Новогодишен бакнеж

31.12.2016 16:14
Новогодишен бакнеж

На први јануари 2004 година, во седум наутро, ги затворивме клубовите Монокел и Тифани на Метелкова1. Во ходникот на Ловец собиравме чаши, шишиња, фрлени и заборавени пуловери и јакни, столови, маси, како и други поголеми работи меѓу кои имаше и живи суштества, кои сè уште не беа расположени да ја напуштат новогодишната сцена. Кога на групата џанкери, кои во ходникот ги зафатија нашите столчиња и го мотаа утринскиот џоинт им рековме дека на нашата забава ѝ дојде крај, а својата можат мирно да ја продолжат пред влезната врата, се разгоре лута караница. Слабата девојка, која тукушто запали џиновски џоинт, почна да беснее дека тоа е, веројатно, Метелкова и дека овде сите имаат прво да се будат наутро, навечер и преку ден, и дека нема никој кој би имал какви било поголеми правa на оваа просторија. Затоа тотално е нечуено некој да исфрла некого на Метелкова. Келнерот на геј клубот Тифани гледаше во неа како во чудо, а потоа застана над неа, се навали и рече:

-Драга, како да ти кажам, ова е наша куќа, ова е наш ходник, ние го чистиме и ние плаќаме кирија за овие простории. На овој свет ништо не е џабе, ако можеби во текот на својата кариера си заборавила на тоа. Значи: ало, излегуваме надвор!

Тогаш во расправата се вклучи уште некоја лезбејка и поаргументирано, но не со помала одлучност, рече дека тоа место е сквотирано уште далечната 1994 година и дека многу од нас дежурале овде во вреќи за спиење и деноноќно, со квалитетна програма, се бореле за просторите и идеите на невладините иницијативи, поради што нема никакви сомнежи кој сега тука чисти и кој е тука газда.

 

-Па што сте ни вие нам? Ништо! – уште попркосно им рече слабичката девојка, а нејзините џанкерски ортаци верно кимаа со главите, согласувајќи се со тоа дека не сме им ама баш ништо.

-Е сега јас има да полудам, а не полудувам од што било! – рече келнерот од Тифани, ѝ пријде на слабата и толку брзо ѝ го оттргна столот од под газот, што оваа ни самата не знаеше кога се најде на подот, додека џоинтот ѝ падна во смрдливата бара од истурено пиво, брзо се намокри и се претвори во големо ништо. Стана без збор, го избриша со рацете мокриот задник и потоа на келнерот неочекувано му залепи многу звучна заушка, истовремено невешто залетувајќи се во него, како да не е сигурна од која страна би било најдобро да се нападне. Потоа стана џанкерот со најдолга коса, го зграпчи келнерот за гуша, додека тој ја грабна слабичката за коса, а таа него за појасот на панталоните и потоа притрчаа на помош и останатите џанкери, освен еден, и уште три-четворица типови од Тифани, грабнувајќи се еден со друг за појасите, носовите, кошулите, косите, јаките, ушите и усните, сè додека не се споија во кружна, тркалезна прегратка која во сопствен ритам почна да се ниша кон излезот, залетувајќи се и одбивајќи се од ѕидовите и кршејќи ги стаклата на вратата. Тогаш притрча главниот од клубот Тифани и на повеќе места се обиде да ја разбие тркалезната прегратка меѓу џанкерите и педерите, што беше невозможно, така што и самиот се истркала заедно со нив надвор, на скалите, каде што туркањето со нозете конечно придонесе за тоа да попуштат со рацете и да престанат да се грабаат по облеката и лицата. Слабата девојка и понатаму врескаше дека никој нема да ја исфрли надвор и сега беше јасно дека тоа е нејзиното мото на денот, ако не и на новата година, која само што почна. И пак се залета во келнерот кој ја подигна раката, како да се гади од нејзините допири, и притоа сосема одмерено ја удри со лактот во лицето. Шупливиот звук на удар на коска во коска пак го разбуди нејзиниот пријател, кого овој пат во акцијата го спречија рацете на џанкерите и гејовите, а можеа да се слушнат и одредени дофрлања, дека тоа сепак нема смисла, дека овде нема да дозволиме никакво насилство, но треба да се почитува просторот и оние кои се залагале и труделе околу алтернативната култура, иако, нормално, прашање е кој одредува што и за кого е алтернатива, и што воопшто значи таа ебена култура. Дека зборовите беа заменети со тупаници, веќе беше сосема јасно и од Ловец дотрча уште еден келнер, бисексуалец, и со бело шамивче од нежен материјал тргна кон џанкерката која крвареше од носот и устата.

 

-Како можевте? – се заврте згрозено кон собраното друштво. И тоа жена!
-Да, жена – се согласи и нејзиниот разјарен долгокос пријател и заштитник.
-Да се удри женско, па тоа е нечуено – рече бисексуалецот и ѝ го подаде своето марамче на слабата.
-Земи, избриши се.
-Марш бре, остави ме! – го турна, го избриша носот со раката и крвта од дланката ја истресе на земја. – Не земам ништо од педери!

Сето тоа време стоев некаде на страна и сега бев конечно убедена дека не требаше активно да се вмешам. А на другата страна стоеше оној џанкер, единствениот кој во меѓувреме не се вмеша и не зборуваше, туку ја следеше тркалезната прегратка од џанкери и педери од дистанца од неколку метри. Кога слабата девојка го исплука крвавиот шлајм и за последен пат ги проколна педерите, молчаливиот тип ми пријде и ми ја подаде раката. Се повлеков наназад, за секој случај да ја зголемам раздалеченоста помеѓу тупаницата и мојот нос и се обидов да ја прочитам намерата од стаклениот сјај на неговите очи. А потоа некако успеав да сфатам, самата му подадов рака и така се поздравивме.

-Па, нека е среќна и весела! – ми рече.
-Да, нормално, се согласив – среќна и весела!
А потоа се бакнавме еден со друг во образ.

Извор: Пристоен живот, Темплум, Скопје, 2015
Превод од словенечки: Драгана Евтимова
Слики:

_____________________________________________

[1] Монокел е лезбејски клуб, а Тифани е геj клуб. Метелкова е алтернативно-културен кварт во поранешна касарна на ЈНА.

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото