Ало, мали, времето за посета истече!

23.12.2016 00:46
Ало, мали, времето за посета истече!

Не знам од каде му правото на поранешниот министер, премиер и актуелен лидер на партија, малиот Никола Груевски, да им се заканува на сите што не мислат како него. Да им дели лекции на странските амбасадори, да им се сили на невладините организации кои не се под негова „капа“, да им се с’ска на СЈО и да му се помоча на Договорот од Пржино. Па, нели тој победи на избори? Нели ја славеше победата? Нели им заблагодаруваше на сите негови гласачи? Нели во еуфорија тврдеше дека победила Македонија и неговата идеја за Македонија? Нели тој треба да го добие мандатот за составување Влада?

Изгледа има нешто друго што го мачи. Ќе да е фамозниот број шеесет и три. Не освои толку мандати, не доби толку послушници кои ќе му ја чуваа фотелјата и ќе му го криеја криминалот. И, како што е редот, малиот го фати паника. А паниката е најсилна кога секаде наоколу тебе задоволно тријат раце и ти се насмевнуваат многу, многу непријатни околости, прилики и ситуации. Со други зборови, тоа се вика замка во која си паднал ти самиот.

Токму така, мали. Исплука многу отров во кампањата и веќе никој не може да ги покрие твоите црнила. Ги испогани твоите довчерашни и „до смрт“ верни сојузници на чело со Али Ахмети, ширејќи албанофобија и страв од поделба на државата, како и уплав од двојазичност на целата нејзина територија. Се обиде да ги исплашиш твоите поддржувачи со човекот, чии желби довчера беспоговорно ги исполнуваше. Било да е амнестијата на учките, било да е укинувањето на пензиите за бранителите, било да се измените на Законот за употреба на јазиците во Парламентот. И? Како сега ќе го убедиш Ахмети повторно со тебе да седне во владината кочија, кога го испопцу како кочијаш?

Мали, а што правиме со странските амбасадори? Истите тие кои секогаш имаа отворени врати кај тебе, било да им ги промовираш своите потемкинови села, било да бараш поддршка од нивните влади? Или, пак, да се сликаш со нивните претседатели и премиери за да му покажеш на своето стадо колку си им омилен гостин? Треба ли да те потсетам дека македонската приказна на вмровски влади во заминување секогаш завршувала со кавги со амбасадори?

Мали, ај да бидеме отворени - твоето помина. Бадијала се пенавиш со прогласи за отворен лов на соросоиди. Никој никого нема да гони, никој никого нема да убива, ниту, пак, Македонија ваква каква што ја опустошивте ти и твојата банда, некој ќе ја дели. Знаеш зошто? Затоа што уништеното не може да се уништи. Може само да го снема, или, пак, повторно да се обнови. Ќе биде тешко, ама ќе се обидеме одново да ги споиме раскинатите нишки на доверба меѓу нас самите и довербата во иституциите. А за тоа, да ми простиш малиша, има само еден предуслов. Прво да заигра стапот на СЈО. Заедно со специјалното судско одделение, проследено со неопходните смени во врвот на обвинителството и Судскиот совет. Не се секирај, мали. Тоа - брзо ќе се дојде.

А додека тоа не се случи, ти слободно прави си интриги, пуштај си ги твоите влатчиња, илчиња, миленковци и мирки да подбуцнуваат и плашат. Ич не се секирај, во даден момент тие први ќе ти се навртат, први ќе тргнат на тебе со ножот в грб. Хм, кога сум веќе кај Валентина „долгиот нож“, не бери гајле, таа одамна има искуство со тебе и твојот грб.

Бидејќи знам дека си многу загрижен за судбината на твојата земја, морам да те утешам, мали. Биди си раат, Македонија нема да се потопи после тебе. Ти само слободно прошетај си низ дворот наменет за дневни прошетки. И онака времето за посети ти истече.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото