Година на вистината

10.01.2017 03:44
Година на вистината

Сите велат дека 2016 беше катастрофална, но поточно е да се каже дека тоа беше година на вистината за нашите елити. Од Брегзит и подемот на Трамп, AfD и сличните, нашите елити покажуваат загриженост за опстанокот на либералното општество. Но не затоа што се либерални, туку затоа што се плашат за себе. Тоа е клучната разлика: ним сопствениот опстанок им е поважен од сè, па и од борбата за правда, која никој не би ја ни спомнал ако нема подем на десницата. Во Германија луѓето повеќе се плашат од тоа отколку од изумирање на шумите или атомска војна. То ест, се плаши оној дел од општеството кој има што да изгуби.

Тука не станува збор за пари, зашто десницата во тоа е неолиберална како и повеќето останати партии. И таа смета дека парите се најсигурни во џебовите на богатите. Станува збор за нешто друго: урбаните средини, образованите елити, еманципираните жени, рамноправните геј луѓе оправдано се плашат од можно губење на своите слободи. Општеството за кое сонува AfD не е семинар за родова рамноправност или геј луб, туку она од 50-тите години на минатиот век кога полицијата ги претепуваше „перверзните“ и кога насилството во семејството се викаше „воведување ред“.

Десницата им го расипува на елитите уживањето во капитализмот. Додека се бараат подлабоки причини за десничарска револуција - премногу политичка коректност? - јасно е дека тие се пред сè економски. Германскиот БДП од 1991 до 2013 порасна за 29 отсто, додека нето приходот на домаќинствата од средна класа е зголемен за 12 отсто, а 30 отсто од домаќинствата со најнизок доход во 2013 заработуваа колку и во 1991.

Петер Бофингер, професор по економија и советник на Ангела Меркел, смета дека поддржувачите на AfD се луѓе исклучени од општиот економски развој: „Порастот на нееднаквоста го разгорува популизмот и го загрозува светот каков што го познаваме“. Економистот Марсел Фрацшер во гласилото на германската буржоазија Цајт вели: „Дури 70 отсто од германските граѓани сметаат дека социјалната нееднаквост е преголема. Сè повеќе луѓе се чувствуваат исклучени од општеството. Тие сè повеќе работат сè помалку исплатливи работи“. Истиот Цајт пред пет години напиша дека во Германија се живее подобро од кога било порано. Тоа веројатно беше точно, но само за читателите на Цајт и Шпигел. Тогаш, кога подемот на десницата сè уште можеше да се спречи, политичарите и медиумите не ги интересираше вистинската состојба на работите. Дури сега кога „нашиот свет“ е загрозен, елитите се вознемирија.

Очигледно е дека неолибералниот капитализам ги уништува демократските темели на сопственото постоење. Социологот Вилхелм Хајтмаер во својата студија „Состојбата во Германија“ благоворемено предупреди што се случува со општество со намалена политичка партиципација, во кое сè помалку луѓе имаат пристап до материјалните и културните добра. И тоа е суштинскиот проблем со делот од јавноста која себеси се смета за демократска и либерална: тие се гледаат само себе, а останатите воопшто не ги интересираат. Овој феномен беше видлив и во подоцна избришаната реченица од првиот нацрт на последниот извештај за сиромаштијата: „Веројатноста за политичка промена е поголема кога ја поддржуват луѓе со високи примања“.

Политичарите и новинарите во либералните општества не работат во корист на сите, туку само на својата клиентела. Исклучените не се бројат. Тоа се гледа од уште една избришана реченица од извештајот за сиромаштија: „Луѓето со пониски примања се откажуваат од учество во политичкиот живот, зашто од искуство знаат дека политичарите ги игнорираат при донесувањето одлуки“. Оваа претпоставка повеќе не е точна. Исклучените се побунија и големо мнозинство од нив го даде својот глас за AfD. И тоа не е глас за напредок, туку за расизам, ксенофобија и неслобода.

Нилс Минкмар од Шпигел пишува: „Нашето отворено општество е засновано на универзални човекови и граѓански права, со разумна социјална држава, непристрасни медиуми и правна држава, која се движи кон сè поголеми европски интеграции - сето она што до вчера беше наше секојдневие, денес е недостижна утопија“. Уште полошо: она што до вчера беше наше секојдневие се покажа како илузија.

Извор: Spiegel, 29.12.2016.
Слики: Кристијан Џонс

ОкоБоли главаВицФото