Фотографии кои ја откриваат универзалната љубов за читање

10.12.2016 11:49
Фотографии кои ја откриваат универзалната љубов за читање

Фоторепортерот Стив Мекјури е исклучителен талент за доловување на приватни и интимни моменти, често откривајќи ги слабостите на своитемодели, дури и кога тие се фатени во метежот и вревата на секојдневниот живот. Меккјури е најпознат по својата иконична фотографија од 1985 година на која е прикажана авганистанска девојка, портрет на 12-годишна бегалка со интензивни зелени очи која провокативно е загледана во камерата.

Оттогаш Меккјури продолжил да патува низ светот документирајќи искрени и универзални моменти кај различните култури. Еден од неговите тековни проекти, насловен „За читањето“, го слави безвременскиот и интимен чин на губењето низ страниците на книгите, виден низ објективот на Меккјури. Заедничка за сите општества, возрасти и родови, тој ја прикажува убавината и заводливоста на читањето, како и осаменоста и утехата кои оваа активност му ги дава на читателот додека тој ја апсорбира содржината на книгите кои го транспортираат во еден поинаков свет.

Од двајцата монаси од Камбоџа кои се препуштаат на задоволството на читањето пред еден историски храм, до еден индиски таксист кој чита за време на пауза, Меккјури нагласува дека чинот на читањето ги поместува сите граници. „Сите ние сме различни, но истовремено исти. Ме воодушевува идејата дека без разлика дали сте славно богат и софистициран, или можеби сте некој од улица во третиот свет, или во училница во некоја оддалечена област, читањето за секого е еден посебен чин. Тоа е заеднички линк во нашето човештво, нешто што сите го правиме, без разлика како сме економски и социјално ситуирани.

Во продолжение Меккјури додава: „Читањето нуди време за контемплација. Дури и во Авганистан, каде што животот не е лесен, ќе забележите луѓе кои читаат без разлика што живеат во прилично лоши околности“ – вели тој. „Имам фотографија на еден човек кој чита книга во шахта, кој ова место го користеше како засолниште за време на воздушни напади. Читањето е нешто што кој било писмен човек треба да го прави, и тоа станува дел од вашиот живот. Тоа е една од работите кои нè поврзуваат, кои нè потсетуваат дека сите сме исти“.

Фотографиите на Меккјури првично биле инспирирани од легендарниот унгарскиот фотограф Андре Кертес, кој исто така објави серија фотографии на луѓе кои читаат. „Оваа колекција“ – објаснува тој, „е оддавање почит на талентот на Кертес, неговото влијание, и неговиот гениј“.

Фотографиите на Меккјури се шират низ речиси четири децении од неговите патувања. Оваа конкретна серија сега е објавена во книга, и сликите совршено се комбинирани со предговорот од страна на наградуваниот писател Пол Теру, кој исто така ја оддава својата почит на неизмерната сила на пишаниот збор.

Извор: stevemccurry.com

ОкоБоли главаВицФото