Целна деструкција на мозокот

26.12.2016 11:15
Целна деструкција на мозокот

И покрај напорите и најдобрите желби на трансхуманистите и бајрактарите на борбата против стареењето и сите неволји што го следат, сè повеќе се соочуваме со проблеми чие медицинско отстранување е комплицирано, а понекогаш и неизводливо.

Засега науката нема лек и речиси е беспомошна пред Паркинсоновата болест и есенцијалниот тремор, односно треперењето, обично на едната рака. Тука се и мускулните дистонии, односно бизарните движења на екстремитетите и некои делови од телото, хроничната болка и други слични тегоби. Сите тие неволји се последица на повремените сигнали од парниот, длабокиот и непристапниот дел од мозокот наречен таламус. Покрај само делумно ефикасните лекови, за ваквите медицински состојби главното оружје денес е „длабоката електрична стимулација на мозокот“ која заради сложеноста и скапотијата не се применува на овие простори. За да се изведе нешто такво се прават отвори на сводот од черепот, преку нив се спроведуваат електроди до таламусот за во еден негов дел да ги пецкаат и неутрализираат ненормалните неврони.

Пет часови без анестезија

Но, времињата се менуваат. На 9 декември во Лондон, со помош на ингениозен и нов метод на длабока стимулација на мозокот за пет часови бил излечен 52 годишен дизајнер кои заради несовладливо треперење на десната рака со години бил лекуван без успех. Таквото треперење по правило е еднострано и не е ретка болест. На секои 25 лица од двата пола, постари од 40 години, едно лице е жртва на треперење на левата или десната рака, но само при обид за користење. Ова е значајна разлика во однос на Паркинсоновата болест во која треперењето се јавува и кога рацете се во мирна состојба, а освен тоа, се нарушува и одењето.

Група лекари од лондонската болница Сент Мери, меѓу кои немало неврохирурзи, направиле потфат за кој допрва ќе се зборува и пишува. Сè што било замислено е направено далеку од операциона сала, без хируршки ракавици, скалпел и инструменти за отворање на черепот.

На болниот дизајнер на главата му била ставена метална заштита, слична на војнички шлем, на чија површина има 1 024 отвори низ кои на дадена команда поминуваат ултразвучни бранови со висок интензитет, произведени во надворешен генератор.

Додека главата на дизајнерот била снимана на магнетна резонанца (МР) докторите со постојана низа добиени слики од пациентот на мозокот сакале да го идентификуваат таламусот, од кој некои неврони кон периферијата емитуваат неправилни импулси што доведуваат до треперење на неговата десна рака. Целта на лекувањето била уништување на тие неврони со ултразвук со висок интензитет. Кога МР покажала слика на дел од таламусот, бил вклучен генераторот на ултразвукот, а неговите бранови поминале низ 1 024 отвори во кои сите се насочени кон една точка, односно кон делот од таламусот со ненормални неврони. На таа површина од таламусот од 6-7 квадратни милиметри се ослободува енергијата на ултразвукот и се присилуваат молекулите на невроните да вибрираат. Меѓусебното триење на молекулите за време на вибрациите создава температура од 60 степени, што е доволно за нивно самоуништување. Обработката на еден дел од таламусот се изведува цели пет часови без анестезија, а секој од 10 до 12 звучни удари трае само неколку секунди. Во меѓувреме, МР постојано работи и во реално време ги прикажува погодените цели. Пациентот, кога ќе му се каже, ја крева заболената рака и прави разни движења. Веќе по третиот час од звучното бомбардирање на таламусот, станало очигледно дека треперењето ќе исчезне.

радиологот Владислав Героиц

Од лондонскиот печат се гледа дека професорот Владислав Гедроиц, радиолог-консултант во Империјалниот колеџ во Лондон, го споредил дејството на ултразвукот со висок интензитет со она што се случува кога лупата ги апсорбира и насочува сончевите зраци во една точка на хартија. На тоа место хартијата гори и останува дупка.

Во просторијата за МР за време на длабоката стимулација немало никаква драма, ниту херои или хероини. Постапката за лекување се одвивала лежерно со соодветен разговор со пациентот. После извршената интервенција станало јасно дека судбината на пациентот со несовладливо треперење на раката и други нарушувања нема веќе да зависи од лековите, а камо ли од скалпел или машина за отворање на черепот.

Машината за стимулација

Она што е уште поважно и во моментов со разбирлив ентузијазам го истакнуваат лондонските невролози, целната деструкција на дел од мозокот, еуфемистички наречена длабока стимулација, веројатно ќе ги измени животите на сите оние кои се жртви на погрешни неврни импулси од таламусот. Тоа е најдобра вест за постарите со Паркинсонова болест.

Потфатот во Лондон е дел од меѓународна клиничка студија. Во светот постојат 24 машини за длабока стимулација на мозокот со ултразвук со висок интензитет, сите се со исти карактеристики и се произведени во Израел. Стимулацијата чини, во просек, околу 15 000 долари, што е околу трипати помалку од стимулацијата со електроди. Засега, како метод е одобрен во САД и Канада, а во Европа има ознака СЕ (кратекна од францускиот Conformite Europeen, според европските стандарди). Цената на машината е околу 1 200 000 долари, што за која било земја, колку и да е сиромашна, не е недостижна сума. Кога би се обезбедиле средства, а сосема е сигурно дека може да се најдат, фантастичниот начин на излекување на нарушувањата на движењето, работата на рацете и другите слични проблеми ќе придонесе за подобра клима во здравството, а и да не се споменува степенот на благодарност кој би го почувствувале претежно постарите пациенти.

Извор: Политика