Уметниците и кризата: дискусија за промените на POP UP АКТО во Тетово

20.12.2016 11:25
Уметниците и кризата: дискусија за промените на POP UP АКТО во Тетово

Данило Прњат и Албан Муја

 

Во теоретскиот дел од програмата на фестивалот за современи уметности во Тетово се одржа јавна дискусија насловена како „УМЕТНОСТ ЗА ПРОМЕНИ – Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза“ каде говореа десет уметници, теоретичари и активисти од Македонија и Косово. Тие беа спојувани во двојки кои меѓусебно си поставуваа прашања за нивната уметност и општествен ангажман.


Данило Прњат и Албан Муја

Во главната сала во центарот за балканска соработка ЛОЈА, на првиот ден од фестивалот, интервјуата започнаа со Данило Прњат и Албан Муја. Двајцата отворија многу значајни прашања за влијанието на нацијата, политиката и државните граници врз уметникот. Данило Прњат се осврна на прашањето дали би се бавел со истите работи, ако живееше во Токио или Берлин.

„Соочувајќи се со секојдневни бариери, за уметникот е потешко да твори некаде каде што не припаѓа. Сакам да се бавам со прашања што ги разбирам. Затоа контекстот е многу потребен. Не знам дали е така правилно или не, но така се чувствувам најудобно“, објасни младиот уметник од Белград кој на POP UP AKTO во Тетово учествуваше на заедничката изложба заедно со други уметници од регионот.

Одговарајќи на слично прашање, за тоа каде чувствува дека припаѓа, во Македонија, Косово, Албанија, или на светот, Албан Муја, сопственик на косовски и почесен албански пасош, рече дека денеска се чувствува како Тетовец и дека неговата припадност е често поврзана со местото каде што работи:

„Имав многу резиденции, но мојот дом отсекогаш бил Приштина. Повеќето мои проекти се поврзани со Косово, па може да се каже дека таму и припаѓам. Во однос на политиката и националниот идентитет, се обидувам да се држам настрана од тие работи и да се бавам со околностите. Повеќето од моите проекти се поврзани си трансформацијата, односно со она што се случи со Косово и со регионот. Со Косово особено по 1999-та.“

Во размената на прашања се спомена примерот на Еди Рама како уметник во политиката и неговото препознавање како уметник, или политичар, прекумерната политизација на општеството, а на прашања од публиката се дискутираше и за преминувањето на дебелите етнички линии во регионот.


Бујар Лума и Искра Гешоска

Веднаш по овој разговор, Искра Гешоска, теоретичарка на културата, го интервјуираше тетовскиот режисер и директор на балканскиот центар за соработка ЛОЈА - Бујар Лума за неговите лични погледи на улогата на уметникот во општеството. Според неа, должност на уметникот е да создава конфликт и неудобност, а во ЛОЈА се работи на уметнички техники на разрешување на конфликти.

„Мислам дека уметноста има неспоредлива предност при пристапувањето кон тешките прашања во општеството. Земете го примерот на Августо Боал, театарски уметник и политичар, кој сметал дека може да придонесе многу повеќе кон промените со уметноста, отколку како пратеник во бразилскиот парламент. Овде имавме изложба/проект која целеше кон нешто слично - претставување на мултиперспективни гледања на историјата, но користејќи уметнички техники. Изложбата беше наречена „култура на сеќавањата“.

Запрашана за плодовите на нејзиниот активизам во „Контрапункт“ и „Точка“, Гешоска помалку песимистично одговори: „Одговорноста е наша, а по 16 години, ништо не се сменило, или чувствувам дека одиме назад. Да, сега имаме една силна активистичка струја, но не успеавме со Контрапункт да создадеме вистинска платформа за отворена култура.“

Програмата на фестивалот продолжи наредниот ден со промоција на книгата на Јетон Незирај „Падот на Ајфеловата кула“ и уште три вакви соочувања.
Роберт Алаѓозовски, писател и менаџер во културата разговараше со тетовскиот писател на промоцијата и неговото творештво го најави како продолжувач на талентираната писателска генерација што се развиваше во 90-тите години на минатиот век, а за неговиот успех говорат ангажманите во Њујорк и Сараево.


Јетон Незирај и Мартин Кочовски

Јетон Незирај беше соочен со режисерот Мартин Кочовски во меѓусебното интервјуирање. Говорејќи за тежината да се успее кога се доаѓа од толку далеку, тој рече: „По војната Косово беше 'секси', светската јавност се интересираше за приказни поврзани со историја и конфликт, па често се наоѓаа контакти со покани за гостувања поврзани со тие прашања. Но, веќе никој не сака да издаде или преведе книга од Косово, само затоа што е од Косово. Но, на почетокот беше така. И имаше еден момент во мојата кариера каде се прашував какви драми сакам да пишувам. Излегувајќи од војната, јас нормално бев опседнат со неа и се служев со многу патос, затоа што и така се чувствував. Но, потоа одлучив дека тоа не е патот по кој што сакам да одам и се одлучив за друг стил. Така што, ако се читаат моите дела до 2004-2005, тие се многу различни во смисла на тема, стил и форма.

Мартин Кочовски беше запрашан да го оцени театарот во Македонија во однос на неговото влијание врз општеството. „Јас тврдам дека македонските театри имаат наложени теми за обработка во своите куќи. Диктирани од нивниот министер и нивната севкупна националистичка политика. А независен проект е многу е тешко да се започне.“ Запрашан за трите најгорливи проблеми во Македонија во моментов, Кочовски ги издвои корупцијата, недостатокот на храброст и вертикалната опресија во општеството.

Едно од поинтересните интервјуа беше она каде социјалните центри Дуња од Скопје и Термокис од Приштина се испрашуваа меѓусебно. Клементина Ристовска и Њомза Драгуша зборуваа повеќе за активизам, а помалку за уметност, со што им дадоа на разговорите малку поинаков тон.

Њомза Драгуша и Климентина Ристовска

„Ние сме група на млади луѓе кои беа револтирани со ситуацијата во Косово и сакаа да направат нешто со тоа. Тоа што се случи е благодарение на нашата одлична организација. Идејата започна со двајца пријатели со идеи за јавните простори, како треба да бидат користени, па четири години стававме проекти на хартија без никаков резултат, па се одлучивме на акција. Целта беше да се создаде социјален центар кој ќе поттикнува промена кај луѓето што ја посакуваат. Долго време владата нè одбиваше заради недостатокот на средства, па рековме „добро, тогаш дајте ни простор!“ и успеавме сами да го најдеме, сквотираме, реновираме и задржиме“ рече пред присутните Њомза Драгуша од Термокис.

Запрашана за она што го одвојува „Дуња“ од останатите слични социјални центри, Климентина Ристовска изјави: „Мислам дека 'политичкото' е она што го издвојува Дуња од другите. Политичкиот ангажман, бројните политички активисти кои се собираат кај нас, наместо фокусот на уметноста, која секако не е исклучена, е она што нè прави различни. Понатаму, изнајмуваме куќа во центарот на Скопје, имаме кујна, библиотека, голема соба за собири, удобен двор за социјални активности. Кај нас е водечка идејата за партиципативно вклучување што значи дека секој може да придонесе и секој може да го користи просторот.“

Гадњим Мехмети и Ѓорѓе Јовановиќ

На крајот, тетовскиот дизајнер Гадњим Мехмети разговараше со скопскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ за активизмот и уметноста. Мехмети е активист против загадувањето во Тетово и изминатите години заедно со други активисти кои гравитирале околу неколку невладини организации и ЛОЈА, создавал пропагандни материјали за движењето. Но, приказната за неговото влегување во активистичките води беше она што најмногу ги заинтересира присутните во публиката:

„Пријателите ме прекорија зошто се ангажирам за туѓите проблеми, а не за проблемите на мојата земја или мојот град. Тетово е многу загадено, ми рекоа, и мораш прво да започнеш со борбата за својот град, па потоа да продолжиш понатаму. Следната зима градот беше многу загаден, па со некои од оние што ме прекорија започнавме кампања против загадувањето која вроди со успех.”

Ѓорѓе Јовановиќ доби задача да ги спореди изложбите пред голема и мала публика, нивните предности и што тој преферира. „Сум работел на големи изложби, а последниве 10 години живеевме во навистина специфични услови, и добриот начин да се изразиш беше да излезеш надвор од институциите, затоа што тој начин на комуникација со луѓето беше многу поважен. Но, исто така со помали изложби можам да покренам повеќе прашања, додека големите изложби во институциите минатите години навистина имаа лош квалитет.“

Фестивалот оваа среда ја носи претставата „Битката на Неретва“ пред скопската публика, во Кино Култура, во 20 часот. Изведбата на претставата е во режија на Борис Бакал, а во продукција на „Фрлачи на сенки”, ќе може да ја погледнат сите кои ја пропуштија на битолското издание на АКТО, каде заработи големи аплаузи од публиката.

Фестивалот AKTO e поддржан од УСАИД. Детални информации се достапни на akto-fru.com. Организацијата ФРУ - Факултет за работи што не се учат е формирана 2000 година како уметнички проект. Една од главните активности на ФРУ е АКТО фестивалот за современа уметност.

ОкоБоли главаВицФото