Еволуцијата на емпатијата

06.01.2017 13:48
Еволуцијата на емпатијата

Долги години емпатијата беше поврзувана само со човечкиот род, меѓутоа, откритието за постоењето на емпатија и кај животните го поставува во фокусот прашањето за нејзиното еволутивно значење.

Мајмунот резус, вид познат по своите човеколики социјални способности, се наоѓа во кафез со синџир кој го повлекува кога сака да добие храна. По дванаесет дена безгрижен престој во тој кафез, добива пријател резус во кафезот до неговиот. Меѓутоа, набрзо сфаќа дека кога ќе го повлече синџирот за да добие храна, неговиот пријател во другиот кафез добива силен електричен шок. Малиот резус престанува да јаде за да не го повредува својот пријател.

Опишаниот експеримент го спровеле тим психијатри предводени од страна на Жил Масермен во 1964 година. Приматологот Надја Котс опишува уште еден сликовит пример со своето шимпанзо Џони. Единствениот начин на кој Котс успевала да го наведе Џони да слезе од кровот кога ќе побегне е со мимикрија на плач. Кога Џони ќе видел дека Надја плаче, тој веднаш слегувал од кровот и се поставувал заштитнички блиску до неа, во потрага по потенцијалниот напаѓач кој ја расплакал.


Во туѓа кожа

Слични експерименти и ситуации, кои ги има во голем број, покажуваат евидентно постоење емпатија кај приматите. Под емпатија или сочувствување најчесто се подразбира способноста на „влегување во туѓа кожа“ и разбирање на емоционалната состојба на друга личност. Долго време оваа способност е поврзувана само со човечкиот род, додека со откривањето на постоењето на емпатија кај животните се покренува прашањето за нејзината еволутивна смисла. Постојат две моќни претпоставки во однос на прашањето поради што дошло до развој на емпатијата.

Првата претпоставка се однесува на родителското однесување. Цицачите се вид кој вложува голема енергија во одгледувањето на секоја единка. Поради ваквата сексуална стратегија, било неопходно да се развие некој вид чувствителност кон потребите на доенчињата. Без ваквата способност, мајките не би можеле да ги препознаат потребите на своите младенчиња кои не се во можност самите да се грижат за себе, што би резултирало со нивната прерана смрт. Крајните последици би биле изумирање на целиот вид.

Другата претпоставка се однесува на соработката, и на извесен начин му пркоси на Дарвин. Според Дарвиновата теорија на еволуција и на принципот на природна селекција, секоја единка ќе се труди за себе да обезбеди опстанок оставајќи што поголем број здрави и способни потомци. Меѓутоа, оваа теорија не може да го објасни однесувањето на малиот резус. Природната селекција би можела да го опфати и поимот емпатија доколку би се сфатила во поширока смисла, како обезбедување на опстанок, не на единката, туку на видот. Емпатијата овозможува постоење на грижа меѓу единки од ист вид, што доведува до одгледување на посилни и поспособни единки кои понатаму би го облагородувале видот.

Постоењето на родовите разлики, кај емпатијата исто така може да се објасни преку еволуциски пат. Женките имаат долга филогенетска историја на одгледување која се пренесува од колено на колено. Со оглед на тоа дека женките раѓаат, тие се првиот објект за кој се поврзуваат младенчињата. Тие поминуваат повеќе време со младенчиња, ги чистат, ги хранат, ги заштитуваат, па затоа и не зачудува тоа што во текот на еволуцијата развиле подобра способност за емпатија.

Оние женки кои оствариле подобар однос со младенчето ќе одгледаат поуспешни единки. Кон овој принцип првпат во педесеттите години го привлекол вниманието британскиот психолог Џон Болби, кој му дал и име на овој феномен, нарекувајќи го афективна поврзаност. Од раниот однос на мајката со младите зависи нивната подоцнежна социјална и сексуална адаптација, како и способноста за решавање на проблеми. Емпатичните мајки во оваа смисла имаат поголема предност да одгледаат здрави и способни потомци.

Истражувањата на животни како што се споменатите примати ни помогнале да увидиме многу сличности со луѓето, а експериментите покажале дека овие принципи важат и за луѓето. Истоветноста на човечката и животинската емпатијата се огледува во истиот нервен механизам, таканаречените огледални неврони. Иако околу нивните функции не се согласуваат сите научници, повеќето од нив претпоставуваат дека се развиле како помошен механизам за разбирање на акциите на другите единки. Огледалните неврони во соработка со лимбичкиот систем, кој е заслужен за регулирање на емоциите, учествуваат во перцепцијата на туѓите емоции, со самото тоа и на емпатијата.

Истражувањата на луѓе ни помогнале подобро да ја запознаеме когнитивната компонента на емпатијата, која кај животните не е толку развиена, како и нејзината еволутивна цел кај луѓето. Се покажа дека со возраста опаѓа и способноста за емпатија, што се совпаѓа со периодот кога се намалува потребата за родителско вложување.

Исто така, се покажа дека кај луѓето постои можност на прекумерна емпатија, која на нервен план се манифестира со блокада на мозочните структури заслужни за „сместувањето во туѓа кожа“ од страна на лимбичкиот систем. Се чини дека кај луѓето, за успешна социјализација, пред сè е потребна способност на разбирање на другите, додека сочувствувањето можеби е само заостаната помош од нашите мајмунски предци.

Слики: Science Daily

Извор: elementarium.cpn.rs

Слични содржини

Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото