Копнеж по смртта

07.12.2016 10:57
Копнеж за смртта

„Добри вести за Европа“ е насловот на еден коментар од француските прелиминарни избори. Автор на текстот е инвестициската банка која се залага за програми за штедење. Се разбира дека добра вест за нив е тоа што Франсоа Фијон (францускиот Тачер) веројатно ќе биде противник на Марин Ле Пен (францускиот Мусолини) во вториот круг од француските претседателски избори во мај следната година. Има ли подобри вести за една инвестициска банка од тие дека наскоро сите не-фашистички гласачи од левицата, центарот и десницата едноставно ќе бидат принудени да гласаат за политичар кој сака да ја укине социјалната држава, да отпушти илјадници работници и да го продолжи работното време?

Приватната банка која ја поздрави кандидатурата на Фијон се вика Беренберг. „Со малку среќа“, ги уверува своите клиенти нејзиниот главен економист Холгер Шмидинг, „2017 ќе биде година на прилики, наместо ризици“. Тоа би била „прилика“ за владата на Фијон без уверлива социјалдемократска опозиција да спроведе мерки за „раст“ кои би ги намалиле платите и социјалните давачки, со зголемување на работното време и богатењето на клиентите на оваа приватна банка кои чуваат 40 милијарди евра во неа. Ова е само еден пример на прогешна пресметка на европската политичка елита.

Претседателот на Европската комисија Жан-Колд Јункер за австриските медиуми изјави дека нема откажување од понатамошната федерализација на Европа, ниту излегување на државите членки од економската стагнација што ја наметна Брисел. За некој ден токму во Австрија ќе видиме колку се исплати стратегијата „двојно или ништо“ на европскиот центризам. Таму, в недела се повторува вториот круг од претседателските избори, со изедначени шанси на екстремниот десничар Норберт Хофер и кандидатот на зелените Александар Ван дер Белен. Левицата и центарот се трудат во последен момент да ги придобијат работничките гласови.

Во Италија истиот ден владата на левиот центар најверојатно ќе изгуби на референдумот кој би требало да ја зајакне извршната власт на штета на парламентот. Ако премиерот Матео Ренци поднесе оставка и пазарите колабираат, а Европа го наметне планот за спасување на банките кои ќе ја ограбат заштедата на обичните граѓани, до Божиќ ќе добиеме голема италијанска банкарска криза и криза на еврозоната.

Оваа низа глупави потези го заокружува барањето на ММФ од Грција за нови буџетски намалувања. ММФ не размислува за последиците од ваквите одлуки во врска со зачестените напади на грчките неонацисти во имигрантските кампови на грчките острови, зашто како и Европската комисија и Европската централна банка – не го подигнуваат погледот од своите правилници и буџетските извештаи.

Европската елита како да е обземена од копнеж по смртта. За сите познавачи на европската култура ваквата морбидна можност е замислива. Томас Ман во својот роман од 1912 година Смрт во Венеција преку романтичната опсесија на болниот старец ја опишува желбата за смрт на космополитската европска култура. Главниот лик Ашенбах се пријавува во космополитскиот хотел во Венеција зафатен од чума, со намера да умре. Ман го напишал ова дело две години пред вистинската смрт на европскиот космополитизам, претчувствувајќи го неговиот скорешен крај.

Во овој роман градските власти ја негираат епидемијата на чума и така придонесуваат за нејзиното ширење. Иако често поедноставено се толкува како приказна за љубовта и загубата, Смрт во Венеција се занимава со желбата за самоуништување на она што Ман го нарекува „европска душа“. Неговиот наратив во овој и некои други романи ги анализира слабостите на транснационалните култури во време на кризи. За Ман, внимателно изградениот свет во хотелското лоби, каде Полјаците зборуваат француски, Италијанците се облекуваат по париска мода, а оркестарот свири делови од унгарски операти – е кревка илузија. Кога ќе се сруши, се распаѓа сè.

Денес, мултикултуралноста не е толку кршлива творба како во времето на belle epoque. Слободата на патувањето загарантирана со Шенген (барем за белците) е реалност. Програмата Еразмус за размена на студенти непосредно влијаеше на животите на над 4 милиони студенти. Младите од Европа преку програмата „градови на културата“ ја обликуваат новата реалност на берлинската уметничка сцена, на големите музички фестивали како што е Benicàssima во Шпанија или разузданиот ноќен живот во модерниот Белград.

Ако се потрудиме, можеме да ја уништиме оваа изворна култура на глобализацијата која опстојува само надвор од светот на политиката. Во типичниот европски бар, кафуле или на плажа, толеранцијата постои само затоа што луѓето не инсистираат на своите националности и религии. На тој начин младите луѓе имплицитно претпоставуваат дека политиката е будалаштина и дека не е важна. Но, сега политиката и национализмот тропнаа на вратите и предизвикаа парализа и страв.

Кога прашав некои млади луѓе во Ферари на северот од Италија како ќе одговорат на ширењето на ксенофобијата, повеќето зборуваа за genuino clandestino – движење кое се залага за враќање кон земјоделството и раскинување со официјалната економија како стратегија за преживување на програмите за штедење. „Готово е, нема надеж, десницата победи“, одговараат младите луѓе кои не се активисти туку деца од мали градови кои ја трошат својата младост живуркајќи како баби и дедовци. Така што, Фијон против Ле Пен не е „добра вест за Европа“, а не ветувањето на Јункер дека ќе издржи и покрај грешките кои нè доведоа до оваа положба, ниту инсистирањето на ММФ, Грција да ја докрајчи својата демократија и одлуката на Ренци да игра на сè или ништо со италијанскиот банкарски систем.

Самоуверената транснационална елита од описот на Хантингтон за националните влади како „остаток од минатото чија единствена цел е да овозможат глобални операции на оваа елита“ – веќе не постои. Таа е заменета со екстремно десничарско меѓународно движење, кое го сочинуваат Трамп, Фараж и луѓето од Breitbart News. Тоа е заедништво кое јакне, додека глобалистичкото копнее. Ова може да се спречи со отфрлање на барањето за поголемо штедење и приватизација, за подолго работно време и помали плати. Треба да престанеме да ја уништуваме иднината на младите генерации. Затоа, на француските граѓани левиот центар што побрзо треба да им понуди некој подобар од Фијон.

28.11.2016

Извор: https://www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото