Полскиот музеј во калта на дневната политика

28.12.2016 13:20
Полскиот музеј во калта на дневната политика

Нацијата сè уште е поделена кога станува збор за толкувањето на случувањата од војната.

Создаден пред речиси десет години, во времето на паневропскиот оптимизам, овдешниот Музеј на Втората светската војна се обидува да раскаже приказна за уништувањето кое ги надминувало државните граници. Во музејската збирка се наоѓаат советски и американски тенкови, клучеви од куќите на Евреите кои ги убиле нивните соседи Полци, знамиња на полската Домашна армија која се борела против Германците и „Енигма“, машината за дешифрирање.

Но, денес судбината на овој музеј кој го финансира државата е неизвесна и зависи од исходот на културната и политичка борба во земјата. По пет години изградба и трошоци од четиристотини педесет милиони злоти (околу четиринаесет милиони долари), музејот нема да биде отворен во јануари како што беше предвидено, а доколку се отвори, државата можеби ќе му ги укине средствата.

Пјотор Глински, министер за култура во полската конзервативна влада, го критикува широкиот пристап на музејот и вели дека би требало повеќе да се сосредоточи на полското искуство. Министерот побарал музејот да се соедини со друг музеј, кој постои само по име. Таа установа е посветена на битката на полусостровот Вестерплате, првата битка во Втората светска војна која се одиграла во септември 1939-та година, и во која полските сили ги одбивале нацистите до предавање. Министерот тој настан го смета за симбол на херојската полска одбрана.

Машината за декодирање, „Енигма“

Спојувањето остро го критикуваат историчарите и јавноста, а показател се многу подлабоките струи кои ја прожимаат Полска. Откако минатата година дојде на власт, десничарската странка „Право и правда“ го искористува популистичкото незадоволство прикажувајќи ја Полска како благородна жртва која ја прогонуваат минатите и сегашни непријатели – некогаш Совети и нацисти, денес Европската унија, германскиот либерализам, руската моќ и имигрантите.

„Тоа е обид на сегашната власт да ја прекрои историјата“ – вели британскиот историчар Норман Дејвис, стручњак за Полска и советник на Музејот на Втората светска војна. „Столб на секој авторитарен и тоталитарен режим е желбата да го прекрои минатото во склад со своите фантазии.“

Музејот на Втората светска војна настанал во 2008 година. Зградата ја проектирала полската компанија „Квадрат“. Има пет илјади квадратни метри изложбен простор и шеесет вработени.

Шамиче со проштална белешка напишана од затворен полски политичар до неговата сопруга, од 1940 година

Ставајќи им акцент на цивилите, музејот има делови посветени на Холокаустот и битката на Вестерплате. Меѓу четириесет и една илјада експонати, од кои две илјади ќе ја сочинуваат постојаната поставка, се наоѓаат и копчиња од шинелите на Полјаците кои биле убиени од Советите во Катинскиот масакр во 1940-та година, во кој биле убиени илјада полски офицери. Некои делови музејот ги посветува и на Пацифичкото бојно поле, француското и данското движење на отпорот, во а делот за децата е прикажан варшавски стан на граѓанската класа пред и за време на војната.

„Овој музеј кој е единствен во Европа, па и во светот, се обидува да ја прикаже војната како меѓународен настан“ – вели Тимоти Снајдер, историчар од Универзитетот Јејл.

Но, Пјотор Глински смета дека Музејот на Втората светска војна „не ја потенцира доволно полската точка на гледиште“.

„Наша обврска е“ – вели Глински, „да го продолжиме разговорот за нашето жртвување“.

„Полска главно ја поврзуваат со Холокаустот“ – изјавува тој. „Светот знае за востанието во варшавското гето на 19-ти април 1943 година, но не го признава Варшавскиот бунт во кој настрадале многу повеќе луѓе.“ Музејот има дел посветен на Варшавското востание од 1944 година во кој полјаците, со ограничена сојузничка помош, шеесет и три дена се бореле против германците пред во земјата да влезе Црвената армија.
(Тој настан е во средиштето на вниманието на Музејот на Варшавското востание, отворен во 2004 година во Варшава)

Реликти од Катинскиот масакр во 1940-та година

Амбициите на музејот го загрозуваат неговиот опстанок

Ако спојувањето на двата музеја се оствари, Павел Макевиќ, директор на Музејот на Втората светска војна, се надева дека неговиот музеј ќе биде отворен кон крајот на јануари без промени. Владата одвоила само половина од средствата неопходни за работата на музејот во 2017 година.

Пјотор Глински вели дека министерството нема намера да ја менува содржината на музејот и дека тој ќе биде отворен според планот. „Има доволно финансиски средства за отворање и најмалку шест месеци работа“ – вели тој. „Потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите.“

Антон Дудек, стручњак за полска историја и професор на универзитеот „Кардинал Стефан Вишински“ во Варшава, заедно со десетина историчари потпишал писмо со критики за спојувањето на музејот иако ја поддржува сегашната влада. „Контроверзите околу музејот се знак дека постои поголем проблем, начин на кој владејачката странка ја монополизира политиката на сеќавањето и историјата“ – смета тој.

Некои семејства кои на музејот му подариле наследени предмети велат дека ќе ги повлечат доколку се реализира спојувањето.

„Мислеа дека ќе водат молњевита војна“ – вели Павел Макевиќ за официјалната власт, „но сега ја водиме Сталинградската битка.“

Клучеви од куќите на Евреите убиени од нацистите

Извор: Тhe New York Times

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Европа / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Култура

ОкоБоли главаВицФото