Груевски во „Република“ го призна својот медиумски пораз

11.01.2017 03:33
Груевски во „Република“ го призна својот медиумски пораз

Откако мина периодот по парламентарните избори од 11 декември, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја истроши својата реторика на докажување дека е победникот, дојде времето на салдирањето на вистинските дострели на неговата политика. Сигурно дека таа позиција ниту малку не била утешна за него и за неговата камарила и ја дало сликата дека „десетгодишното владеење на Груевски покажа дека тој, иако градеше профил на непобедлив политичар, сепак загуби три важни битки кои го доведоа до генерален пораз во ’војната’ што ја отвори со три водечки општествени фактори“ (Соња Крамарска во последната колумна во „Утрински весник“).

Аналитичарите како Крамарска му помагаат на довчерашниот премиер да осознае дека најпрвин ја потценил силата на меѓународната заедница, потоа ја изгубил од негова страна наметната битка со невладиниот сектор „и третата и можеби најголема изгубена битка која ќе му биде важна лекција на доскорешниот премиер, е обидот да го заузда новинарството, кој заврши со негов дебакл“.

ИНТЕРВЈУ ВО „ЧЕТИРИ ТОМА“

Дека во таа смисла нему му е изведено резиме и во сопствениот штаб, независно кој конкретно го направил тоа, покажува и содржината на „четиритомното“ интервју што тој го даде во коледарскиот период за магазинот „Република“.

Медиумите во големото интервју на Груевски се изведени од општото сознание за неговиот голем непријател – Џорџ Сорос, апсолутно централен лик на таа негова постновогодишна исповед, преку своевиден дедуктивен метод. Истиот метод – познато е – не служи да доведе до нови заклучоци, туку од една „општа вистина“ настојува да нè симне до констатација за која одново не се спори (демек тоа е познат факт), која веќе претходно, во минатите години и децении, според интерпретацијата на експремиерот, се докажала како таква, а која тука само служи да објасни нечија моќ (општо место во интервјуто). Или да фрескоопише со каков непријател тоа морал да се бори Груевски, за, демек, да ја одбрани националната независност. Медиумите се една од главите на аждерот и без неа Џорџ Сорос и неговата „империја“ не би биле целосни во својата појавност и убоитост.

Затоа острицата на неговото реторичко оружје е насочено кон медиумската функција уште во првиот дел на интервјуто, непосредно по објаснувањето на маките на интервјуираниот со неговата алергија, и отфрлувањето на Зоран Заев и неговиот СДСМ како релевантен политички противник, а што е една од целите на тоа долго писание.

Така, непосредно по преминот кон ликот и делото на Џорџ Сорос како клучно за да се разбере неговиот де факто изборен пораз, без да се споменува зборот пораз, секако, тој дедуктира две моќни оружја на споменатиот интернационален бизнисмен и добротвор – невладините организации и медиумите.

ПОРАЗ САМО ОД „КРУПНА ФИГУРА“

Тие „алатки“, за да се добие упростена слика (фигура) за таа моќ на Џорџ Сорос, ги престорува своите наводни непријатели дури во армија. Следува прашање – чуденка дали можеби експремиерот не претерува со она „армија“, но Груевски, како да креира некаква басна за деца, додека зимно време се седи покрај огнот, а надвор фиука невремето, продолжува со наративната градација и потврдува „да, класична армија“. „Денес битката не е со пушки и со пиштоли како пред 100 години, туку со НВО, корумпирани медиуми и новинари и со влијание на моќни странски медиуми и моќни странски влади за нивните политики кон една земја да ги насочат во правец на неговите цели. Тоа е реалноста и, за жал, така дејствува Сорос. И тогаш ќе прават што сакаат. Те гмечат, те сучат како тесто. Ќе те направат и криминалец, и крадец, и предавник, и идиот, и неспособен, и монструм, сè што ќе наумат. Па, оди после ти излези на избори. Ќе ти измислат триста афери, купишта лаги и дезинформации, едно зборуваш, друго се пренесува, итн“.

Значи, Груевски, споменувајќи ги „соросовите медиуми“, домашни и странски, веќе како со пола уста да признава дека на овие избори не минал добро и за тоа евидентно се обидува да си најде некаков „достоен противник“ од кого е, сепак, совладан, што, според пуштената од синџир фантазија е нивото на еден планетарен симбол како Сорос. И по прв и единствен пат досега Груевски – кога е седмата сила во прашање – престанува да ужива во сопственото медиумско Елдорадо, бидејќи, тоа очигледно овојпат не му ги донесе очекуваните плодови, па по горенаведената констатација се потрудил дури и нешто да експлицира на таа тема. „Еве, на пример, погледнете што правеа со прогласот на ВМРО-ДПМНЕ од 17 декември. Ние таму јасно кажавме дека ќе ја продолжиме нормалната комуникација со амбасадорите, тоа на медиумите и кај аналитичарите платени од Сорос никаде го нема, но има дека сме објавиле војна на амбасадорите и дека сме решиле да се самоизолираме. Ние кажавме дека некои амбасадори претераа со мешањето во внатрешните работи на земјата и дека тоа мора да запре, тие тоа го спинуваа дека сме против Америка и против Западот, против НАТО и ЕУ. Никој од нив не пренесе дека во истиот проглас кажавме дека бевме и ќе бидеме западноориентирани, за членство во НАТО и во ЕУ и за стратегиска соработка со Америка. Никој. Нивните платени аналитичари секоја вечер мелат иста приказна, зборувај ти што сакаш. Може светски медиуми, како „Асошиејтед прес“ или „Вашингтон пост“ коректно да ја пренесат информацијата, но не може истото да го направат медиумите финансирани од фондацијата на Сорос во Македонија“.

ПОТИСНУВАНО НЕЗАДОВОЛСТВО ОД СОПСТВЕНИТЕ МЕДИУМИ

И така дојдовме до она што е, секако, основната лага содржана во оценката на моќта на медиумите кај Груевски и кај неговиот тим. Имено, најпрвин го имаме мижењето над фактот дека неговите телевизии, радија и весници се далеку помоќни и подоминантни на домашен терен. Треба ли и по кој знае кој пат да се повторува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ има јасна, недвосмислена линковска врска со вестите на најгледаните домашни телевизии, дека клучните политички прилози се прават од еден центар, од каде се дистрибуираат, дека власта ги има под своја капа речиси сите телевизиски станици кои дејствуваат регионално или локално, како и дека има контрола над речиси сите и онака малубројни печатени медиуми. За интернет-изданијата и да не зборуваме?! Од каде сега тоа признание за потиснатото незадоволство од ефектите на сопственото медиумско царство?

Да, секако, имаме и проблематизирање на надворешните известувачи за состојбите во земјава, чие поврзување со Сорос е, секако, ептен лизгаво и дури сведено на класична лага, особено што читањето на прогласот на партијата на Груевски се случуваше пред „спонтано собран народ“, кој носеше напред, во првиот ред, парола која недвосмислено беше вперена против странските амбасадори и, секако, против државите што тие ги претставуваат, што не може да се избрише лесно како впечаток и претствува силен доказ за анимозитетот кон „јабанџиите“.

Впрочем, кои тоа странски медиуми биле во земјава по повод изборите и секако известувале и од постизборните случувања? „Најмногу странски новинари кои ќе ги следат парламентарните избори… има акредитирано „Ал Џезаира Балкан 16“, „РТВ 21 Приштина“ акредитираше седум новинари, Државната турска радио телевизија шест, „Топ канал Тирана“ и „Ројтерс“ по петмина новинари, „Радио телевизија Србија“, националниот ТВ-сервис во Албанија, „Визионплус“ и Здружението за електронски вести Грција по четворица новинари, „Асошиејтед прес“, ТВ РТЛ Загреб и бугарската национална телевизија имаат акредитирано по тројца новинари, „Гласот на Америка“, Телевизијата „Асошиејтед прес“, „Раптли – видео“ новинската агенција – Германија, порталот „Индекс онлајн“ од Косово и германската државна телевизија АРД по двајца новинари, австрискиот јавен радио-телевизиски сервис, новинската агенција „БЕТА Прес“ од Србија, „Ал Џезаира“ на англиски, агенцијата „Доган њуз“ од Турција и бугарското национално радио Програма „Хоризонт“ имаат акредитирано по еден новинар“.

НЕДВОЈБЕНА АНТИЗАПАДНА АТМОСФЕРА

Дали светското јавно мислење можело да биде замаено со толкав број новинари дојдени однадвор? Нека каже Груевски и неговата служба барем десетина прилози во кои тој бил „точно цитиран“, ако толку е загрижен за одекот во странство на неговиот говор од 17 декември?!

Конечно, странските амбасади можеа за целата таа антизападна атмосфера и самите да се уверат. Па, говорите на Груевски се случуваа пред Палата на Европската Унија, а згора на сè, тие се дел од континуитет кој е собран во цели архиви кај странските претставници за изминатите години! Тие не треба да веруваат на нашите медиуми, тие, секако, пред сè, веруваат на своите очи и уши – затоа и постојат, меѓу другото, амбасадорите.

Впрочем, еден проглас повеќе или помалку е само капка во море на сè она што како антизападна политика произлезе од практиката на власта на ВМРО-ДПМНЕ (директно) и на ДУИ (индиректно) со години наназад. Треба ли сега да го отвориме инцидентот со „тажните вести“ во кои се најдоа повеќе од дузина странски претставници во Македонија, токму по тој проглас што го читаше Груевски и на чија душа оди таа појава, ако паралелно имавме претходно сличен инцидент и со лидерот на опозицијата Зоран Заев во Битола, чии актери се добро познати? Или уште порано имавме случај со испраќање на домашна адреса на посмртен венец на еден наш колега – новинар. Можеме сè да кажеме за тие настани, ама во нив континуитет никако не недостига! Странец или не, лесно ќе ги сложи коцките и низ вакви инциденти – доволно е да ги спои извршителите, нивната некрофилска склопка и адресите на „погребаните“.

КОЈ ДАВА НАЈМНОГУ ЗА МЕДИУМИТЕ?

Дури, еве, и да претпоставиме дека Груевски е позагрижен само како некои констатации за неговите политики, навики и фобии ги пренесуваат домашните медиуми кои се под влијание и финансиска зависност на Сорос. Не само што тоа претпоставува комплетно превртување на глава на состојбите во ова сфера, да се осврнеме на фактот како тоа одеднаш „соросовите медиуми“ станале моќни, па излегува ним им се верува, а на медиумите кои не ги симнуваат пофалбите за Груевски од екраните, радиобрановите и од насловните страници на весниците едноставно им секнала моќта?!

Во четвртото (и белким последно) продолжение од интервјуто на Груевски за „Република“ се вели: „…а што мисли за нас (се мисли на Сорос – н.з.) гледам од медиумите кои ги финансира и надвор и во Македонија, гледам и слушам и од настапите на неговиот пулен Милчин и од разни извештаи на влади и институции кои ги подржува. Многу греши за Македонија, а троши 10 отсто од парите за цела Европа, токму во Македонија со 2 милиони жители. Знаете, 7 милиони евра годишно во двамилионска земја, каков еквивалент се, на пример, со земја како Америка, која по број на жители е 160 пати поголема од Македонија и плус има 11 пати поголем БДП по жител. Еквивалент на овие пари за Америка не се милиони, туку милијарди долари“.

Долгогодишниот директор на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Владимир Милчин, во текстот „За Грујо лажот“ констатираше дека сите обвиненија за Џорџ Сорос се базираат не невистинити и измислени факти или се базираат на зголемувања кои се далеку од пристојни. „Груевски и неговите пропагандисти постојано лажат за парите, односно годишните буџети што Фондацијата ги добива од Сорос, но Груевски ептен ја прекардашил со тврдењето дека Сорос годишно давал по 8 милиони евра! Не прекардашил, туку дуплирал!“, вели Милчин.

Груевски, секако, добро знае колку чини еден медиум. Колку некој основач на телевизија треба да добие за тендери на друг план, во изведување на градежни зафати, на пример, колку државни пари директно треба да легнат на сметка на некоја друга телевизија за да ја потчини. Да споменеме само, за да му се укаже колку само михаунзеновски се однесува кон целата оваа тема за субвенционирање или помагање на медиуми, дека една Фондација која намирува неколку дузини програми на многу невладини организации и која давала извесни средства за медиуми, не може никако да се мери со партијата која ја претставува Груевски. Да споменеме, на пример, дека само на 6 јуни 2011 година 31 македонски телевизии потпишале договор со кој на ВМРО-ДПМНЕ ѝ донираат 2,4 милиони евра, истиот ден кога беше уапсен на спектакуларен начин Љубе Бошкоски, заради добивање донација за партијата од 100.000 евра, а „изборите веќе биле завршени“! Во тоа време, во последното интервју што го даде за „Фокус“ сопственикот на „А1-телевизија“, Велија Рамковски, откри дека „од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на „А1-телевизија“ за реклами, од кои, наводно, милион и двесте евра ги сметале дека се од партијата. И тој се жалеше дека подолг период ВМРО-ДПМНЕ не им плаќала, и потоа, наводно, му предложиле вака да компензираат“. Треба ли да споменеме дека земјава има повеќе од 130 регистирирани радиодифузери. Колкава ли сума на оваа основа се дава на годишно ниво? А колку за десет години?

ОНИЕ КОИ ЌЕ ЈА СТАВАТ ТОЧКАТА, ПАК ЌЕ БИДАТ – НОВИНАРИ

За ваквите споредби можеме да одиме „до 101 и назад“ и тоа нема да биде првпат. Факт е дека иако се дадени стотина, па и илјада пати повеќе пари за медиумите блиски до власта од тоа што медиумите добиле од кој било друг, и тоа најчесто од нашиот „бунар“, Груевски сега признава дека ефектот по неговата слава и неприкосновеност не е доволна. Па дури, да додадеме – иако стави сопственици на медиуми и новинари во затвор, уништи стотици новинарски семејства кои зависеа од оние неколку стотици евра месечно што ќе ги донесат дома – тој си дава за право да ги прекорува оние кои освен него ќе дале некој долар во оваа земја со африкански стандард.

„Како и да е, се чини дека во десетгодишната немилосрдна битка со медиумите, новинарите се тие што ќе го имаат последниот збор на оцена за владеењето на Груевски, а не обратно. Дури и да успее да состави влада, некогашниот политички шампион во изборни натпревари повеќе ќе биде пион отколку крал на шаховското поле, зафатен од бесконечна спирала на политички уцени и условувања, кои ќе значат неславна завршница на неговата долга политичка историја“ – заклучува споменатата колумнистка од почетокот на овој текст. Немаме што да додадеме.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Странски служби