Собирачи на пепел

21.12.2016 04:51
Собирачи на пепел

Од сите работи што Беатрис ми ги раскажа, особено ми се врежа приказната кога се нашла сама на плажата во Ла Пулду.
Наоколу било празно. Застанала на брегот. Денот бил речиси пред заод.
Бавно влегла во морето. Стигнала само до глуждовите. Стапалата ги закопала во песокта. Не дувал ветар и површината била сосема мирна.
Тогаш го спуштила погледот од небото и погледнала надолу кон дното. Одеднаш се запрепастила кога во водата забележала како плутаат потонати краци од морски ѕвезди, пипала на октоподи, некои ќесести парчиња што можеби биле медузи, зелени листови од марула, полжави и органи од рибја утроба.
Веднаш ѝ се згадило. Сакала брзо да побегне. За миг помислила дека е заглавена во песокта и дека не може да се помести. Не можела да се помрдне, па дури и ѝ се причинило дека сонцето наеднаш сосема зашло, а со ненадејното паѓање на ноќта, опашките од рибите и ќесестите парчиња во морската вода почнале да светат како да се флуоресцентни.
Потоа само одлучно замижала и ја протресла главата. Можеби тоа помогнало. Излегла и не се обѕрнала назад.
Ми рече дека тоа веројатно биле само обични намирници што случајно се истуриле од некое риболовно бротче или чамче, кое носело пратка до блиската гостилница и кое најверојатно се превртело.
Сега, кога и да помислела на таа случка, не била сосема убедена дали била вистина или била само сон.

*

Една недела пред католичкиот Божиќ, бевме повикани на забава некаде во чаршија.
Меѓу гостите, чии лица веќе ги знаев напамет, го видов и бакенбардосаниот подлизурко, за кој подоцна разбрав дека бил симултан преведувач од француски. Беатрис беше особено расположена, но јас мислев дека тоа е само намерен впечаток што сакаше да го остави. Цело време танцуваше со преведувачот, додека јас стоев настрана и пиев црвено вино. Незаинтересирано гледав наоколу, а таа упорно доаѓаше до мене и ме канеше да играм, но јас цело време одбивав.
Потоа, бакенбардосаниот се опушти. Бев убеден дека ѝ се пушта. Ја фаќаше малку подрско одошто обично се осмелуваше. Ми падна мисла и речиси бев сигурен дека веќе спиеле заедно или дека ноќта, ако си заминам порано, ќе го направат тоа.
Не знам зошто помислив така.
Едно време, доаѓајќи од тоалетот, Беатрис ми кажа дека би сакала Божиќот да го прослави семејно, со ќерка ѝ, и се надева дека ќе ја разберам што сака да отпатува сама. Не ја ни прашав со кого сѐ поточно има намера да слави, но и онака претпоставував дека ќерка ѝ би морало да биде присутна. Реков дека е во ред, што се однесува до мене. Ме бакна и продолжи да игра.
Потоа пак се врати. Ми рече дека ќе ја запознаам еден ден. Прашав кого. Ми одговори дека мисли на ќерка ѝ. Реков дека сигурно ќе биде така. Па почека, молчевме и двајцата, и на крајот додаде дека мене ништо не ме интересира. Ја прашав зошто мисли така. Ми рече дека ништо не ја прашувам. Но јас реков дека нема што да се прашува. Дека може слободно да оди да прослави со семејството, дека така треба.

Тогаш ми се причини дека малку се подналути. Кажа дека и јас наскоро ќе бидам дел од семејството. Пивнав од виното, кимнав со главата и реков дека стварно ќе биде така. Потем ме почека дали ќе ѝ речам нешто дополнително. Но поради тоа што молчев, продолжи да игра со неуморниот бакенбардосан преведувач, кој веќе беше сиот испотен и кому кошулата му се лепеше за слабикавото телце.
На враќање дома, во таксито, Беатрис тивко ја клатеше главата и се издишуваше некако прекорливо. Го забележав тоа, но продолжив да гледам низ шофершајбната. Тогаш се сврте кон мене. Ми рече дека веќе сме долго заедно и дека најверојатно се согласувам дека врската ни станала посериозна. Ѝ потврдив. Ме праша зошто, тогаш, досега не сум ја однел кај моите за да се запознае со нив. Ми побара да ѝ ги претставам, затоа што било редно време за тоа.
Ѝ одговорив дека се починати.
Остана да молчи, речиси покосена од информацијата, па сожаливо ме погали по коленото. Длабоко ми се извини и се оправда, затоа што досега никогаш ништо не сум ѝ спомнал во врска со нив. Не ѝ одвратив. Не можеше да издржи, па затоа ме праша која е причината што досега не сум ѝ се доверил за ова. Повторно не одговорив, туку само ги кренав рамената. Беатрис ми се извини уште еднаш и ме праша дали сакам да зборуваме во врска со сето тоа, но реков дека претпочитам да не навлегуваме. Ми кажа дека разбира и се вративме дома.
Имавме секс, но ми се причини дека беше малку отсутна. Замина да се истушира, а кога одново легна до мене, со рапав глас ми рече дека доколку би сакал, сепак, би можел да дојдам со неа уште овој Божиќ за да ѝ го запознаам семејството. Но реков дека стварно нема потреба и дека, најпосле, ќе имаме доволно време за тоа. Сега таа заслужува да отиде и да се види со нив, затоа што долго беше отсутна во странство.
Потоа помолче, па рече дека е страшно кога човек остава некој зад себе. Дека тогаш умира светот за тебе. Или дека барем умира некаков свет.
Уште не разбирам што најточно сакаше да ми каже со тоа.
Заспа пред да заспијам јас, како што се случуваше најчесто.
Не ме фаќаше сон, ме мачеа повеќе мисли. Станав и побарав нешто за пиење. Налетав на матарката покрај јазичните учебници на работната маса. Ја кренав и отпив од ракијата.
Долго се немав напиено ракија.
И веднаш помислив на рударите од моето детство, пријателите на татко ми. И на шопската салата што им ја правеше мајка ми кога ќе ни дојдеа на гости.
Можеби не требаше да ја излажам Беатрис, но каква разлика имаше тоа. За неа и онака не постоеја и навистина би можеле да бидат мртви. Тоа не менуваше ништо.
Секој зацапал во песокта на плитакот, без да може да излезе од водата во која наеднаш допливуваат утроби на распорени риби, краци од морски ѕвезди, пипала на октоподи, медузи и полжави, кои колку и да нѐ грозат, не можеме да ги одминеме.
Следното утро падна снег. Ѝ направив појадок. Таа се подготвуваше за патувањето.
Наскоро, во недалечната иднина, конечно требаше да дојде и денот кога ќе отпатуваме и двајцата, а јас засекогаш ќе ја оставам старата земја зад себе.

Извор: Собирачи на пепел, Или-Или, Скопје, 2016.
Слики: Ајкут Ајдогду

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото