Размислете

17.12.2016 20:53
Размислете

Ми раскажува во една прилика германскиот дипломат Герд Аренс, претставникот на ОБСЕ на Балканот, дека на упорното протестирање на тогашниот претседател на Србија, Тадиќ, против Западното воено присуство на Косово, му рекол да запре и да помисли дали навистина го посакува тоа што го бара. Го повикал да размисли за повторениот хаос и крвопролевање кои би се случиле меѓу Србите и Албанците кога, во еден хипотетички момент, би се повлекле сите воени ефективи на западните сојузници од некогашната српска и југословенска покраина.

Сега, размислете што би се случило кога би се остварила желбата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како и на новинари и интелектуалци кои го посакуваат истото: да се отстрани целото влијание на ЕУ и на САД од Македонија, па и од Балканот во целина.

Прво, размислете што би се случило во домашната политика на длабоко поделеното општество. Потоа прашајте се дали, во услови на слободно и со ништо неограничено делување на регионалните и светските конфликтни интереси и моќ, значи без сегашното силно влијание на САД и на ЕУ, Македонија би издржала 24 часа.

Една од важните причини зошто Македонија успеа да се конституира како држава во 1991 а не во 1912, пред Балканските војни, е затоа што, во меѓувреме, светската политика доживеа трансформација: Америка и западните сили ја отфрлија војната како прифатлив инструмент на политиката, како нормален природен феномен на Дарвиновата борба на нации и застанаа на страната на мирот и преговорите на Стариот континент. Зарем има некој кој би помислил дека доколку политиката на Америка и на ЕУ во 1991 година беше војна, поттикнување на етнички конфликти и експлоатирање на внатрешните слабости на земјата, Македонија ќе се конституираше како суверена држава? Кога веќе бараме виновник, размислете за тоа кој е виновен за нашите кризи. Дали е точна мојата констатација дека заедничкиот именител на кризите на југословенската федерација во 1991 и на самостојна Македонија во 2016 е дека нивните проблеми не се последица на надворешни закани, туку на неспособноста на домашните политики да фатат чекор со демократските промени во Европа. Размислете.

Инаку, нашиот најголем непријател е заканувачкиот јазик на национализмот кој ги обвинува Американците и „странците“ за сите наши неволји, неумерениот збор кој предизвикува анксиозност и треска кај граѓаните на Македонија и може да доведе до конфликт. Оние кои се закануваат со национализам треба да бидат предупредени дека може да се најдат во ситуација во која се нашле толку политичари низ историјата: „Ти мислиш дека ги контролираш настаните, но одеднаш, кога е веќе предоцна, разбираш дека настаните те контролираат тебе“.

Нема гајле, војна нема да има, завршија војните на Балканот!? Еден умен човек запишал нешто над што можеме со саати на ред да размислуваме: „Балканската војна е процес во современата историја, не проста серија на настани“. Сака да каже дека 1912, 1914, 1941, 1991 се дел од еден единствен процес кој тече. Вистинската дилеми, значи, е дали, со поддршка на САД и на ЕУ, ќе смогнеме сили да го запреме тој пеколен процес, или ќе дозволиме да нè однесе.

Извор: Плусинфо, 17.12.2016
Слика: Странски служби