Најглупите и најбесрамните изјави на Никола Груевски

12.01.2017 11:14
Најглупите и најбесрамните изјави на Никола Груевски

Ќосето за Заев!

Тој (Заев) најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек.

На предизборен митинг во Делчево; 06.12.16.

 

Овие што се, камиони?

– Овие што се, камиони?

– Да, овие се камиони…

– И овие цела ноќ ќе работат, така?

Па, дел од нив работат цела ноќ, да.

Разговор меѓу Груевски и неговите министри, на терен; Либертас, 15.08.16.

 

Со динамит тоа, да не ја тупиме пак

Миле Јанакиевски: Во Гостивар знам огромен објект. И Бејта баш спомна некни за него.

Никола Груевски: Е па терај. Не чекај. Со динамит тоа, да не ја тупиме пак. ‪

„Бомби“, 27.02.15.

 

Јас мислам на вашите деца!

Родителите очигледно не размислуваат баш за иднината на своите деца на долг рок. Затоа ние мислиме.

По повод воведувањето на екстерно тестирање; Телма, 24.09.2015.

 

Инсинуации се тврдењата дека власта сама себе се прислушувала

Не знам уште колкумина веруваат на приказната од типот дека ние сами себе сме се прислушувале, Мијалков сам себе се снимал, јас сум се снимал себе и слични глупости и инсинуации, но знам дека има една работа од која сите овие заговорници на оваа теорија бегаат како од ѓавол, а тоа е дека двајцата ангажирани агенти на Верушевски, од кои едниот бил главен инженер во МВР вработен во 1993 година, а вториот бил шеф на Петтата управа во времето на Верушевски, целосно признаа сè што било и како било. И токму пред истражните органи, пред сведоци, пред вклучена камера која во согласност со закон го снимила нивниот исказ, пред обвинител, со личен потпис, и во целосна законска процедура. Двајцата си кажале дека нарачките за нелегалното снимање и парите ги примале од Верушевски, кој гордо им кажувал дека работи за странска разузнавачка служба.

Утрински весник, 28.06.15.

 

 

Задните намери на мајката на убиеното дете

Втор услов што поставиле од тоа што сум информиран е дека сакале да биде примена во присуство на медиуми, камери, новинари, што укажува на некои други намери.

Во дневник на Канал 5, по барањето на мајката на Мартин Нешковски да биде примена на разговор кај премиерот, 6.05.15.

 

Јас велам никој нема да ми каже фала

Еден пријател неодамна ми вика: Кој ќе ти каже фала за загубеното време, кое никогаш нема да можеш да им го надоместиш на твоите деца. И кој ќе ти каже фала за истрпените навреди, клевети, омаловажувања, понижувања, местенки и монтажи, на кои човек и да е од железо не може да остане рамнодушен. Јас велам никој нема да ми каже фала и не очекувам да ми каже фала. Многумина ќе ме мразат затоа што не си реализирале некоја нереална амбиција, а вината не ја бараат кај себе, туку кај мене.

На конгрес на ДПМНЕ; Вест, 03.05.15.

 

Сериозен елемент на неавтентичност

Разговорите имаат сериозен елемент на неавтентичност.

Во Собрание; Плусинфо, 26.03.15.

 

Мудрост

Од проектите со Кина има корист на краток, среден и на долг рок.

Фокус, 19.12.14.

 

Од боксер до премиер

Дете, биди прво боксер, па фудбалер, па премиер!

Во емисијата „Опуштено“ на МТВ; 03.01.14.

 

 

Книгата е голема работа, ако има упатство за користење

Како што вели една мудра мисла: Книгата е голема работа, ако човек знае да ја користи.

Либертас, 17.12.13.

 

Опозицијата да му се извини на Трајко!

Ако малку има доблест, опозицијата треба да му се извини на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за тоа што му го правеше во Парламентот, за стресот што го доживеа на 24 декември, за обидот за спречување на неговото работење, нападот на некој начин или обидот за напад. Тоа е најдоблесно што би можеле да го направат.

Плусинфо, 01.09.13.

 

Визибилност

Како и да е, мислам дека владиката Пимен меѓу другото имаше проблем што повеќе години е владика во синодот на МПЦ, а многу малку луѓе тоа го знаеја, и очигледно анонимноста го оптеретувала. Мислам дека на човекот му недостасуваше визибилност, пошироката јавноста да го запознае, па кога ја виде оваа шанса да го направи ова на наш грб, не се симна од медиумите под контрола на опозицијата цела недела. Којзнае колку бил среќен што конечно смислил причина некој да го даде на телевизија.

Нет прес, 08.07.13.

 

Израел во Европа?

Точно е дека цела Европа, со исклучок на Ирска, Полска и на Израел, го има овој проблем, но кај нас, во една мултиетничка и мултиверска средина, тој проблем е многу поголем.

Дневник, 28.06.13.

 

 

Никој нас нема да ни ги презема општините!

Нам не ни требаат преваранти да ни ги преземаат општините и да манипулираат со луѓето.

Плусинфо, 31.03.13.

 

Има ли психијатар во авионов?

Јас сум Македонец, ако сум направил грешка, ја гледам, ја прифаќам и правам максимум да ја поправам. Јас сум Македонец, а ние Македонците не ја следиме историјата, ние ја создаваме.

Утрински весник, 14.02.13.

 

Бранко предавник

Бранко треба да биде прогласен за народен херој во Грција!

Плусинфо, 09.02.13.

 

Аутизам, Грујо, аутизам!

Бранко Црвенковски продолжува во стилот на Гадафи. Продолжува да живее во еден свој свет со сериозна доза на алтруизам, живеење во еден свој свет каде што верува дека целиот народ е со него, дека сите го поддржуваат и дека треба на сила да се заземе власта.

Дневник, 25.12.12.

 

 

Математиката на Груевски

363 милиони и 208 милиони, се приближно 700 милиони евра.

Во емисијата Х/О на Роберт Поповски; „Плусинфо“, 26.06.12.

 

Весела математика

Има две личности што нè поврзуваат нас со Рим, една е светите Кирил и Методиј а втората е Мајка Тереза.

Во обраќањето кон папата Бенедикт XVI; дневен „Фокус“, 26.05.12.

 

Излегување од анонимност

Лично сметам дека уметниците на овој начин добиваат слава и излегуваат од анонимност по нивната смрт.

На отворањето на „Триумфалната порта“, 06.01.12.

 

Мафијашите и кичмата

На последните избори, освен како што е тоа нормално со опозицијата, бевме под жесток удар и на досега незабележана медиумска хајка од една мафијашка структура која држејќи во заложништво група новинари, сакаше да ја скрши кичмата на Македонија.

Пред подмладокот на ВМРО ДПМНЕ; Вечер, 21.11.11.

 

Македонија гради споменици, не јас

Тие (спомениците) не ми припаѓаат мене, ни на некој друг поединец или партија. Тие се дела на Македонија, како потврда за тоа што ни е оставено во аманет.

Во празничен говор; Zurnal.mk, 09.09.11.

 

 

 

Подароци

Најубавиот подарок за мојот роденден е најновата индиска инвестиција во Бунарџик. Исто така тоа е подарок од мене за македонскиот народ.

Вест, 03.09.11.

 

Избор(и)

Македонија на 5 јуни ќе има можност да избира помеѓу една промакедонска и една прогрчка коалиција.

На митинг во Битола; Утрински весник, 25.05.11.

 

Само...

Бранко Црвенковски сега е пензионер со највисока пензија во државата, има шофер, има канцеларија. Нека седи таму, нека ја зема пензијата и ќе му ја покачиме ако треба, како што ќе ја покачиме и на сите други, само нека ни се тргне од патот.

Нова Македонија, 19.05.11.

 

 

Гебелс од народот

Илјадапати повторена лага станува вистина, вели народот.

Интервју за МИА (долго 53 страници!), 13.01.11.

 

Три стила

Од друга страна, стиловите на зградите кои се градат се главно три и ниту еден не е антички. Тоа е современиот стил, барокот и неокласицизмот.

Интервју за МИА; 13.01.11.

 

Културен напредок

Културниот напредок е само дел од сеопштиот напредок на кој работиме.

интервју за МИА; 13.01.11.

 

И во некриза криза

Критикуваат како народот да заборавил дека кога СДСМ бил на власт и во некриза било криза.

На митинг, 15.06.10.

 

Б.Ц. и марихуаната

Како може да биде намерно кога марихуаната растела таму со месеци, таа била израсната уште Бранко Црвенковски кога го посетил, си растела. Ние не сме можеле да предвидиме дека Бранко ќе отиде во дворот каде што расте марихуана. Тоа бил негов избор, не бил наш избор.

А1 ТВ, 16.07.10.

 

 

Влада што почитува

Владата со ништо не придонела за каков било негативен извештај поврзан со медиумите. Секој граѓанин што следи медиуми може добро да види дали Владата ги контролира медиумите или можеби тоа го прави некој друг. Ова е Влада што ги почитува медиумите и никому ништо не е сторено. Секогаш кога сме во можност да помогнеме што било за развој на демократијата на медиумите тоа и го правиме. Владата е исклучиво заинтересирана за независност и непристрасност на медиумите и ќе продолжиме да вложуваме напори во тој правец.

Во Собрание; Утрински весник, 26.10.10.

 

Александар е позната личност

Зошто тогаш го правите споменикот?

- А зошто да не?

А зошто да, ако нешто правите, претпоставувам дека имате идеи зошто го правите тоа?

- Па, Александар Велики е позната личност во светската цивилизација и оценивме дека треба да се направи.

Во разговор за Б92 ТВ; 06.12.10.

 

Навистина смешно

Мислам дека по 5 децении или по 10 децении, ќе се чудат идните генерации што се случувало во овој период да некој толку ги подбуцнува луѓето да се делат на словенски или антички, едните другите да ги омаловажуваат или да ги негираат, тоа е смешно.

А1 ТВ, 27.12.09.


Слики: Свирачиња

Слични содржини

Книжевност / Историја
Став

ОкоБоли главаВицФото