Социјализација на дигиталната работа

10.01.2017 11:26
Социјализацијата на дигиталната работа

Според податоците за 2015 година, вкупната продажба на смартфони во светот достигна бројка од една милијарда и 424 милиони – 200 милиони повеќе од 204 година. Во практиката тоа значи дека третина од луѓето во светот поседуваат ваков џебен компјутер и дека сме толку навикнати на таквите практични гаџети што лесно забораваме дека станува збор за присилен договор на кој се темели целата дигитална економија: компаниите од Силиконската долина ни даваат апликации во замена за нашите лични податоци. Тие бесрамно добиваат информации за локацијата, историјата на мрежните активности, контактите и останатите информации, кои ги анализираат и испраќаат на огласувачите кои, пак, со задоволство „ќе ги достават вистинските пораки до вистинските луѓе, на вистинското место и во вистинското време“, како што гордо најавува огласувачката платформа на Фејсбук.

Иако, контроверзите околу надзорот растат по објавувањето од страна на Едвард Сноуден во 2013 година, собирањето податоци за комерцијални цели главно не се препознава како политичко прашање кое би требало да стане предмет на јавна расправа. Надвор од специјализираните организации тоа не предизвикува премногу грижи, веројатно зашто малкумина знаат нешто за тоа.

Познатата парола од седумдесеттите вели: „Ако не плаќаш за производот, ти си производ“. Таа деценија американскиот економист Далас Смит сфатил дека секој што седи пред телевизискиот екран работи, а не е свесен за тоа. Телевизијата создава производ – публика, вниманието на гледачот – која телевизиските канали им го продаваат на огласувачите: „Како гледач придонесуваш со своето неплатено работно време, а во замена добиваш емитувана содржина и реклами.“ Неплатената работа на интернетските корисници е многу поактивна. На социјалните мрежи, своите пријателства, емоции, желби или фрустрации ги конвертираме во алгоритми. Секое делче од информација од нашиот профил, секој лајк, твит, пребарување или клик е нов придонес за збирката корисни информации со кои располагаат Амазон, Гугл и Фејсбук ширум светот.

Неплатената работа која појавите од надворешниот свет ги претвора во податоци се нарекува „дигитална работа“. Силиконската долина напредува благодарение на тој онлајн „исконски грев“. Во 1867 година Маркс во Капиталот запишал: „На што се сведува првобитната акумулација на капиталот, односно неговото историско создавање? [На] експропријација на непосредните произведувачи“. Капиталот ги користел „освојувањето, потчинувањето, грабежот и убивањето, со еден збор насилството“ за да ја огради колективната земја, да им наложи на изгладнетите селани да работат за плата, и да го колонизира глобалниот Југ. Денес се искористуваат дури и lolcat видеата. Економските историчари на лежерно облечените шефови од Силиконската долина можат да им ги припишуваат заслугите за создавањето светски раширени групи експроприрани работници и доброволни ко-производители на услуги. Сумата од 75 милијарди долари, колку што изнесуваат приходите на Гугл за минатата година и во поголем дел се добиени од огласување, укажува на размерите на бесрамната акумулација од експропријацијата. Кога Фејсбук ја објави својата добивка во вториот квартал од 2016 година, специјализираната интернет страница Re/Code воодушевено извести дека социјалната мрежа, со своите 1,71 милијарди активни корисници, месечно заработила од секој корисник повеќе пари [од кога било претходно], значи 3,82 долари по корисник.

Украдено, а не подарено

Податоците или data (од латински datum што значи даден, подарен) впрочем е најмалку соодветен назив зашто денес означува нешто што е украдено. Работата што ја извршуваат корисниците на Интернетот, а за која не се согласиле, во моментов е предмет на фантастични студии на академските работници, но политичката и синдикалната левица сè уште не го инкорпорирала тој концепт во своите анализи, а камо ли во своите барања. Сепак, материјалната и нематеријалната експлоатација се тесно испреплетени. Дигиталната работа е алка во ланецот со кој се оковани рударите во покраината Киву во Конго, присилени на ископување на минералот колтан за производство на смартфони, потоа работниците на Foxconn во Кина во кои ги склопуваат, како и возачите на Uber, доставувачите на Delivero или магационерите на Amazon чии работи се водат со помош на алгоритми.

Кој ги создава податоците? Кој ги контролира? Како се дели богатството кое се создава со нивна помош? Кои економски модели сè уште ни се нудат? Овие прашања треба што побрзо да станат политички зашто протокот на информации секојдневно се зголемува. Ширењето на интернетското поврзување на уредите и објектите (Internet of things) и инсталирањето сензори во индустриското производство и логистиката во голем дел придонесуваат за тоа. Главниот извршен директор на Форд, Марк Филд минатата година со гордост истакна дека „денешните автомобили создаваат огромно количество податоци – повеќе од 25 гигабајти информации за еден час“ (што количински е како две сезони од Game of Thrones). Од начинот на возење, па до музичкиот вкус на возачот или моменталните временски услови, сè се пренесува кај производителот на автомобили. На возачите веќе им се делат совети при купувањето автомобил да бараат попусти, доколку се согласат со производителот да споделуваат мноштво од своите лични податоци.

Некои добро организирани групи, свесни за потребата да ги заштитат сопствените интереси, на борбата против таквата кражба на податоци ѝ дадоа политички приоритет. Меѓу нив се и големите фармери во САД. Земјоделските машини се опремени со уреди за снимање информации кои овозможуваат прецизно архивирање на податоците за сеидбата, обработката на земјата и наводнувањето. Во 2014 година две компании, Monsanto, која произведува семиња и хемикалии за примена во земјоделството, и John Deere, која произведува трактори, на земјоделците од американскиот Среден Запад им предложија сите податоци директно да ги пренесуваат на нивните сервери за обработка.

Мери Кеј Тачер, директорка за односи во American Farm Bureau, најголемата американска невладина организација која ги застапува земјоделците во американскиот Конгрес, не ѝ верува на таа идеја. Во едукативниот филм Who owns my data?, објави: „Земјоделците треба да знаат кој ги контролира нивните податоци, кој може да им пристапи и дали нивните агрегатни или лични податоци можат да бидат споделувани или продавани.“ Ја загрижува тоа што податоците кои ги присвојуваат мултинационалните компании можат да завршат во рацете на шпекулантите кои ќе ги користат за да манипулираат со пазарот. „За таа цел само треба да знаат што всушност се случува за време на жетвата, неколку минути пред некој друг да ја добие истата информација.“ Трудот на нејзината огранизација се исплатеше: во март доставувачите на земјоделска технологија и претставниците на земјоделците се договорија околу „начелата на приватност и безбедност на податоците на земјоделските фондови“. Во јули групата за заштита на податоците на земјоделците, Agricultural Data Coalition, создаде фарма на сервери (server farm) за заедничко складирање на податоците.

Сите ќе бидеме (ситни) трговци

Идеите како овие сè уште не стигнале до европските лидери. Во октомври 2015, приговорите кои ги поднесе еден австриски студент против кршењето на приватноста на Фејсбук доведоа до поништување на дваесет години стариот договор „Safe Harbour“ со кој беше дозволен пренос на податоци во компании во САД. Европа можеше да ги притисне интернетските гиганти во Европа да ги складираат личните податоци на европските граѓани, но наместо тоа потпиша нов рамковен договор за автоматски пренос на податоци, со орвеловско име „Privacy Shield“ во замена за ветувањето на директорите на националните разузнавачки служби во САД дека нема да има „неселективен масовен надзор“. Сега само треба да го вклучите својот мобилен телефон и веќе сте дел, иако не го знаете тоа, од увозно-извозните бизниси. Иако, борбата против TTIP привлече милиони, реафирмацијата на електронската слободна размена не предизвика особено жестоки реакции.

Зависно од размерите на мобилизацијата на таа област, постојат три можни варијанти за иднината на дигиталната работа. Според првата, корисниците тргуваат со своите податоци. Информатичарот Џарон Ланиер предлага „доколку личноста нешто каже или направи и на кој било начин придонесе за базата со податоци [...] тогаш мора да се подмири со 'нано-исплата' пропорционална со нивото на придонес и добиената вредност. Таквите 'нано-исплати' би се евидентирале и најпосле би воделе до нов општествен договор“. Сите би биле (ситни) трговци.

Во втората варијанта, државата ја враќа својата контрола. Со интензивирањето на мерките за штедење од почетокот на оваа деценија, гневот на народните маси растеше и заради прикривањето на даноците на high-tech компаниите. Во Франција, во контекст на истрагата на Европската комисија за кршењето на антитрустовските прописи од страна на Гугл и истрагата за измамите што ги водат националните власти, се појави идејата за оданочување на high-tech претпријатијата врз основа на вредноста генерирана со користење на личните податоци. Во извештајот за даноците во дигиталниот сектор, француските високи државни службеници Никола Колин и Пјер Колин ургираат Франција „да ги обнови овластувањата за оданочување на приходите добиени од 'неплатената работа' на интернет корисниците кои се наоѓаат на нејзина територија“.

Социологот Антонио Касили предлага од тој данок да се финансира безусловниот темелен приход како средство за еманципација и така да се обезбеди некаква компензација за дигиталната работа. Тоа е еден од начините како од личните податоци да се направи политичко прашање, па може да кажеме дека постои и трет начин кој се темели не на процесот на комодификација, туку социјализација.

Во секторите како транспортниот, здравствениот и енергетскиот, личите податоци досега беа користени само за спроведување на мерките за штедење преку намалување на трошоците. Но, тие исто така можат добро да се искористат за подобрување на протокот на градскиот сообраќај, во системот на здравствена заштита, распределбата на енергетските ресурси или во образованието. Наместо податоците по обичај да се пренесуваат во САД, би можело да се воведе обврска да се пренесуваат во некоја меѓународна агенција за податоци под надзор на УНЕСКО. Правата за пристапот и користењето би можело да се диференцираат: поединецот за кој се работи би имал автоматски права; бесплатните, но анонимизирани податоци би ги добиле локалните власти и истражувачките или јавните статистички организации; би им се нудела можност за бесплатен пристап и на организаторите на некомерцијални проекти од јавен интерес. За приватните субјекти пристапот би бил условен и би се наплатувал надомест: би можело да му се даде приоритет како на општо, а не комерцијално добро. Сличен предлог беше покренат во Франција 2015 година, со намера да се обнови суверенитеттот. Меѓународното дејствување би ја имало предноста која, според стриктни правила, би можела да ги обедини земјите чувствителни на проблемите со приватноста кои на тој начин сакаат да ја оспорат американската хегемонија.

Популаризацијата на концептот на заедничка сопственост и користењето податоци го ограничува техничкиот комплекс на пониска вредност и испреплетеноста на ставот според кој тоа е „премногу комплицирано“ со ставот дека „не може да се направи ништо“. Сепак, и покрај нејзината комплексност и специфичниот жаргон, дигиталниот домен не се разликува премногу од остатокот од општеството, ниту може да биде издвоен од политиката. Критичарот Евгени Морозов пишува: „Многумина од оние што го создаваа интернетот сега жалат зашто нивната креација падна толку ниско, а бесот им е погрешно канализиран. Неволјата не лежи во тој аморфен ентитет, туку пред сè во отсутноста на моќна политика од левицата која би се занимавала со проблемот на технологијата – политика која би се спротивставила на иновациската, дисруптивната и приватизациска агенда на Силиконската долина.“

Прашањето не е дали ќе дојде до конфронтација околу контролата на дигиталните материјали, туку дали во тоа ќе учествуваат прогресивните сили. Вршењето притисок за народна реапропријација на онлајн комуникацијата, еманципацијата на дигиталната работа, создавањето заедничка сопственост и слободно користење на информациите е логично продолжение на 20 годишната борба. Тоа му се спротивставува на фаталистичкото верување во иднината со која доминираат надзорот на државата и грабливиот пазар.

Извор: http://lemondediplomatique.hr

ОкоБоли главаВицФото