Француските работници добија право да не одговараат на службени мејлови по крајот на работното време

04.01.2017 14:03
Француските работници добија право да не одговараат на службени мејлови по крајот на работното време

Вработените на кои им се креваше коса на главата кога шефот во сабота или недела ќе им прати мејл со назнака „итно“ од први јануари можат да здивнат, барем во Франција.

Вработените отсега имаат право да не одговараат на такви повици надвор од работното време, според законот наречен „право на исклучување“.

Компаниите со повеќе од 50 вработени се обврзани да изработат кодекс на добро однесување во кој ќе бидат наведени часовите во кои вработените не треба да одговараат или да испраќаат пораки по електронска пошта.

Франција веќе има 35-часовна работна недела која е на сила од 2000-та година, потсетува Би-Би-Си.

Предлагачите на законот истакнаа дека вработените кои одговараат или ја проверуваат електронската пошта надвор од работното време не се чесно платени за прекувремената работа и дека таквата пракса на постојано „приклучување“ на мрежата носи ризик од стрес, согорување на работа (burnout), проблеми со спиењето, а го пореметува и приватниот живот.

Законот за право на исклучување е дел од реформата на законот за труд и единствен кој не предизвика протести и штрајкови, што не беше случај со измените на законот кои им овозможуваат на работодавачите полесно вработување и отпуштање на вработените. Негова цел е да наметне почитување на времето за одмор и годишниот одмор, како и да воспостави подобра рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Според студија на институтот Great Place to Work, 12 отсто од активната популација е погодена од болеста на 21-от век, согорување на работа, но „burnout“ во многу држави не е признат како професионална болест.

Во Белгија со законот од 1 септември 2014 „burnout“ се смета за „психосоцијален ризик“ и фирмите се обврзани да ги прилагодат своите правилници според него, но во пракса, ретко кој се повикува на тој закон.

Некои приватни компании веќе се обидоа да им го ограничат на своите вработени користењето на електронската пошта надвор од работните часови.

Така, на пример, германскиот произведувач на возила Дајмлер во 2014 воведе опција за работниците кои заминуваат на годишен одмор наместо пораки out-of-office, да можат да одберат функција електронските пораки автоматски да се бришат.

Извор: B92