Топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2016

31.12.2016 15:07
Топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2016

Бурна, непредвидлива, стресна, ангажирана, борбена, неправична, протестна, кризна… Ова се дел од белезите кои можат да ѝ се „прилепат“ на годинава што изминува. Барем на прва. Многумина веќе гласно од училиште или канцеларија извикуваат: „2016-та, аман веќе, оди си!“. Од друга страна, индивидуалните достигнувања, но и искрата што ја создадоа различни иницијативи, движења и организации донесоа позитивен електрицитет за младите. Имаше и концерти, фестивали за културно напојување. За секого по нешто.


Ова е изборот на Радио МОФ на настани по кои младите ќе ја паметат 2016 година:

1. Со контроверзната аболиција се роди Шарена револуција и се зголеми поддршката за СЈО

Претседателот Ѓорге Иванов во април аболицираше 56 лица, главно поврзани со случаите со прислушуваните разговори на СЈО. Актот на Иванов оддекна низ целиот свет. Ја втурна политичката криза на ново, непознато ниво по „бомбите“.

Одлуката создаде вулкан од незадоволство, а лавата се прелеа низ улиците на Македонија. Револтот прерасна и во иницијатива за оставки од функционери, но и за демократизација на институциите, барање за одложување на изборите, за учество на граѓаните во преговорите… По улиците неуморно протестираа и студенти, пензионери, активисти, членови на политички партии и движења, доктори, уметници, новинари… Сите заедно го дигнаа гласот против своевидна легализација на долгогодишен криминал кој почна да го истражува СЈО.

Така се роди Шарената револуција. Ова движење стана симбол на слобода и правда, па сите протестни собири во Скопје почнуваа пред СЈО. Трите „чарлиеви ангели“ – Јанева, Ристоска и Фетаи станаа единствената институционална искра низ маглата од корумпција и страв, па шарените револуционери секојдневно им возвраќаа со аплауз и извици. Поддршката доаѓаше и преку видеа и собири од Амстердам, Лондон, Берлин, Њујорк… Секаде шарени ликови, мултиколоритност и правичност против политичко самоволие.

Шарената револуција ги обележуваше своите активности и перформанси со бои. Со балони и со „чатал“ се боеја различни институции и објекти од „Скопје 2014“. За Шарената револуција тоа беа објекти-олицетворение на криминал. Како и многупати претходно, повторно се организираа контра-протести, овој пат за „одбрана на Македонија“.

По повеќемесечни протести, собири, боења, преговори, герила-акции и блокирање раскрсници претседателот ја повлече аболицијата. И тоа со скоро истиот аргумент како што и ја донесе – „за стабилизирање на земјата“. Шарената револуција престана да протестира секој ден, но боите на дел од објектите постојат и денес. Постојат и беџеви и маици. Постои и СЈО. Чека дали ќе се продолжи мандатот за да продолжи со низата случаи на „Т“.

2.Изборите за нов ректор на УКИМ и претседател на СПУКМ

На 26 јуни, поранешниот декан и професор на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски, беше избран за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ откако четири часа студенти го блокираа влезот на Ректоратот. Причина за блокадата од страна на Студентски пленум беше нелигитимноста на студентските претставници во Сенатот, кои добија право да гласаат за нов ректор, иако имаа изминат мандат.

На 1 јули, пак, Давор Поповски беше прогласен за победник на студентските избори со што ја презеде функцијата на досега контроверзниот претседател на Студентскиот парламент при УКИМ, Кирил Спироски. Но, неговата победа ќе остане запаметена по изборите кои поминаа во тензична атмосфера и со протест пред седиштето на организацијата. Студентски пленум посведочи за насилно одземање на кутии од лица за кои тврдеа дека не се студенти на УКИМ, користење стари печати, немање паравани за гласање и други нерегуларности за време на изборите.

Повеќе од 6 часа студентите протестираа блокирајќи го влезот на СПУКМ, но беа насилно избуткани од припадници на Единицата за брзо распоредување. При овој судир, неколкумина беа полесно повредени. Овие избори Ректорската управа ги прогласи за „црна дамка во историјата на Универзитетот“.

3. Предизвици и бенефиции за студентите и младите

Власта продолжи и ја реализираше идејата за формирање два нови универзитети - „Мајка Тереза“ и „Дамјан Груев“. Нивното формирање загрижи голем дел од академската заедница и предизвика поделени реакции низ јавноста. Прашањата беа дали целиот концепт е набрзина направен, без темелна студија и анализа? Дали можеби власта има намера да направи капитулација УКИМ, под превезот на „зголемување на конкуренцијата“?

„Дамјан Груев“ беше најавен како универзитет за мир, безбедност и одбрана, а сепак еден ден пред негово гласање владата до Собранието поднесе предлог со дополнителни три насоки. Со тоа, „Дамјан Груев“ доби вкупно единаесет високообразовни единици во свој состав. Тие ќе бидат дополнение за 135-те постоечки факултети и 466 наставни програми, кои се изведуваат на 23 универзитети и Виши школи во 15 градови.

На „Мајка Тереза“, пак, ќе бидат предавани вкупно 14 студиски програми на албански, англиски и македонски јазик. До првиот академски час таму беа избрани 45 професори. На секој факултет во просек по 5 професори. Работите за универзитетот ќе се решаваат во од. Ќе се решава и на кој начин да се дојде до бројка од 1220 студенти, особено ако се знае дека до пред два месеци беа запишани само 150-ина.

Изборот на младински претставник од Македонија за РИКО помина со протестен собир и негодувања. Младинските организации кои беа дел од изборот упатуваа на нелегитимен процес, исполнет со повеќе неправилности. Нагласија дека се изиграни со тоа што се избра девојка што работи во институција, во Собрание.

Од друга страна, за Агенцијата за млади и спорт изборот на Бојана Наумоска не беше воопшто спорен. Според Агенцијата, имало кворум и гласале 45 од вкупно 66 членови на формираната работна група.

Во однос на бенефитите, студентите на државните универзитет од 1 јануари 2016 добија бесплатен превоз во автобусите на ЈСП. Беа избрани и 25 најдобри студенти во завршна година од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и од „Гоце Делчев“ во Штип, кои од 20 до 23 мај да престојуваат во Барселона. Исто така, од септември започна проектот на кој се пријавуваа студенти-тутори со минимум просек 8, за да им даваат дополнителни часови на ученици.

4. Легализација на канабис за медицински цели

Повеќе пациенти со најразлични болести со нетрпение ја дочекаа „легализацијата на канабис за медицинска употреба“. Ова во превод значеше измени во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, со што маслото од канабис (засега) го препишуваат онколози, радиолози, инфектолози и невролози. Законот е предвиден за само 4 здравствени состојби – ХИВ, епилепсија, рак и мултиплекс склероза.

Ваквата легализација наиде на различни критики. Прес сè за цената на маслата која варира од 5.000 – 9.000 денари. Граѓанските организации и здруженија забележаа дека треба нов, одвоен закон. Се дискутираше и проблемот со огранувачување на листата на медицински состојби за кои конопот се препишува, а и несоодветните концентрации на ТХЦ и ЦБД во самото масло. Исто така, пациенти забележаа дека „докторите не се замараат“ да го препишуваат лекот.

5. Предвремени пролонгирани парламентарни избори

Предвремените парламентарни избори најпрво беа закажани за 24 април. Потоа датумот „скокна“ до 5 јуни, за граѓаните на Македонија да гласаат на 11 декември. Датумот за избори беше трасиран со безброј преговори, договори, протести, законски модификации, нови преговори, протести, Пржино 2, расправии во и надвор Собрание… Од сè по многу.

Изборите според договорот од Пржино претставуваа важна точка за излез од кризата. Поминаа доста тесно. И двете најголеми партии славеа победи. Во ДИК се водеа маратонски расправии за приговорите на партиите, а надвор пред зградата поддржувачи и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ протестираа.

И по прегласувањето во Теарце остана истиот број мандати – 51 за коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 49 за коалиција од СДСМ, ДУИ 10, Алијанса на Албанците 3, ДПА 2. Се уште се неизвесни коалиции за потенцијална Влада.

6. Engage 2016

Конференцијата за друштвени медиуми Engage годинава имаше две изданија - прво се одржа во кино Култура, а потоа во склоп на фестивалот АКТО во Битола. Акцент и на двете конференции беа граѓанските иницијативи и јавниот простор.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска и поранешниот меѓународен посредник во политичките преговори во земјава, Питер Ванхауте, беа главните ѕвезди на првото издание, придружени со уште шестмина гости од Македонија и странство.

Во второто издание, пак, правото на јавен простор и потребата од автономно место каде младите и слободоумните луѓе ќе можат да експериментираат и творат беше она што ги спои седумте говорници.

7. 2016 беше плодна за урбаните акции

Над 30 герила, урбани и хуманитарни акции ја одбележаа 2016 година. Граѓаните на креативен начин масовно почнаа да го изразуваат својот револт кон проблемите што ги засегаат, но во исто време, не заборавија да бидат солидарни меѓу себе.

Хуманоста годинава започна со осумгодишниот Јован Дукмеџиев кој со својата гитара застана сред плоштадот „Македонија“ во Скопје и свиреше за да собери пари за својата другарка Ели која боледува од рак. Македонските граѓани ја покажаа и меѓусебната солидарност за време на катастрофалните поплави во Скопско, каде со лопати, чизми и сопствени раце ги чистеа домовите на своите сограѓани. На 11 септември во Скопје се случија и неколку последователни земјотреси кои граѓаните ги остави во паника. Токму поради тоа, поединци организираа отворено кино во Градски парк, каде заедно се пребродуваше стравот. Од неодамна, Македонија се вклучи и во глобалната акција за помош на жителите во Алепо, Сирија.

Покрај ова, се ловеа риби во огромните дупки на улиците во Велес, додека Аеродром постави „Гинисов рекорд“ во изградба на улици. Беа погребани човековите права пред Собрание, водата во скопските фонтани се претвори во крв, а охридските лебеди протестираа за трска. Во Маврово активистите побараа безбедни патишта, додека битолската професорка Софија Бејковска-Чочоровска го преплива Охридско Eзеро за да побара затворен базен за талентираните млади пливачи.

Сепак, во 2016 година преовладуваа акциите поврзани со еколошките проблеми. Загадувањето е еден од најгорливите национални проблеми, па граѓани се организираа да чистат предели со отпад, отворија кабини за дишење чист воздух, поставија и бунар во околината на Гевгелија каде жителите се уште чекаат властите да ја исчистат водатата од арсенот. Но, во сета несреќа, граѓаните знаеја и да се пошегуваат. Па така, во Штип се појавија знаци со натписи „Внимание: Диме Спасов на патот“ кои асоцираа на сообраќајните незгоди предизвикани поранешниот заменик-министер за труд и социјална политика возејќи службен автомобил, надвор од работно време.

8.Таксират, Џос Стоун, Д Фестивал…

Во доста тешка година за македонската музичка сцена, поради забраната на ЗАМП за емитување на македонска авторска музика во етер, овогодинешниот, 18-ти по ред Таксират фестивал беше посветен токму на култните домашни бендови. Главната вечер на фестивалот (на кој впрочем, имаше и други одлични настани, како Morcheeba и мјузиклот Монти Пајтон Спамалот) беше рекордно посетена, а ѕвезди на вечерта беа култниот бенд Архангел, кој иако во нов состав, го врати духот во некое заборавено, посјајно време за македонското музичко творештво.

Изминатава година ја одбележаа и поголем број на гостувања на светски ѕвезди, како Џос Стоун на Скопје Џез Фестивал, Продиџи во Охрид, Ozric Tentacles во МКЦ, Жан Мишел Жар во „Борис Трајковски“ и дојранскиот Д Фестивал.

9. Македонски гејмер во тимот освои второ место на светскиот Dota 2 турнир

Македонскиот гејмер од Свети Николе, Мартин Саздов Сакса, заедно со својот тим Digital Chaos во август го освои второто место на Интернационалниот турнир Дота 2. Турнирот се одржуваше Сиетл, САД. Саздов и неговиот тим освоија 3,4 милиони долари.

Ова беше прв пат македонски гејмер воопшто да се натпреварува на овој турнир, а веднаш постгна голем успех на светската е-спорт сцена, каде како нација сѐ уште немаме свои тимови.

Дота 2 е еден од најголемите е-спорт турнири во светот кој го следат десетици милиони гледачи. Најдобрите тимови од сите континенти најпрво играа на континентални квалификации, па потоа се натреваруваа со победниците од останатите континенти.

10. 2016 – година која одзеде најмногу славни личности

Почнувајќи со смртта на Дејвид Боуви на 10 јануари, сѐ до последниот удар – многу саканата Кери Фишер, принцезата Леиа од „Star Wars“, 2016 ќе остане запаметена како година во која починаа голем број познати личности.

Од домашните познати личности, годинава ги изгубивме Есма, карикатуристот и стрип автор Дарко Марковиќ, писателите Мето Јовановски и Трајче Крстески, уметникот Глигор Чемерски, актерот Ацо Јовановски, академик Томе Серафимовски, диџеј Бабура...

Кобната 2016 ги зеде и Принс, Алан Рикман, Џин Вајлдер, Мухамед Али, Пит Бурнс, Леонард Коен, Заха Хадид, Харпер Ли, Џорџ Мајкл, Деби Рејнолдс…

Истражување на Би-Би-Си спроведено кон средината на декември, покажа дека на глобално ниво навистина имало најголем број на починати познати личности (42 дотогаш), а најголем дел од нив починале во првата половина од годината.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото