А што беше тоа геноцид?

10.01.2017 00:44
А што беше тоа геноцид?

Платформата на албанските партии за Македонија, подготвена во Тирана (!), а испорачана токму на Божик (!), побргу ќе ги зоврие страстите во Македонија, отколку што ќе отвори сериозна и аргументирана дебата. Граѓанското уште еднаш ќе биде потиснато од партиското, партиското уште еднаш ќе го монополизира етничкото. Патриотите (тие што ја сакаат татковината) ќе можат да бидат само партиоти (тие што се клањаат само пред партијата). Граѓаните одново ќе бидат редуцирани на поданици.

Она што веднаш паѓа в очи е потиснувањето на приоритетната важност на Договорот од Пржино и наодите од Извештајот на експертската група на Прибе. Со оглед на тоа што соучесникот во режимот на Груевски, партијата на Ахмети, сепак има најмногу пратеници од сите албански партии во платформата, се наметнува заклучокот дека ова потиснување е еден вид консензус (со исклучок на ДПА!) за простување на повеќегодишните гревови на Ахмети и неговите. Не му простија албанските гласачи, му простија албанските опозиционери.

Втората работа што боде очи е бараната резолуција за осуда на геноцидот врз Албанците во Македонија од 1912 до 1956 година. На која Македонија мислат авторите? Македонија окупирана и поделена во Балканските војни? Македонија окупирана во Првата светска војна? Или Македонија окупирана и сведена на Вардарска бановина (дел од Кралството СХС и Кралството Југославија) од 1918 година до следната окупација во 1941 година, кога Македонија си ја поделија Хитлеровите сојузници Бугарија и Италија (Протекторат Албанија, со перспективи за Голема Албанија), а по капитулацијата на Италија, Германија? Република Македонија постои од АСНОМ 1944, оттогаш има Собрание и Влада, а тоа е придобивка од антифашистичката борба, која ја водат партизаните, во чии редови има припадници на сите етнички и верски заедници кои живеат во Македонија, од најголемата, македонската, до најмалата, еврејската. Геноцид може да спроведува само држава, односно власта во една држава (по исклучок, парадржавни и паравоени сили). Од 1912 до 1945 година Македонија не била држава и со неа владееле окупатори, кои имале свои колаборанти меѓу домашното население, но колаборанти, помалку или повеќе усрдни, имало од сите етнички заедници, ако ги исклучиме Евреите кои биле транспортирани и ликвидирани во Треблинка.

Во барањето за донесување резолуција за осуда на геноцидот збунува не само почетокот, туку и крајот на временската рамка. Зошто токму 1956 година? Што се случило таа година за да заврши наводниот геноцид? Во 1955 година Хрушчов го посетил Белград и тој и Тито му ставиле крај на спорот кој избувнал со Резолуцијата на Информирото од 1948. Најголемот дел од голооточаните бил пуштен дома. По стоплувањето на односите меѓу СССР и Југославија, се влошиле односите меѓу Албанија и СССР (1955-1961). Од сталинист, Енвер Хоџа се ребрендирал во маоист, за да заврши како самопрогласен единствен вистински марксист-ленинист. Во 1956 година во Унгарија советските тенкови брутално го задушиле востанието против сталинистичкиот режим на Ракоши. Односите меѓу СССР и Југославија одново се влошиле. Александар Ранковиќ ќе командува со УДБА до 1965 година... Авторите на Платформата должат објаснување за оваа загатка. Се надевам дека нивната заложба за јавна дебата не е само реторичка фигура.

Но, да се вратиме на самиот термин геноцид, чија употреба и злоупотреба е предмет на расправа од моментот на неговото создавање до денес. Терминот го исковал во 1944 година полскиот правник Рафаел Лемкин, комбинирајќи го грчкото гено (раса или племе) со римското циде (убивање). Забележувајќи дека терминот означува стара практика во модерен облик, Лемкин го дефинирал геноцидот како „координиран план на различни акции насочени кон деструкција на темелните основи на животот на национални групи, со цел да се уништат групите како такви“. Следната година, Нирнбершкиот трибунал ги осудил нацистичките функционери за „злосторства против човештвото“. Терминот геноцид бил употребен во пресудата, но како описен, а не како правен термин.

На 9 декември 1948 година, ООН ја усвоила Конвенцијата за превенција и казнување на злосторството геноцид. Според таа конвенција, „геноцид е која било од следните постапки извршени намерно заради целосно или делумно уништување на национална, етничка, расна или верска група:

а) Убивање припадници на групата;

б) Нанесување сериозни телесни или ментални повреди на припадници на групата;

в) Намерно наметнување на групата такви животни услови за кои се смета дека ќе предизвикаат нејзино целосно или делумно уништување;

г) Наметнување мерки кои ќе оневозможат раѓања во групата;

д) Насилно префрлање на деца од групата во друга група.“

Од 1948 година до денес се формулирани повеќе од 20 дефиниции за геноцидот. Најнова е дефиницијата на историчарот Џон Кокс. „Геноцид е обид да се уништи која било препознаена, стабилна и постојана група која како таква ја гледа извршителот (на геноцидот, м.з.); тоа е усогласен напор да се елиминираат нејзините индивидуални членови и да биде уништена способноста на групата да ја одржи својата социјална и културна кохезија и, така, својата егзистенција како група. Геноцидните цели на извршителот, односно неговата намера – која е централна во дефиницијата на ООН од 1948 година, но честопати е анализирана премногу легалистички и ограничено – може да биде разоткриена со истражување на политиките, акциите и резултатите.“

Значи, подготвувањето и донесувањето резолуција за геноцид не е и не може да биде само политикантски потфат ниту во денешна Македонија, зашто во неа живеат многубројни Македонци во чија меморија сè уште е жива траумата од етничкото чистење (составен дел од секој геноцид) и насилствата во Егејска Македонија, пред и за време на Граѓанската војна во Грција. Се надевам дека зад бараната резолуција не се крие само барање за рехабилитација на балистите.

Се разбира, не ја исклучувам можноста резолуцијата за геноцидот да е само фигура за жртвување во пазарењето за идната влада, како што не ја исклучувам ни можноста таа да е само едно од тешките за голтање горчливи апчиња кои би довеле до нови избори, организирани од старата влада, онаа на Груевски и Ахмети! Кога се работи за профитери во политиката, сè е можно, па дури и сојузи изградени на говор на омраза!

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња