Додека не се задоволи Ѓаволот

07.01.2017 12:00
Додека не се задоволи Ѓаволот

Навистина, по неколкуте изминати години кои, сосема спротивно од доказите, се чинеа како „помалку историски“, оваа беше таква што човек бомбардиран со настани и вести лесно може да ја „тестира“ нејзината историчност. Да речеме, ќе го замисли гласот на некој иден, поуморен и поисплашен Бане Бумбар кој еднаш, а без трошка носталгично волшепство од оригиналот, длабоко ќе интонира над незаборавната музичка тема на Симјановиќ:

„... таа 2016 година, умреа Дејвид Боуви, Принс и Леонард Коен. На американските претседателски избори победи Доналд Трамп. Умре Фидел Кастро. Боб Дилан доби Нобелова награда за книжевност. Умреа Драган Николиќ и Бата Живојиновиќ. Умреа Јадранка Стојаковиќ и Есма Реџепова.“

Веднаш се гледа дека музичкиот свет – покрај едното величествено признание – трпеше најголеми загуби. Почна веднаш во првите денови, со најголемата, и изгледа дека исто така и завршува. Велиме „изгледа“ зашто иако до крајот на 2016 година останаа само уште неколку дена, ова е година кога во еден момент се чинеше, до неверување, дека загубите нема да престанат – додека не се задоволи Ѓаволот.

Распрснато на календарот се нижеа имињата, најпознатите и оние кои им се познати главно на љубителите на музиката; некои заминаа во длабока старост и со заокружени опуси, а некои дантеовски, запрени „на половина од својот животен пат“. Џорџ Мартин, иноваторот на студискиот звук и „петтиот Битлс“; композиторот авангардист Пјер Буле; Грег Лејк и Кит Емерсон – од истиот бенд во една година – му се придружија на Лазар Ристовски за да расправаат за Хамонди и Мугови; сензибилниот Аргентинец Гато Барбиери навистина го отсвири своето Последно танго во Париз и замина кај сонародникот Кортасар во шпанското преплетување на џезот и заведувањето; одјава и стариот кантри-намќор Мерле Хагард кому ни половината живот пушење опијати како да не му можеше ништо; Тутс Тилеманс, белгискиот џез-меланхоличар што ја воведе усната хармоника во стилот, можеби „џемува“ со својот пријател Бошко Петровиќ; одлета и белобрадестиот стоик Леон Расел, авторот на прекрасната Song for You и шеф на неповторливиот оркестар на Џо Кокер, Mad Dogs and Englishmen, и Скоти Мури, гитаристот на Елвис од првите револуционерни синглови, и Глен Фреј, потписникот на Хотел Калифорнија...

И, еве, исто како што пееше покојниот Тома Бебиќ – „не е готово кога е готово“: во моментот додека го пишувам текстов, доаѓа вест дека штотуку заминал Рик Парфит, неуморниот ритам гитарист на Status Quo и нашиот некогашен чест гостин. Ни ден подоцна, на Божиќ, во 54-та година од животот згасна и творецот на најдобриот белечки соул и фигурата за пример на генерацијата – променливиот, сензуален Џорџ Мајкл.

Кјароскуро

Сепак, смртта на тројцата што први ги споменав го удри најсилниот печат во тешката година, и секој на различен начин, се подразбира.

Така, ненадејното заминување на Принс – пејач, гитарист, мултиинструменталист, композитор, танцувач, секс-симбол, „полиморфна“, постмодерна појава и една од последните вистински поп-ѕвезди – беше опипливо трагично зашто очигледно беше предвремено. Патот и животот на Принс се прекинати, а уште полошо, среде новиот залет и интересот за неговата музика, а по децениско авторско творење и залудни, тврдоглави битки. Меѓутоа, веднаш по неговата смрт и од моментот кога минијатурниот (160 сантиметри без штикли) ексцентрик од Минеапоилс веќе не можеше како дотогаш опсесивно да ги контролира апсолутно сите аспекти од јавната слика за себеси, почна да се појавува и нешто многу потемно од позадината. Зад убедливата, шарена, секогаш сензуална и редовно спектакуларно оствирена и продуцирана збирка песни која одбележа две декади, пост мортем се отсликуваа сè посилните контури на ликот кој само го насетувавме и во веселите, помалку оптоварени времиња несвесно го потиснувавме. Бидејќи беше близнаци во хороскоп, беше речиси воздушно лесен однадвор, Принс долго го криеше опскурниот приватен свет: внатрешниот раздор помеѓу опресивната, секташка религиозност (тешко е да се поверува, но беше Јеховин сведок), наспроти изразената телесност, целата патологија на односите и врските со жените, промискуитетот, параноидноста, воопшто нагризаното ментално и физичко здравје. Кај него, исто како и кај некогашниот кандидат за тронот Мајкл Џексон, одеа и изнајмени доктори-лешинари на платен список и автомедикација со коктели на легални, а убиствени дроги кои музичарите на крајот ги чинеа и живот. Принс умре без мир и дигнитет, помеѓу лет со приватен авион и концерт, оставајќи една радосна епоха и генерација без можност за заклучок и отпуст.

Сакаш помрачно?

Сосема обратно, во смисла на довршување и простување, замина Леонард Коен. Бардот од втората половина на дваесеттиот и почетокот од овој век, долго го најавуваше своето физичко исчезнување, а на последниот албум кој излезе само 16 дена пред смртта – како Евреин, на Коен веројатно ќе му се допаднеше оваа речиси кабалистичка игра со бројки и црн хумор: 16-2016 – се прости јавно, храбро и духовито тематизирајќи го во песните сопственото заминување. Воопшто, „најдепресивниот“ и воедно веројатно најдуховитиот кантавтор, од оваа нишалка помеѓу (вистинскиот и стилизираниот) мрак и хумор направи цел поджанр, па така и го спроведе до самиот крај: својот музичко-поетски епитаф го нарече „You want it darker“ – што може да се чита и како предизвикувачко реторичко прашање и како констатација. Припаѓајќи му на народ и култура која разговара со Бога од дамнешни времиња и трагично но и со метафизички виц, Коен фрапантно ги спои двете нивоа: на ироничниот стих и реченицата од насловот се надоврзува пеењето, прво на кантавторот па потоа и канторот од монтреалската синагога на крајот од песната (!) со цитат на хебрејски од Стариот Завет, од приказната за Абрахам и Исак: „Хинени, Адонаи“ – „Еве ме, Господи“. И повторува уште еднаш, на мајчин јазик, речиси шепотејќи, смирено но и со искра надеж: „I'm ready, My Lord“.

Како некаков старовремски еврејски мистик Леонард Норман Коен го заокружи животот, се чини, најдобро што можеше. Но, тој и великодушно и конспиративно, интимно, ѝ остави простор и на својата софистицирана и интелигентна публика да тагува по него. Во историјата има малкумина на кои од рака им тргнале двете нешта.

Ѕвездениот човек

Во јануари, еден ден по својот роденден почина Дејвид Боуви, сосема неочекувано. Празнината зад него тешко може да се објасни, толку нежна што обидот за преведување би ја расипал и затоа наместо тоа, елоквентната тишина која ќе им зборува само на чувствителните се сфаќа како единствениот доволно деликатен „концептуален избор“. Ова последното, пак, и онака е клучен и оперативен збор: не е познат современ уметник кој слично ја концептуализирал својата смрт, која на сличен начин ја режирал за јавноста, однапред, без извинување, без вовед, планирајќи ги настанот и објавата во детали. Со тоа уште еднаш повлече црта што го одвојува човекот со толку лица, промени и трансформации, од приватната личност – линијата помеѓу крстениот Дејвид Џонс и личноста која се вика Дејвид Боуви.

Но, она што не можел да го планира, беа посветите што следуваа. Меѓу нив, три се неспоредливи со што било и заедно прават една необична „синтеза“. Прва дојде снимката од родниот град и квартот на Боуви, каде еден ден по неговата смрт, масата собрана во Брикстон ја почнува песната Life on Mars – која има големи барања заради нејзините модулации – ја пее совршено, докрај. Втората, швенкот, е апсолутна спротивност, на видеото без ниедно човечко лице – ѕвоната во црквата во Утрехт ја интонираат Space Oddity, заштитниот знак на Боуви. Третата посвета ги надмина двете. За авторот неодвоив од сопствените ликови, кој пееше за „вонзејманите“ или за Земјаните во вселената – за астронаутот Мајорот Том, Зиги Стардаст, „Пајаците од Марс“ и „Паднатиот човек на Земјата“ – и самата планета Земја како да беше премала за омаж. Боуви ја снимил Space Oddity 1969 година, пет дена пред летот на Аполо 11 во Вселената. 44 години подоцна, командантот Крис Хадфилд, астронаут од ISS, Меѓународната вселенска станица, ја испеа и отсвири во Космосот – сам во бескрајот, високо над нас, и ја пушти снимката назад на Земјата. Некако има смисла тоа што единствено Дејвид Боуви можеше да добие посвета која ги отсликуваше сите тројца: луѓето, небото и – Небото.

29.12.2016

Извор: Vreme