Реакции на Платформата на албанските партии во Македонија

09.01.2017 13:00
Реакции на Платформата на албанските партии во Македонија

Мирјана Најчевска
Демократијата е сериозна работа

Според мене, ова е неконзистентна и хаотична листа од замисли (од типот на мали Ѓокица), желби и провокации ставени во обланда на социјално посакувани ставови која би требало да ја замени вистинската програмска понуда која овие конкретни партии треба да им ја дадат на граѓаните согласно реалните состојби и барањата и очекувањата на граѓаните.

Во листата наречена платформа, нема ни збор за одговорноста (било за минатите дејствија кои довеле до назадување во економијата, во здравството, во образованието, во правната сигурност, во општата безбедност, во чистата животна средина, во стандардот на живеење, кои довеле до масовно иселувањето од државата… кои се резултат на 10-годишното злоупотребување на власта, корумпирање на судството и администрацијата, неказнивост за криминалните активности на високи функционери во власта, било како одговорност која би се прифатила за идните дејствија).

(Квадратура на кругот / Окно)

Жарко Трајаноски
Се бара нешто невозможно и историски незасновано

Што е за мене најпроблематично во „платформата“?

„Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.“

Ваквата формулација тврди дека во Македонија во период од цели 40 години се случувал геноцид врз албанскиот народ, вклучително и во периодот од 1945-56!

Во периодот од 1912-1918 година на овие простори се случувале многу војни и конфликти во кои имаат изгинато стотици илјади луѓе. Има многубројни жртви и многу за читање и разбирање.

Во овој период има историски податоци за бројни масакри во албански села, како што има податоци и за масакри во македонски села. Но, тука не станува збор само за отворање на овие чувствителни историски настани од пред еден век, туку за теза која тврди дека се случувал „геноцид врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956“, односно цели 4 и кусур децении, значи и во периодот од 1944-56!

Во последните 15 години ДУИ е 13 години во власта и ниту еднаш не сум слушнал дека има побарано осуда на некаков геноцид врз албанскиот народ во Македонија! Кому му одговора да се отвора вакво чувствително прашање на верски и државен празник, во 2017 година, повеќе од еден век откако се случиле крвавите настани?

(Фејсбук)

Емилија Лазаревска
Платформа - тоалетна хартија

Прво што направив кога ја прочитав заедничката Платформа на политичките лидери на некои партии на Албанците во Македонија, беше да се информирам дали постои во светот бинационална држава. И како што е модерно сега, а и поедноставно отколку да се бара по енциклопедии, напишав на google- бинационални држави и гугл ми одговори со incorrect.

Ме праша дали мислам на-национални држави. Еве јас и google не знаеме. Ако има и ако знае некој, нека каже.
Затоа, како што би рекла и би напишала почитуваната проф. Д-р Катерина Тодороска, оваа Платформа-памфлет, ја доживувам како - тоалетна хартија.

(Актуелно)

Рамадан Рамадани
Расправа за купеа и седишта во воз кој излетал од шини

Моментот е ужасно промашен - на празничен ден за сограѓани кон кои би требало со посебна грижа да се обзнани оваа декларација.

Владеењето на право со се Прибе, СЈО требаше да биде погоре. Не може да исправиш држава која ја нема, вака изгледа како расправа за купеа и седишта во воз кој излетал од шини.

Проблем е и неспомнувањето на претежно македонските политички коалиции со кои сепак ќе треба сето ова да се направи.

Проблематично е и непостоењето на барање за специјален суд или судско одделение со кое барем малку ќе се оправдаше тотално непотребната посета во Косово. Вака, барем ќе можеше да се каже: па ете, таму ќе има СС и добро е за државата.

Лајк за активно учество во добрососедски односи, името и симболите на државата. Химната и грбот останале уште од ОРД, иако досега неспомнати се заборавија како тема. Упорното наметнување на прашањето за името и како прашање на идентитетот на државата, донесе до ова да за идентитетот на државата треба сите да се прашаат.

(Фејсбук)

Жарко Јорданоски
Бомбата на Рама

Колку што можам да сфатам на прв поглед, партиите на македонските Албанци бараат функционална федерализација и редефинирање на уставниот карактер на Македонија во правец на бинационална држава. Ова е очигледно дел од поширока сеалбанска стратегија подготвена на регионално ниво, со оглед на тоа што е постигната под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама, само по себе дискутабилна и дегутантна постапка. Но, тоа е помал проблем.

Прво, некои работи не се јасни - кој би можел да одговори на оваа платформа? Дури и некоја македонска партија да ја прифати, ниедна сама не би можела да им го „испорача договореното“ на потписниците зашто за тоа е неопходно квалификувано, двотретинско мнозинство во парламентот, што ниедна од нив го нема дури и да коалицира со сите албански партии. Дали е ова „сетирање на агендата“ за некоја широка коалиција, и некое ново Пржино?

Со оваа платформа потписниците тотално го менуваат (и го минираат) карактерот и целта на изборите од 11 декември и на договорите од Пржино и на сиот изминат труд на опозицијата, бомбите, протестите, шарената револуција...

(Фејсбук)

Беса Арифи
Големите очекувања

Што е толку опасно и неостварливо, буџетската еднаквост или пак конечното помирување меѓу заедниците кое започнува со признавање на сопствените грешки? Што е толку опасно, учењето на јазикот на човекот со кој ја делите истата реалност со векови?

Не, драги мои, опасноста е друга. Опасноста е во едностраното затварање на овие прашања без вистински разговор во кој сите ќе се вклучат, опасноста е во поставувањето на препреки кога истите ги нема и не смее да ги има, опасноста е во разделувањето откако обединувањето еднаш се случило, опасноста е во стравот од кој може да се пожртвува целата идеја за правда и правичност. Опасноста е во прифаќање на стратегијата на сеење страв, беспрекорно перфексионирано од Груевски, која сега се заканува повторно да надвладее над сите и да нè обедини во нашите етнички хомогени групи а да нè раздели меѓу себе откако веќе еднаш бевме обединети.

(НоваТВ)

Бранко Тричковски
О, Македонци, не можете да загубите ништо!

Мавис Галант, една од најголемите канадски писателки, во една прилика го дефинирала Канаѓанецот како „некој кој има логична причина да мисли дека би можел да биде Канаѓанец“. Значи, сосема различен начин на размислување од идеологијата на „крвта и тлото“ со која пречесто, сосема погрешно, се дефинира националниот идентитет на нашите простори. А преку двојазичноста и мултикултурализмот како официјални доктрини, различно и од концептот на таканаречениот „мелтинг пот“ во САД.

Не го пишувам ова затоа што мислам дека ние би можеле да станеме втората постнационална земја, општество без базичен идентитет и мејнстрим, по Канада. Обратно, мислам дека никој што не е битанга или злотвор не може да најде „логична причина да мисли дека би можел да биде Македонец“! Само сакам да кажам дека тој Македонец би можел да живеее со помалку бронза во шупакот.

Дали може со помалку бронза или нешто друго да живее и Албанецот, не знам, но ако ние им покажеме дека можеме, можеби, ќе можат и тие. И второ и, веројатно, поважно како порака до моите драги Македонци: олабавете се во стравот дека нешто ќе загубите, бидејќи немате ништо, сè ви зедоа, ве прашаа на милион избори дали да ви земат сè, вие рековте да, и тие ви го зедоа тоа ебено сето!

(Фејсбук)

Мариглен Демири
Социјалните и економските прашања се поважни од етничките

Се разлигавија некои луѓе околу моите ставови за будалштините на албанските политички лидери, па да докажам.

Лично, еден од моите колективни идентитети е и албанскиот. Но не ми е најбитен, како што не ми е најбитно дали сум муслиман, ниту дали сум битолчанец. Истиве идентитети не ги поврзувам со никаква политичка апроксимација. Не сметам дека политиката смее и треба да се поврзува со етнички прашања, туку со социјални и економски прашања. Битен ми е левиот политички профил, а во последно време со многу социјалистички компоненти на него. Многу побитно ми е тоа што сум сиромашен и што моето семејство живее во супстандардни услови и што моите блиски се малтретирани од газдите, чии работнички права се до коска прекршени, отколку тоа што јас како Албанец сум „дискриминиран“ (иако многу одамна никој не ме дискриминирал како Албанец, туку како сиромашен а често и како левичар).

Ги бранам најслабите, а Албанците веќе скоро една деценија не се најслаби, туку се добро систематизирани во оваа држава.

(Фејсбук)

Владимир Милчин
А што беше тоа геноцид?

Се разбира, не ја исклучувам можноста резолуцијата за геноцидот да е само фигура за жртвување во пазарењето за идната влада, како што не ја исклучувам ни можноста таа да е само едно од тешките за голтање горчливи апчиња кои би довеле до нови избори, организирани од старата влада, онаа на Груевски и Ахмети! Кога се работи за профитери во политиката, сè е можно, па дури и сојузи изградени на говор на омраза!

(Плусинфо)

Саше Ивановски
Почитувани албански лидери, кој ви е курац?!

Седнале и напишале листа на барања на која нема ни трага ни глас за специјален суд и продолжување на мандатот на СЈО, па дури се дрзнале да му држат лекции на СЈО како да работи, не работеле добро...

НЕВЕРОЈАТНО!!!

Се чини дека преговорите овие денови со ВМРО-ДПМНЕ вродиле со плод, изгледа понудата на Грујо и Сашо била многу проста:

Ви нудиме сè, само дај спасете нè од СЈО!

Ќе ви дадеме сè, што корист имате од тоа ако ние идеме во затвор, а вие останете без албанските барања со кои можете да терате неколку изборни циклуси по ред, плус ќе ве наполниме со пари!

Спасете нè од СЈО, ем ќе ви ги дадеме пола од украдените пари, ем ќе ви дадеме од албанските барања кои одлично ќе ви дојдат за ловење политички поени!

Ем нема да се кренеме на протести кои може да резултираат со жртви!

Се чини дека албанските лидери во земјава се типични балканци, зелки!

Само не знам дали и Еди Рама ги советувал во овој правец, да тргуваат со слободата за мафијата на сметка на Албанските национални барања!

(Мактел)

Горан Михајловски
Федерализација со 25 сантиметри снег

А федерализацијата видовме како функционира со 25 сантиметри снег што ја отсече цела источна Македонија. Оти „Македонија пат“ е на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со тоа. И не смее да праша дали „Македонија пат“ има намера да го исчисти снегот“, оти „Македонија пат“ е на ДУИ. И не прашува зошто „Македонија пат“ дала милион и пол евра од нашите пари на три фирми од Тетово, Зајас и Демир Хисар да чистат снег, а не го исчистиле, оти „Македонија пат“ е на ДУИ. Е тоа е федерализацијата што ја направија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога ги грабнаа институциите и си ги третираа како сопствени дуќани. Ова министерство е на ДУИ и не ме интересира ни што тендери спроведува, ни кого вработува… Твое министерство – твоја држава. Твое јавно претпријатие – твој кантон. И кантоните си склучувале договори за вршење услуги. Ама договорите не биле за давање услуги на граѓаните. Туку за меѓусебно вршење услуги.

(Сакам да кажам)

Ѕвездан Георгиевски
Платформата и што по неа?

Враќањето во игра на колективните права во мигот кога индивидуалните права се девастирани и доведени на најниско можно ниво, а власта, преку нивниот најмоќен човек (Никола Груевски), праќа пораки дека ќе поведе крстоносна војна против „внатрешниот“ и „надворешниот“ непријател, мора да прозвучи како дневно-политичка игра за сопствениот електорат и да се спаси она што може да се спаси во ситуација на очигледно талкање во актуелната политичка состојба.

Оваа платформа, всушност, ја девалвира основата на парламентарната демократија, односно повеќепартиските избори. Кој, имено, е изборот на гласачот ако сите партии (во случајот од албанскиот политички блок) имаат исти барања и каде е тука плурализмот на идеи, програми, па ако сакате и на партии? Настрана легитимноста или нелегитимноста на барањата ставени во платформата, начинот на нивното ултимативно презентирање веќе предизвикува барања македонските партии да излезат со некаква контра-платформа и целосно да го обезличат демократскиот принцип на владеење.

Со други зборови, платформата го предизвикува оној наш примитивен нагон за делење по трла, наместо за поврзување во една колку-толку функционална држава. Односно, повторно се минираат парламентарната демократија и плурализмот на интересите, бидејќи во цврсто оградените етнички трла партиите ја губат својата функција.

(Призма)

Крсте Шајноски
Платформа против граѓаните

Индикативно е зошто наеднаш не се прави разлика меѓу злото и доброто, туку етничките барања се ставаат на преден план, притоа не водејќи сметка дали истите ќе ги реализираат и со „ѓаволот“. Што ги натера албанските лидери да поверуваат дека „сега му е мајката“ да се разговара за сè што е од интерес на гласачкото тело што го претставуваат, а помалку им е важно со кого разговараат? Одговорот сигурно ќе се добие во некоја блиска иднина и тоа директно од нив.

Во игра се два мотива. Првиот: поверуваа дека од осомничените за криминал можат да изнудат и непринципиелни отстапки за својата „кауза“, доколку и самите „замижат“ и најдат разбирање за проблемите на осомничените. Ваквиот план е исклучително проблематичен, посебно за политичкото профилирање на новите парламентарни албански партии. Ако тие уште во самиот зарадиш почнат „тикви да садат со ѓаволот“, која ќе биде разликата во иднина меѓу нив и ДУИ? И вториот мотив е дека сакаат да пробаат што можат да добијат за возврат од „отпишаниот“, што повторно принципиелно е проблематично, со оглед на фактот што ако си се декларирал дека со криминаци не преговараш за нова влада, нема што понатаму од нив и да бараш.

(Фактор)

Љуми Бекири
Обид за поголема сегрегација на Албанците во Македонија

Етничките албански партии во Македонија споени во таканаречената албанска платформа покажаа незрелост за практикување на политика, неспремност за демократија и непочит и непознавање на сопствената држава, култура и политички околности.

Денес кога етничките Албанци во Македонија ги уживаат на хартија сите човекови права, а имаат суштински и егзистенцијални проблеми, како и сите други граѓани на оваа држава - е срамно да се каже што било друго, освен подобрување на условите за живот. Сè друго е обид за поголема сегрегација на тие луѓе и целосно затворање во една хомогенична слика каде што нетрпеливоста кон другоста ќе преовладува.

(Фејсбук)

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото