„Секој ден песна“ - Избор, 2016

06.01.2017 14:31
Секој ден песна“ - Избор, 2016

Лав Захаров
Лирик

Земал поглед од Мисе,
А од Хајне умното чело.
Носот потсеќа на Бајрон,
Усните му се ко на Лорка.
Ноктите се Пушкинови,
А раката фина, тенка,
Создадена е да напише
Сјајно, трајно лирско дело.
Создадена за тоа е раката,
Но тука е коренот на макава:
Сопственикот на раката е спорен,
За лирика тој не е створен.


Милко Кос
Атомски поет

По туѓите песни ријам како ѕвер
додека не станам ГИЈОМ АПОЛИНЕР.

Стиховите ги делкам небаре вајар
додека не се извештам како ПОЛ ЕЛИЈАР.

Во својот стремеж и низ образованието вишо
ќе пораснам до нивото на АНРИ МИШО.

Лириката кога ќе ја закачам на ревер,
накривувам капа и свиркам ко ЖАК ПРЕВЕР.

Боговите се големи, а јас нивен син ‒
тогаш низ мене пее СЕРГЕЈ ЈЕСЕНИН.

Од најдлабокото дно ќе извлекувам руда
размавтан во работата како ПАБЛО НЕРУДА.

Големината ќе ми стреми накај китот орка
ако сакам да бидам моќен ко ГАРСИЈА ЛОРКА.

Прославен и сакан, ќе живеам боговски
и ќе грмам насекаде како МАЈАКОВСКИ.

Никола Стојановиќ
Девојката од паркот

Таа седеше на клупа во паркот,
дрвјата околу нас беа во цут,
читаше поетска збирка
и црно кученце држеше в скут.

На соседната клупа
јас во себе правев скица
за начинот на којшто би можел
да ѝ пријдам на таа убавица.

Ѝ верглав романтични рими,
нудев приказни, заплети, резиме.
Сè беше залудно: таа не ми даде
ни адреса, ни телефон, ни име.

Речиси цело лето за тоа срце
Се обидував да најдам клуче.
Најпосле дозволи таа само
да го милувам нејзиното куче.


Даниела Камбасковиќ
Белградски таксист (цитиран со цигарата в заби)

А дали сте забележале
дека птиците не стареат?

Сите стареат,
и кучињата, и мачките, и луѓето.

А птиците никако.

Не знам кај одат
кога остаруваат.

А можеби не ни стареат.

Тоа е белки зашто летаат.


Николај Олејников
Ѓеврек

О ѓевреку, производ ти си на пекарската вештина!
За јадење служиш, но поголема е твојата суштина!
На изглед си прост, но твојата тајна градба е завештение:
Посложена од часовник и повеличествена од растение.
Силеџија со треперлива рака те крши. Но тој е улав.
Нестрплив. Твојот прстен му предизвикува уплав,
А дупката славна, збиена
Го мачи како тајна сеуште неоткриена.
Ние во ѓеврекот гледаме, во таа проста фигура,
во неговата илјадагодишна архитектура,
Се обидуваме да сфатиме, да речеме „знам!“,
На на што, всушност, сето тоа ни личи нам?
Што значат дамките, кругот, кривините, за еден муштерија?
Залуд! Ѓеврековото значење за нас останува мистерија.

Елизабет Бишоп
Заспивалка за мачката

Мјау, склопи си ги очињата,
Ајде спиј и слатко сонувај,
Од Нештата крај постелата
Чуда прекрасни очекувај.

Мила Мјау, не мурти се,
Соработувај, те молам, со мене.
Не ќе биде удавено ни маченце
во Марксистичкото уредување.

Ќе стаса Радоста и Љубовта,
Наскоро ќе дојдат среќни дни,
Мјау, немој да си натажена.
Спиј си мирно, сони слатки сни...

Превод: Магдалена Хорват


Георги Господинов
Мачка

Невина си како дете
   кое беси мачки
       по дрвјата
       напролет
            в
            и
            с
            а
            м
          врз
    насмевката
 со којашто си за
                        м
                         и
                          н
                           у
                            в
                             а
                               ш

Превод: Никола Маџиров


А. Г. Матош
Басна

Пердувестите грла се собрале на сретсело:
На соседот лисец му треба нација!
Заклучиле да му пратат смело
- Како секогаш - депутација.
Застапниците составиле тело,
таканаречена делегација,
И на државникот му дошле пред чело,
Предавајќи му декларација.
Мајсторот - ко секогаш - дружината
Ја заклал и си спремил ужина,
Сè без збор и без приговор.
Собранието само констатирало
Дека комшијата пак се бламирал
Кршејќи ја смислата на договорот.

Енес Халиловиќ
Оглас

Поволно продавам
француска механичка направа
во сосема исправна состојба.
Година на производство 1792
користена до 1977.
Подмачкана околу седумдесет илјади пати.
Модел: Луj XVI.


Драган Огњановиќ
Термопили

Сите не го прифативме даденото,
Сите не го сакаме украденото.
Подобро е да си човек отколку свиња.
Сите не сме снисходливи џуџиња.

На сите идол не ни се парите,
бесните коли и лесните жени.
Со ѓаволот нема да нè спарите
и на душите да ни залепите цени.

Монструмите излезени од дупките
Можеби нема да ги убедиме,
Но животот нема да го жалиме
сè додека не ги победиме.

Избор и превод (освен каде што е поинаку наведено): П. В.
Слики: Edward del Rosario

ОкоБоли главаВицФото