Победник на „Новите!“ за 2016: Ѕвездан Георгиевски

29.12.2016 02:09
Победник на „Новите!“ за 2016: Ѕвездан Георгиевски

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Калина Малеска, Давор Стојановски и Иван Шопов, одлучи наградата да ја добие ракописот „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски.

Најважните одлики поради кои овој ракопис се оддели од другите кандидати за наградата се несомено јасниот концепт и композицијата, умешното водење на нарацијата, како и нивото на писменост и јазична прецизност. Воедно, како дополнителен квалитет на текстот се издојуваат и игривоста и неизвесноста, кои се одржуваат до самиот крај на делото.

Станува збор за кус роман, составен од осум поглавја, две поетски интермеца и епилог. Дел од поглавјата делумно функционираат и како самостојни текстови и може да се читаат како раскази, иако се мошне цврсто инкорпорирани во романескната целина - како на тематски, така и на стилски и поетички план.

Георгиевски во предговорот на романот експлицитно ги открива книжевните и воопшто уметничките дела кои влијаеле врз обликувањето на ракописот, притоа вешто ослободувајќи се од сомнителната демијуршка претенциозност. Оддалечувајќи се од божемната супериорност на сопственото авторство, авторот вели: Ако случајно се препознаете во некој лик или некоја случка нека не ве излаже тоа – да, тоа е украдено од вас, бидете сигурни.

Од низата уметнички дела кои се споменуваат како некаква основа од која е создаден овој – условно речено - прозен пачворк, можеби се издвојува филмот „Кохерентност“ од 2013 година, искористен како хипотекст во „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“. Ѕвездан Георгиевски се служи со мотивот на паралелни светови, ја проблематизира перцепцијата на реалноста и ја воведува темата на двојникот и на „феноменот дежа ву како судбина“. Притоа, во манирот на метафикцијата и фабулацијата (својствени, на пример, и за Роберт Кувер) врши интересна варијација на неколку теми, мотиви, идеи и слики. Впрочем, и поднасловот на романот гласи - роман во слики за машкото стареење.

 

Главниот протагонист е соочен со својот живот што не може да го препознае како свој, и постојано се гледа себеси отстрана, како да е туѓинец. Преку мотивот на двојникот, Гроздан како да се гледа низ туѓи очи и, поради тоа што во даден момент престанува да ја разликува стварноста од фантазијата (или стравот од стварноста), и повеќе не препознава дали самиот учествува во настаните или само ги замислува, светот околу него ја губи смислата. Аспектот кога стварноста прераснува во гротеска и во бесмисленост е успешно воден преку неизвесните и динамични исечоци од животот на протагонистот.

Одделните настани се поврзани преку лајтмотивот на двојникот, преку повторувањето на ситуации и реплики во кои секогаш се надополнува нешто ново или се менуваат ликовите што ги изговараат истите зборови, како и преку некој вид запаѓање во состојба меѓу сонот и јавето, својственa за магичниот реализам. При ваквите ситуации и сцени, секогаш се појавуваат хаските запрегнати во санките сред белината на снегот, што е јасна референца на приказните од Џек Лондон.

Комплексната испреплетеност на различните мотиви, ситуации, стварности и бројните референци несомено ја носат опасноста од замрсување и заплеткување на приказната кое води во ќорсокак, но авторот, вешто задржувајќи ја неизвесноста и напнатоста до самиот крај, ја избегнува таквата замка.

На крајот, честитајќи му ја наградата на авторот, членовите на жирито би сакале да изразат благодарност и до сите останати учесници, кои придонесоа конкурсот годинава да биде квалитетен и успешен.

Извадок од романот можете да прочитате овде.

 

Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, сегашна Република Словенија. Интердисциплинарни студии по новинарство завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ 1983 година, кога и се вработува во Редакција „Нова Македонија“, каде што главно работи како новинар и уредник во културната рубрика. Од 1991 година преминува во неделникот „Пулс“, каде што е уредник од првиот број па речиси до самиот крај на овој магазин. Од 1999 преминува во „Утрински весник“, каде што е уредник на културната рубрика од првиот број, па сè до 2007 година, кога преминува како уредник за култура во штотуку формираниот неделник „Глобус“, каде што останува сè до неговото гасење во 2011 година. Еден е од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“. Уредил повеќе публицистички книги, литературни дела и зборници. Превел десетина книги, главно од некогашните југословенски јазици. Од 2011 година е невработен, а од 2013 е редовен пријавувач во Агенцијата за вработување на РМ. Книгата „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ е негов прв обид во литературата и прв втор почеток во неговиот живот.

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.

Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски и Сања Михајловиќ Костадиновска.

Фотографија: Роберт Мардин