите од ВМРО, ВМРО (Обединета), федералистите, санданистите, протогеровистите, комунистите... За разлика од Робеспјер, Ванчо Михајлов си поживеал и умрел во постела, а не на гилотина како Робеспјер.

Ако треба да се направи споредба со светската историја, методите на Робеспјер на левицата се видливи во крвавите чистки што ги правел Сталин, а на десницата — Хитлер. И едниот и другиот најпрвин ги ликвидирале револуционерите од својата партија, токму оние револуционери кои можеле да бидат нивни критичари и ривали. Долгата рака на Сталин го стигнала Троцки дури во Мексико! Чистките што ги наредувал Сталин по теркот на Робеспјер го обезглавиле СССР пред Хитлеровата агресија.

Робеспјеризмот го отворил патот за подемот на Наполеон. Француската револуција била заменета со реставрацијата! Теророт започнат во партијата не завршува во партијата, туку ја заплиснува и задавува државата!

Извор: Плусинфо
Слика: Alfred Mouillard