Почина Кери Фишер, принцезата Леа од „Војна на ѕвездите“

28.12.2016 01:40
Почина Кери Фишер, принцезата Леа од „Војна на ѕвездите“

Познатата американска актерка Кери Фишер (60), најпозната по улогата на принцезата Леа во „Војна на ѕвездите“ почина откако пред четири дена имаше срцев удар, пренесоа светските медиуми.

Портпаролот на нејзиното семејство Сајмон Холс ја потврди информацијата за магазинот „Пипл“ во име на нејзината ќерка Били Лурд:

„Со длабока тага Били Лурд потврдува дека нејзината сакана мајка Кери Фишер почина во 8:55 утрово. Ја сакаше целиот свет и исклучително ќе ни недостасува. Целото семејство се заблагодарува на утешителните зборови“, стои во соопштението.

На актерката во петокот ѝ се слошило во текот на летот за Лос Анџелес од Лондон, поради што патниците на лице место ѝ пружиле прва помош. Исто така, се наведува дека Кери била однесена во болница само што слетал авионот, а полицијата во изјавата за „Ен-би-си“ соопшти тогаш дека нејзината состојба „не е добра“. Во Лондон била на турнеја по повод промоцијата на нејзината нова книга „Дневникот на принцезата“.

Кери Фишер, родена на 21 октомври 1956 година е ќерка на пејачот Еди Фишер и актерката Деби Рејнолдс, првпат се појавила на филм во 1975 година, во комедијата „Шампон“. Сепак, улогата на принцезата Леа во оригиналната трилогија „Војна на ѕвездите“ беше таа којашто ја прослави на светската сцена.

Режисерот Џорџ Лукас тогаш ја сметал Кери за „премногу нападна за принцеза“, но имало неверојатна хемија помеѓу неа и колегата, актерот Харисон Форд, со кого имала афера во текот на снимањето. Кери Фишер тогаш на филмскиот свет му понудила нешто поинакво: хероината делувала против стандардните тропи на научната фантастика. Се појавила во бројни филмови и серии, како „Кога Хари ја сретна Сели“, „Хана и нејзините сестри“ од Вуди Ален, а имавме можност и да ја видиме во сериите „Семеен човек“ и „Сексот и градот“.

Се појави и во седмиот дел на „Војна на ѕвездите“, „Будење на силата“ од минатата година. Исто така, ликот на принцезата Леа, но направен со компјутерска анимација, се појави и во новиот филм на „Војна на ѕвездите“ - „Роуг 1“, кој сега се прикажува во киносалите.

Кери беше повеќе од „принцезата Леа“. Напиша четири романи и три книги мемоари, а исто така беше сметана за најдобар „доктор за сценарија“, бидејќи помагала во правењето на сценаријата за филмови како „Hook“, „Lethal Weapon 3“, „Sister Act“, „The Wedding singer“, но и за трите продолженија на „Војна на ѕвездите“.

Во последните неколку години Кери отворено зборуваше за менталните проблеми и проблемите со наркотиците со коишто се соочувала.

Беше во брак со музичарот Пол Сајмон, но само една година, од 1983 до 1984 година. Во ноември обелодени дека имала афера со Харисон Форд во текот на снимањето на „Војна на ѕвездите“.

Подготви: К. А.

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото