Андон Ќосето, Груевски и Заев

08.12.2016 00:27
Андон Ќосето, Груевски и Заев

Згрозен сум од изјавата на Никола Груевски со која му се заканува на претседателот на СДСМ Зоран Заев, повикувајќи се на Андон Ќосето. Не само што сум згрозен, туку и силно ја осудувам ваквата закана.

Никола, да беше Андон Ќосето жив најпрво ќе те посетеше тебе. Ќе те посетеше тебе, Никола, затоа што ти стана најголем сојузник на УЧК. На истата онаа УЧК која во 2001 убиваше македонски синови, убиваше македонски војници и полицајци.

Ќе те посетеше најпрво тебе, Никола, затоа што токму ти, Никола, ги амнестираше обвинетите ѕверови опфатени со хашките случаи, ѕверови кои киднапираа и сурово се изживуваа врз недолжни македонски цивили, ѕверови кои убија 12 Македонци киднапирани од нивните куќи и дворови. Ѕверови кои убија 12 македонски цивили и ги затрупаа во некоја дупка. Како да се животни, а не луѓе.

Ќе те посетеше Ќосето затоа што токму ти, Никола, го понижи македонскиот народ ставајќи командант од УЧК за министер за одбрана, командант од УЧК за министер на истата онаа Армија чиишто војници ги убивал во 2001.

Ќе те посетеше Андон Ќосето затоа што ти, Никола, им го дораскина и така раскинатото срце на воените инвалиди и семејствата на загинатите бранители кај Вејце, тужејќи ги и барајќи од нив со законска камата да ја вратат земената отштета, земена затоа што ги изгубиле своите најблиски, земена затоа што го изгубиле своето здравје.

Никола, лесно е да се закануваш со друг. Биди маж, па ти лично посети го оној на кого му се закануваш. Земи го ножот како што правел Ќосето и отиди кај него. Арно ама, ти и тие околу тебе сте мазни. Вие сте нежни. Вие не сте за такви груби работи. Повеќето од вас дури и немаат отслужено воен рок, иако во ваше време војската беше задолжителна. Ти и твоите носители на листи, Никола, немате допрено револвер и кама, нож или сабја, пиштол или пушка. Ај кажи реално, Никола, колку од твоите носители на листа имаат отслужен воен рок? А ти, Никола, имаш ли ти отслужено воен рок или не? За крај, Никола, колку од твоите носители на листи учествуваа во одбрана на татковината во 2001? Ниеден? А, Никола? Ниту еден? Нормално, ниту еден. Тоа е опасно за вас, не е убаво, ризично е, валкано е, може да се загине. Војска, оружје, одбрана на држава, не е тоа за вас. Вие имате повеќе мерак на патувања. Особено ако се патува на југ.

Затоа, Никола, пред да отидете предалеку, повикувам на разум. Разум и мир за мирни и ненасилни избори. Разум и мир за доброто на Македонија.

07.12.2016

Носител на листа во третата изборна единица

Коалиција ВМРО за Македонија

Број 9

Генерал Стојанче Ангелов

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Предраг Алексиќ