Нешто за тебе

09.12.2016 02:02
Нешто за тебе

Во пустото поле наеднаш забележав патоказ – стрелка, насочена во непознат правец. Наоколу немаше патишта, дури ни патеки – намерно избрав такво место за прошетка.

Таа стрелка ме заинтригира. Тргнав во посочениот правец, долго чекорев низ пустото поле, сè додека не се стемни. Тогаш наидов на една неугледна куќа со трем и со натпис дека е гостилница.

На натписот прочитав: „Нешто за тебе“.

„Колку чуден назив на гостилница“, се зачудив и решив да влезам.

Внатре беше темно. Се движев низ ходникот на слепо. Најпосле под една врата блесна тенка линија од светлина.

Тропнав – еднаш, двапати, трипати. Не добив одговор. Тогаш ја турнав вратата. Собата беше празна. На масата стоеја три свеќи, а до нив – огледало.

Погледнав во него и видов...

Всушност, нема да ви кажам што точно видов. Затоа што од таа ноќ почнав да носам друга облека, го сменив изгледот и заминав во далечни краишта каде што никој не ме познава. Каде што ниедно огледало нема да може да ми каже „нешто за мене“.


Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски
Слика: Скот Лисфилд

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото