Зошто нема револуциja

12.01.2017 12:06
Зошто нема револуции

На 7 ноември изминаа 99 години од светски значајниот историски настан – Октомвриската револуција. Би требало да се потсетиме на овој прогонет датум и на окупираниот и превреднуван поим, револуција. Зошто денес нема револуции кога нееднаквостите се драстични? Во Москва во ноември 1917 година немало многу крв и жртви за време на насилното преземање на власта. Жртвите пристигнале подоцна во граѓанската војна и во чистките на Сталин. Многу капиталистички реформи биле покрвави.

Денешниот дефетизам почна во 1989 година со транцизијата на умот. Тогашните левичарски интелектуалци почнаа да се прашуваат што за жал ќе остане од социјализмот или, поретко, што за среќа од него ќе остане. Триумфот за заслужениот крај на социјализмот го следеше триумфот за неговиот дефинитивен крај. Па сепак, 25 години потоа како оваа исклучивост да ослабнала зашто се јавуваат внимателни гласови за можности за слично рушење на капитализмот. Пазарниот фундаментализам денес речиси и не е помалку дискредитиран од еднопартискиот социјализам. Денес еден процент од најбогатите на светот поседуваат повеќе од остатокот од човештвото, а најбогатите 62 милијардери поседуваат исто колку и посиромашната половина од светското население. Бедата има свој систем – капитализмот.

И покрај тоа, нема револуциja, иако никогаш како денес сиромавиот не останувал сиромав, ниту богатиот останувал богат. Има антиколонијални војни, но антиколонијализмот веќе не е извор на светски револуции туку е лост за религиската реакционерност. Со исчезнувањето на социјалистичката ароганција на СССР настапи капиталистичката ароганција на САД и ЕУ. Манчестерскиот капитализам во авторитарна Кина уште повеќе го зајакна глобалниот триумф на капитализмот. Веќе не е идеал да се биде експлоатиран, туку да се биде вработен и постојано експлоатиран. Поимот револуција е прогонет не само заради конверзијата на интелектуалците туку и заради баналните околности дека капитализмот денес има повеќе тенкови од левицата.

Нема револуција и зашто таа е прогласена за насилство, а процедурата – за демократија. А дали е така? Границата помеѓу политичкото насилство и ненасилството е нејасна и секогаш ја наметнуваат владејачите. Социјалната револуција не е изворно туку реактивно насилство, одземање на одземеното, насилство против насилството. Не се ли изборите насилство? Ако сиромашните не можат да организираат медиумски успешна кампања туку само богатите, не е ли на дело репресивна толеранција? Променет е и виновникот. Партиите се одговорни, капитализмот не. На избори треба да се менуваат партиите, а не да се укинува експлоатацијата. Тоа е неолибералната култура на ослободувањето. Се заборава дека демократијата е обична процедура онаму каде социјалните разлики се големи. Но, каде да се најде детонатор за неослободениот гнев? Го нема, иако има многу критики на капитализмот. Ѕидовите на капитализмот се гумени, но нема ни успешни организатори на масовниот гнев. Дали капитализмот спонтано стана подобар зашто европскиот социјализам се покажа неуспешен? Иако, објективно гледано, капитализмот стана полош зашто драстично ја редуцираше социјалната држава. Но, бидејќи нема конкурентска хегемонија на идеологијата, победникот наметна сопствени критериуми за напредок. И на тој начин самиот се прогласи за подобар. Денес на револуцијата се гледа како на поразена идеја, што секако влијае на нејзиниот потенцијал за дејствување. Поразениот идеал не може да биде привлечен, таков може да биде победничкиот. До 1989 година револуцијата беше во регистарот на победниците. Денешна Кина повеќе ги охрабрува капиталистичките отколку социјалистичките промени, додека советскиот режим имаше обратно влијание.

Нема револуции зашто непомирливиот антагонизам на работата и капиталот е претворен во решлива еколошка, верска и полова напнатост. Современата неолиберална држава се темели на сојузите на врвовите на граѓанските партии со банките и тајкуните, а заштитена е со мрежа национални и мултинационални невладини организации. И покрај тоа, постои прогноза дека капитализмот може да умре од предозираност зашто ја уништи опозицијата која го гонеше за умереност. Дека ќе се уништи сам од себе и дека 1989 беше всушност Пирова победа на капитализмот. Ако веќе не може да се сруши, дали е утеха дека капитализмот може да колабира?

Не. Зошто? Клучниот тренд за јакнење на неумереноста на пазарите го дестабилизира капитализмот, но и покрај тоа отсуството на актери за промени од лево и понатаму го дестабилизира, па оттука, барем засега како резултат на оваа синергија поверојатен е реактивен удар од десно. Масовниот привремено вработен прекаријат не може да го блокира производството и тоа е клучната контрареволуционерна околност. И покрај тоа, мора да се учиме да размислуваме за крајот на капитализмот, иако не знаеме што и кога ќе го замени. Ако вистинските револуции го менуваат и човекот и ако се од онаа страна на постоечкото, ако се она што не е, а треба да биде, тогаш не го признаваат постоечкото како нужно. Во таа смисла Маркс е татко на револуцијата, а Декарт нејзиниот дедо. Не е доволно да се повторува дека капитализмот не е вечен. Треба да се промениме за да можеме да веруваме во алтернатива, а тоа значи да развиваме култура на небуржоаски живот и размислување. Во спротивно, оној што заповеда голем го прави оној што е послушен. Белки и поради тоа треба да се сетиме на Октомври 1917.

8.11.2016

Извор: https://radiogornjigrad.wordpress.com

Слични содржини

Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Европа / Свет / Историја
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото